И Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) и Националниот конзерваторски центар (НКЦ) се согласни само во едно – а тоа дека на парцелата под хотелот Радика е евидентирано недвижно добро Долномаалски гробишта. И тука почнуваат сите натамошни правни заврзлами преку кои некој очигледно ги остварува своите скриени планови. Дали е евидентирано или заштитено добро, дали е привремено наоѓалиште, кој кому што пишал, каков извештај подготвил, дали го пратил...
Она што го дознавме истражувајќи ја оваа проблематика е дека УЗКН потврдува дека во нивната документација е евидентирано недвижно добро Долномаалски гробишта (4-807-047/160 ЕНД) и дека за тоа има мали податоци.
Евидентирано археолошко наоѓалиште уште во 1996 година
Уште во мај годинава НКЦ утврдил дека на локалитетот каде што се наоѓал манастирот Клетовник (во близина на Долномаалските гробишта) досега не се вршени никакви археолошки ископувања и истражувања. Тимот на НКЦ откри голем број повреди на законските одредби во археолошкиот локалитет Долномаалски гробишта во мавровското село Леуново. Локалитетот Долномаалски гробишта бил евидентиран во евиденцијата на НУ Национален конзерваторски центар на недвижно културно наследство на територијата на Република Македонија – археолошки локалитети под бр 4-807-047/160 ЕНД како средновековна црква. Во Археолошката карта на Македонија уште во 1996 година е забележено дека во непосредна близина на селските гробишта се гледаат темели од објект граден со кршен камен и варов малтер, со ориентација исток-запад, со што е утврдено постоење на христијански верски објект – црква. Пред повеќе од 30 години Ж. Винчиќ и М. Ивановски од тогашниот РЗЗК (Републички завод за заштита на спомениците на културата) при стручен увид со површинска проспекција на овој простор констатирале и погребувања на христијански покојници, кои гравитирале околу темелите на црквата. Во селските преданија оваа средновековна црква е позната како манастир Клетовник.
Планерите биле известени, инвеститорот си гради
Од УЗКН ни рекоа и тоа дека планерската куќа од Гостивар „Полог проект“ била информирана за тоа дека на ова земјиште е евидентирано археолошко наоѓалиште. Според законот, планерот за ова требал да го информира инвеститорот, но наместо тоа „Полог проект“ изработи Архитектонско-урбанистички проект (АУП) со намена Б5, односно хотелски комплекс и изградба на 87 куќи. И покрај сѐ ова, Секторот за урбанизам на општина Маврово Ростуше без никаков проблем издавал одобренија за изградба врз регистрирано археолошко наоѓалиште.
На ова наоѓалиште багерите на инвеститорот „Радика ресорт“ без проблем копаат за темелите на планираните 87 викендички, или т.н. проект Радика вилиџ.
Според Законот за заштита на културното наследство (член 65), ако при градењето се открие археолошко наоѓалиште, изведувачот е должен веднаш да ги сопре работните активности.
На релацијата на УЗКН – НКЦ
Од Управата за заштита на културното наследство за МКД.мк велат дека тие треба да побараат од стручните лица од Националниот конзерваторски центар да се приоизнесат дали конкретното евидентирано добро треба да се поведе под добро со статус на привремено заштитени добра согласно член 38 од Законот за заштита на културното наследство. На нашето дополнително прашање дали тоа го сториле, велат „не“.
Од НКЦ пак чекаат тоа од нив да биде побарано и тие да истражат и да кажат дали ова наоѓалиште заслужува да биде ставен под заштита.
Додека се чека на ова, додека се чека на одговорноста за тоа како некој можел да издаде дозвола за градба, а се знаело дека тука има евидентирано археолошко наоѓалиште, се знаело дека се тоа градби во забранета зона според дозволената кота на нивото на езерото и ред други работи – багерите копаат.
А.Д.