На пренесувањето на телата на жртвите на скопскиот аеродром присутна е висока државна делегација во која е претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, целиот владин кабинет, претставници на ИВЗ и на МПЦ, како и високи делегации од Косово, Албанија и Бугарија.
По речиси едночасовното преземање од двата бугарски воено-транспортни авиона, посмртните останки на загинатите во автобуската несреќа беа пренесени до нивните вечни почивалишта.
Поворката тргна од Скопскиот аеродром каде последна почит на загинатите со положување венци им оддадоа претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.
Последна почит оддадоа и претседателката на Косово Вјоса Османи и претседателката на албанското Собрание Линдита Никола.
Венец положи и бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов, а по него во знак на почит се поклонија и првиот вицепремиер Артан Груби, министерот Бујар Османи, како и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
На плоштадот „Скендербег“ во Скопје веќе се поставени венци пред кои граѓаните можат да им оддадат почит на загинатите во несреќата.