Пожарот над Галичник е ставен под контрола

Пожарот што избувна денеска над Галичник е под контрола и според последните информации, нема опасност за имотите и куќите, информира Месната заедница Галичник преку објава на Фејсбук.

Оттаму велат дека денеска интервенирале НП Маврово, Центарот за управување со кризи, Противпожарните бригади од Дебар и Гостивар, амбулантно возило Гостивар, хеликоптер на Армијата на Република Северна Македонија, локално население и екипи и возила на Коњички клуб Шерпа.

„Вечерва во Галичник имаме гости - специјална единица на Армијата, кои се присутни за поддршка доколку состојбите станат критични и се појави потреба од интервенција. Посебна благодарност до нив!

На Укален се гаснат последните остатоци од пожарот. Утре наутро се најавени летови за гаснење со двата армиски хеликоптера“, пишува во објавата.

Електричната енергија е сѐ уште во прекин и ќе биде повторно пуштена откако ќе се извршат потребните проверки, а за тоа, велата од месната заедница Галичник, ќе информираат дополнително.

Информацијата ја потврди Центарот за управување со кризи (ЦУК).

„Опасност од шумскиот пожар не постои по куќите од село Галичник. Согласно развојот на настаните, во координација со ЦУК, бараниот и обезбеден армиски хеликоптер со опрема за гаснење пожар, во Галичник стигнал најбрзо што можел, но не можел да дејствува, заради многу силниот и променлив планински ветер. Хеликоптерот бил принудно приземјен на најблиско можно место до Галичник. Екипажот бил подготвен да дејствува, согласно проценките за временските услови и силината на ветрот, а секако и се дури има и дневна светлина за видливост за летање и дејствување со хеликоптер за гаснење шумски пожар. На крајот од денот, хеликоптерот бил вратен во армиската база во Скопје.

Во селото Галичник, за негова заштита од шумскиот пожар, се присутни Територијалната противпожарна единица од Дебар (ТППЕ) со едно противпожарно возило, неколкумина припадници на МВР, од Националниот парк ‘Маврово‘ и самоорганизирани луѓе од месното население. Се очекува вечерва од Општина Тетово, во координација со РЦУК Тетово, да пристигне и да биде во приправност и специјално мало противпожарно теренско возило токму за шумски пожари и тим пожарникари со конкретна рачна опрема за гаснење шумски пожари“, соопштија од ЦУК.

 

Узурпацијата на јавниот простор како камен за сопнување на граѓанскиот активизам.

повеќе

Паузата во борбата против коронавирусот, бизнисот ја користи за свое преструктуирање и за непосредни контакти со компаниите кои беа запоставени во изминатиот период.

повеќе

Страшно е да се помисли дека постојат луѓе што со години се распрашуваат, го истражуваат, и го следат животот на граѓаните преку социјалните мрежи и интернетот.

повеќе