Пожарот во Гостивар откри мрачна вистина на едно дисфункционално семејство

Вчерашната трагедија со пожарот во Гостивар по сè изгледа е само врв од ледениот брег на последиците кои ќе испливаат на површина. Допрва ќе следуваат и одговори на прашањата поврзани со трагедијата. Засега е познат само првичниот исход: едно седумгодишно дете го загуби животот, неговата мајка С.Т. (35) има помали изгореници и преживеан шок, еден стан речиси целосно изгорен, а неколку се оштетени.

Семејството не било корисник на социјална помош, ниту евидентирано во Центарот за социјална работа. Таму немало никакви информации за каков било тип на родителска негрижа, злоупотреба или несовесно однесување кон кое било од децата во семејството. Една од информациите која не ја потврдија институциите е дека несреќното дете не било заведено во матичната евиденција. Тоа припаѓало на категоријата „деца фантоми“ и не одело на училиште.

Последната информација за настанот е лишувањето од слобода на мајката на починатото дете. Од СВР Гостивар, информираа дека жената вчера околу пладне е задржана во полициска станица под сомнение дека сторила кривично дело „повреда на семејни обврски“ (член 203 став 2 од КЗ). Таму ќе биде задржана до денеска, по што се очекува да биде изведена пред судија на претходна постапка во Основниот суд Гостивар.

По првичниот шок, станарите во третата зграда на улицата „Кеј Вардар“ откако вчера утрото нерасонети спасуваа жива глава од огнената стихија која избила во стан на третиот кат, сè уште не можеа да влезат во домовите. Се чека увид на екипа од МВР. Објектот е без струја, а станарите ноќта ќе ја поминат кај роднини. За помалку од половина час, следуваше уште еден шок. Дознаа дека детето на соседите починало од изгорениците и задушување со отровен чад. Неколку часа подоцна, тие и пошироката јавност се потресоа од сознанието дека детето пред да дојдат пожарникарите било врзано со ланец за нозете.

Сознанијата ги потврдија од ОЈО од каде во соопштение наведоа дека во исказот на семејството, тоа е направено поради неговата агресивност.

Во разговор со соседите дознавме дека станува збор за дисфункционално семејството кое броело шест члена. Покрај С.Т. и нејзината сестра имало и уште три девојчиња и починатото дете. Тие по потекло се од Ресен, а во станот се доселиле како потстанари пред десетина денови. Сопственикот на станот е од Гостивар и подолго време го издавал по кирија.

Од Центарот за социјални работи Гостивар информираа дека ниту еден член од семејството го нема во нивната евиденција, а не било корисник на ниту едно право или услуга од социјалната и детската заштита. Сепак, во рамки на нивните надлежности веќе обезбедиле сместување и соодветна грижа за членовите од семејството коишто настрадаа во опожарениот стан.

Засега остануваат неодговорени повеќе прашања: од кога семејството живее во Гостивар, кој е одговорен и како се случило дете да биде врзано со ланец и катанец? Дали соседите не забележале ништо сомнително кај новодојденците, дали трагедијата е сплет на несреќни околности и конечно дали можела да биде избегната?

MИА

Критики за тоа дека треба да се слушаат критики од членови, зошто е разрешен Стојко Пауновски, зошто Максим Димитриевски не е член на Централен одбор, беа искажани на последниот конгрес на СДСМ кој се одржа во неделата.

повеќе

Владите ширум светот имаат тенденција да ги следат своите национални интереси, наместо да следат глобално координиран пристап.

повеќе

СКСМ - комора на иднината, САП системите - иднина на македонскиот бизнис.

повеќе