Извештај на Советот на Европа

Популацијата во затворите старее: Македонија прва во Европа по осуденици на 65 години и постари

Советот на Европа направи анализа во која се сумирани главните наоди од годишната казнена статистика за затворите во 2021 година. Четириесет и девет од 52 затворски управи во вкупно 47 земји–членки на Советот на Европа одговориле на прашалникот „Спејс 1“ за 2021 година, што опфаќа стапка на учество од 94 отсто. Според последната статистика на Советот на Европа направена во јануари, 2021 година, Македонија е прва по бројката на затвореници што имаат 65 или повеќе години, а по неа се Србија, Шпанија, Бугарија...

Одговори на прашалникот не испратиле Босна и Херцеговина и Малта. Советот на Европа нагласува дека ограничувањата на движењето во целиот свет што беа воведени поради пандемијата со ковид-19 во текот на 2020 година ја измениле структурата на можностите за извршување на кривичните дела. Според тоа, зголемени се онлајн-прекршоците. Дополнително, пандемијата го забавила функционирањето на обвинителствата и судовите, па забележано е намалување на бројот на лицата во казнените установи.

Просечната возраст на затворениците во европските казнени установи според податоците на Европскиот совет за безбедност е 36 години. Во земјите со најмалку милион жители оваа возраст варира од 30 до 44 години. Според податоците, 16,1 отсто од затворениците биле на возраст од 50 или повеќе години, а 2,7 отсто на возраст од 65 години или повеќе.

Во прашалникот „Спејс 1“ започнале да се собираат податоци со цел да покаже дека популацијата во затворите старее. Она што во моментот може да се каже е дека присуството на релативно висок процент на затворениците на возраст од 50 или повеќе години не е директно поврзано со рангирањето на земјите во другите индикатори претставени во оваа студија, како што е на пример стапката на затворска популација или должината на затворската казна.

Дури 95 отсто од затворениците во Европа се мажи, а само 5 отсто се жени.
Процентите покажуваат дека најголем дел од затворениците не ги отслужуваат правосилните судски пресуди, туку се во притвор, а опфаќаат 22 отсто од затворениците во Европа. Околу 17 отсто од осудениците во европските затвори се осудени за прекршоци за дрога. Затворениците осудени за убиство и убиство во обид опфаќаат 14 отсто од вкупниот број, а по нив следуваат осудените за кражба, 12 отсто.

Ако затворениците што ги отслужуваат затворските казни за убиство, напад, силување и други сексуални престапи се стават во една категорија, ќе опфатат 36,6 отсто од затворската популација во Европа. Според информациите од затворските управи на земјите-членки на Советот на Европа, десет имале затворска густина поголема од 100 затвореници на 100 места, додека кај 7 е забележана значителна пренатрупаност. Овде спаѓаат Романија, Сан Марино, Турција, Белгија, Грција, Италија и Кипар.

Во текот на 2020 година имало 1.252.761 прием во казнените установи, а имало 1.146.994 излези. Речиси сите, односно 99 отсто од излегувањата биле поради издржани затворски казни, а за 0,05 отсто се бегства. Престанок на отслужување на затворската казна поради смрт има во 0,3 отсто од случаите.
Стапката на смртност во европските затвори во 2020 година беше 29 затвореници на 10.000 затвореници, а на самоубиства 5,7 отсто на 10.000 затвореници.

Средната европска стапка беше 2,2 отсто бегства на 10.000 затвореници, што според Советот на Европа споредбено со 2019 година бележи големо намалување. Делумното објаснување е дека мерките за заштита од ковид и контролата на движењето го ограничи и движењето на осудените лица, односно донесе помалку затворски отсуства и помалку работа надвор од затворските ѕидови. Намален е и бројот на приемите, што исто така се поврзува со мерките воведени за ограничување на ширење на коронавирусот.

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе