Интервју со д-р Марија Коробар Белчева

Победата е во вистината, а таа, вистината, е наша и го чува нашиот јазик од ужасот што ни го наметна бесмислената бугарска политика

„Колку бесмислено звучат изјавите дека нашиот јазик не постоел пред 1944 година, наспрема фактот дека тој е засведочен дури и во документите на бугарската окупаторска администрација, судска и полициска“, вели во интервју за МКД.мк д-р Марија Коробар Белчева, научник со значаен придонес во македонистиката, а особено во науката за имињата. Нејзината најнова книга, „Македонски ономастички истражувања“, се состои од интересни статии за македонските лични имиња и топоними, а содржи и дел од големиот меѓународен проект „Словенска ономастика/енциклопедија“, двотомна енциклопедија во која македонската ономастика е застапена рамноправно со другите словенски јазици, на 100 страници, чиј автор е самата Коробар Белчева.

„Нам ни треба повеќе мудрост, онаа што доаѓа од мугрите на човештвото. Се разбира, и повеќе гордост и свест за јазикот. Треба да се знае дека тој е темелот на кој ги ѕидаме сопствените големини... А да се посегне по туѓото (како што тоа го прави бугарската политика) значи да се покаже сопствената беда на духот.“

Со поранешната директорка на Институтот за македонски јазик, која 50 години работи на популаризација на македонистиката, со што се потврдува македонската национална посебност, разговаравме за нејзината најнова книга „Македонски ономастички истражувања“, за бесмислените напади од соседите врз македонскиот јазик, за годинашниов голем македонски јубилеј - стогодишнина од раѓањето на Блаже Конески. „Конески е ренесансна личност. Со неговото дело се вградуваме во светот на модерната цивилизација“, вели таа.

Вие сте автор на книгата „Македонски ономастички истражувања“, којашто излезе пред некој месец. Toa e збир од статии од научни собири за имињата во македонскиот јазик. Генерално, што ни покажува областа ономастика, т.е. науката за имињата, за посебноста на македонскиот јазик?

Ономастиката претставува понова наука за најстарата наслојка во секој јазик. Се работи за дел од лингвистиката што ги проучува имињатa на места (топонимија), луѓе (антропонимија), водни површини (хидронимија), етничката припадност (етници и етноними) и на други сопствени називи. Тие називи или оними се дел од нашиот устен јазик, од нашиот фолклор. Настанале како потреба на човекот да се ориентира во просторот и така да комуницира со другите луѓе или да ја означи единката во конкретен колектив.

Нашите оними покажуваат и докажуваат дека македонскиот јазик има прасловенско, старословенско потекло и има сопствен развој, различен од другите словенски јазици. Во сите ономастички истражувања во нашата земја онимите се повеќе од 90 отсто словенски образувања. Се разбира, ономастиката открива и палеобалкански остатоци забележани во римски и грчки записи, од јазиците што се зборувале тука уште од предримско време. Тоа се обично имињата на реките, планините, на селата. Низ вековите тука живееле населенија што зборувале други јазици. Тие се засведочени во македонската топонимија како влашки, турски, грчки топоними. Но словенскиот елемент преовладува како дијалектен народен говор.

Само неколку примери: името на селото Вруток потекнува од прасловенската именка што значи извор, на градот Дебар од старословенскиот збор што значи клисура, потоа името на селото Жировница во основата има старословенска лексема што значи воденица итн.

Во книгата велите дека да се откријат значењето и потеклото на имињата значи „да се открие дел од историјата на народот, неговиот духовен и материјален развој и, особено, да се открие развојот на неговиот јазик“. Што откривте Вие преку Вашите теренски истражувања во подготовката на материјалот?

За да се открие значењето и функцијата на една онимиска единица е потребно да се има познавање од македонската дијалектологија, но и од историјата на јазикот. Исто така, треба да се знае под кои околности е создадено едно име, т.е. неговиот социокултурен контекст.

Имињата се чувствителни на промените во општеството и подлежат на различни влијанија и врски. Тоа многу јасно се следи во откривањето на етимологијата на нашиот главен град (на стр. 12 во книгата), но и на другите макро- и микротопоними. Само ќе споменам дека ојконимот Софрчани (село што се наоѓало 11 км западно од Дебар во областа Голо Брдо) потекнува од најстарото негово име Сухоречани, забележано во 14 век, па можете да си претпоставите колку фонетски и морфолошки промени претрпело името во вековите што следувале.

Сите тие промени се својствени на македонскиот јазик и се потврда за самостојниот, автохтон негов развој. Но не само тоа. Преку топонимите се открива и духовниот живот на македонскиот народ, неговиот начин на живот, неговите верувања и слично. Затоа во книгата има посебен оддел за митологијата во топонимијата.

Која празнина ја пополнија „Турските документи за историјата на македонскиот народ“? Што дознавте преку нив?

Без историска документација нема ономастички истражувања. Од големо значење за нас се историските потврди што ги наоѓаме во нашите стари ракописи. Тоа се разни записи, натписи, црковни книги, кодики и сл. Некои од нив се многу стари, од 12, 13 век, а Турските документи се од 14, со прекини, до 20 век. Тоа е најпрецизната наша документација. Очигледно Османлиското царство било многу организирана држава.

Забележани се голем број имиња на наши села и градови, па дури се регистрирани не само имињата на местата, туку и жителите во нив со нивните имиња, нивната религиозна припадност, брачната состојба на луѓето. За нас е особено важен податокот што во Турските документи се дадени и преименувањата на имињата на населените места.

Бевте вклучена, како самостоен автор, и во меѓународниот проект Енциклопедија на словенската ономастика. Во таа двотомна енциклопедија македонската ономастика е застапена на 100 страници, рамноправно со другите словенски јазици. Од какво значење за нас е оваа Енциклопедија?

Нашето присуство во меѓународните проекти е потврда и признание за самостојноста на македонскиот јазик и на македонскиот народ од другите народи, но најважно е неговото признавање на дело од лингвистите во светот.

Рамноправното учество во големите проекти како што се Карпатскиот атлас, Општословенскиот атлас, Современите словенски јазици, Етимолошкиот речник на Трубачов, па и во оваа Енциклопедија, сведочи дека нашиот јазик е посебен и поинаков од другите словенски јазици и има свое посебно место во современата славистика. Впрочем, меѓународните проекти се најмоќното сведоштво против посегањето по нашето јазично богатство.

Во книгата што ја претставувате е внесен текстот што беше објавен во ономастичката Енциклопедија. Го давам во почетокот како општ преглед на македонската ономастика. Освен тоа, сакав тој да биде претставен и пред македонската јавност, бидејќи оваа Енциклопедија е отпечатена во Полска. Во продолжение следуваат текстови посветени на имињата на луѓето, нивните презимиња, имињата на местата, социолошко-лингвистичките и митолошките теми.

Вашата докторска дисертација во 1985 била на темата „Топонимијата во Дебарско“. Во новава книга велите албанскиот јазик во историјата како да немал влијание врз македонските топоними, но и дека денес „македонските топоними наголемо се преведуваат на албански јазик“. Велите, „должност на државата е да преземе мерки за да го заштити автохтониот македонски топономастикон“. За нашата држава да преземе мерки, потребна е иницијатива од јазичните институции. Имало ли таква иницијатива?

Имаше, и тоа двапати. Издаден е и зборник од научниот собир пред 20-тина години, ама резултатите се никакви. Со иселувањето на населението и со отстапките на политичарите „далеку“ ќе стигнеме.

Се прават напори топонимискиот материјал да се дигитализира, да се заштитат македонските топоними собирани макотрпно уште од средината на 20 век, и тоа од целата македонска јазична територија. Собирањето е макотрпна работа. При собирањето на топонимите од егејскиот и пиринскиот дел ни помагаа и колеги од други земји. Тие понекогаш беа изложени на непријатности.

А што се однесува до заштитата поопшто, ќе истакнам дека во земји со поголема традиција топонимите се заштитени со закон. Ме бендиса тој закон во Словенија. Словенците се пример како се штити јазикот. Ние, за жал, како да немаме свест за значењето на нашиот јазик. Во развиените земји како Франција, Англија или Русија се гради и се негува култ кон сопствениот јазик. Во Франција секоја година се одржува диктат за да се видат познавањата од ортографијата. На него учествуваат луѓе од сите возрасти, од ученици до пензионери. Деновиве читам дека таков натпревар се спроведува и во Русија.

Просторот на говорење на македонскиот јазик се протега на југ до планината Грамос и сѐ до Тракија, на исток до Рила, а на север и на запад до државните граници, велите во книгата. И денес ли е така?

Не е. Јас таа констатација ја презедов од студијата на проф. Видоески „Македонската топонимија како извор на македонската дијалектологија“, а неговите истражувања се од средината на минатиот век и главно имаат историски аспект.

Денес состојбата, за жал, е изменета. Ретко, многу ретко може да се чуе македонски збор во Пиринска или Егејска Македонија. Поминати се времињата кога таму се зборувало само македонски. За илустрација ќе ја споменам статијата Антропонимите во градот Костур во XV век (во книгава што ја претставуваме на стр. 127), каде што се забележани 897 лични имиња. Од нив само 2,5 отсто се турски, само 5 имиња се грчки и по две се влашки или еврејски. Сите други се македонски и по форма и по содржина. Тој репертоар од пред повеќе од 5 века е изразито традиционален и национално обоен, а дури и денес тие номинации се присутни во нашиот современ репертоар на лични имиња.

Велите „и покрај живото национално чувство кај Македонците во соседните земји со словенско население помладите генерации потешко го зборуваат мајчиниот македонски јазик“, што е „директна последица од непостоењето на образовни институции на македонски наставен јазик“. Тоа значи дека македонскиот, како и топонимите, таму изумира?

Така е. Ниту Грција, ниту Бугарија не признаваат македонско присуство во своите земји. Ги кршат безмилосно меѓународните правила и покрај опомените што ги добиваат од меѓународните организации.

Советот на Европа повеќе од една деценија бара од Бугарија да ги признае малцинствата во таа земја. Во Грција топонимите, особено оние на макроплан, ги преименуваа уште во 1926 година, и тоа со декрети на нивната влада. За нив нема егзодус на македонското население.

А бугарските власти, дури и во 21 век, не престануваат да ги верглаат старите фрази, навреди и лаги за македонскиот јазик и македонскиот народ. На секој барем малку разумен одамна ќе му станеше јасно, но ним не им пречи да се изложуваат на подбив од целиот академски свет. Како е можно, и покрај сите докази за посебноста на македонскиот јазик, покрај сите факти, сите истражувања, граматики, истории, правописи, симпозиуми, странски енциклопедии и научни трудови, ним уште да им е интересна таа изветвена и навредлива негаторска политика?

Што се однесува на топонимите, ќе истакнам дека тие во Бугарија се сметаат дека се бугарски, па во нивните лингвистички студии топонимите од Македонија ги обработуваат како да се бугарски.

Сега како да нема јунак кај македонистите стручно и аргументирано да одговори на најновиве напади од Бугарите. Се чини дека нашиве сегашни лингвисти претпочитаат битките да ги водат на Фејсбук, со популистички извици и колнења, отколку професионално и аргументирано, преку институциите. Но ова на бугарските власти не им е првпат. Одговорот на Конески во 1948 си го повторивме. Какви беа другите реакции на македонските експерти на бугарските напади во минатото?

Ние обично не им остануваме должни на овие напади. Покрај споменатиот одговор на Конески во 1948 година (којшто вашиот портал го преобјави годинава) и во 1978 година имаше сличен, ако не и идентичен напад од научниот персонал во Институтот за бугарски јазик во Софија.

Колегите Стаматоски и Димитровски, под редакција на Блаже Конески, издадоа книга со факти и документи за многувековното постоење на нашиот македонски јазик.

Последниот напад од бугарската држава деновиве беше причина овој пат да се спротивстават МАНУ, Институтот за македонски јазик, Друштвото на писателите на Македонија, други институции, но и поединци. Не е дека молчиме. Бугарската државна политика е таква, агресивна, негирањето нема да престане, сега е и со невидена хистерија. Колку бесмислено звучат изјавите дека нашиот јазик не постоел пред 1944 година, наспрема фактот дека тој е засведочен дури и во документите на бугарската окупаторска администрација, судска и полициска.

Се јавија и еминентни лингвисти од странство да ја кажат вистината. Нема фајде. Ни го трошат времето, ни наметнуваат разговор за идентитетските прашања за кои цивилизиран човек не разговара. За жал, Европа молчи и со тоа ги крши своите основни начела.

Дека сѐ е политика, а не наука, сведочат промените на тврдењата пред и по Информбирото. Така, еден Македонец од Пиринска Македонија, Поптомов, е главен уредник на весникот Работническо дело. Тој до Информбирото во 1948 се залага за слободно дејствување на македонските организации во Бугарија, а по Информбирото ја води кампањата против Македонија.

„Јазикот е вруток на македонската самосвест, столб на националното чувство, на самодовербата, највозвишениот наш белег, решавачки фактор за многу мапи, духовно богатство и наследство, и тој, јазикот, е оној што нè памети, како што ние него го паметиме“, напишавте еднаш. Политичариве изгледа не ги интересира ова, јазикот денес им е еден од последните приоритети. Дали се согласувате дека политиката придонесе за падот на писменоста во училиштата, медиумите, институциите? Или одговорноста е чисто кај пасивните јазичари? Или можеби и кај нивната исполитизираност?

Од сѐ понешто. Веќе споменав дека треба да се гради свеста за значењето на македонскиот јазик и тој постојано да се негува. И тоа уште од мали нозе, во домашното огниште, во градинка, во училиштата, па сѐ до крајот на животот. За тоа треба да се ангажираме сите, целото општество. Тука поединци не можат ништо.

И мене ми пречи таа негрижа за јазикот. Во образовниот процес повеќе се внимава на литературата, што не мислам дека е лошо, но убедена сум дека е потребно исто толку да се изучува и граматиката и правоговорот на македонскиот јазик. Но и кадарот таму треба повеќе да се потруди. Лоша е состојбата и со учебниците. Јазикот во медиумите исто така е со многу грешки. Некои од политичарите внимаваат, ама повеќето се навистина за критикување.

Ги читам написите во нашиот печат од пред 5 или 6 децении. Сите се со многу оптимизам, а во однос на јазикот и многу покоректни. А тоа е време кога литературниот јазик сѐ уште не ги имаше раскрилено своите можности.

Денес времињата се поинакви. Како да се изгубени некои вистински и трајни вредности. За жал, парата е Господ. „Силна е невидливата рака на пазарот и личниот интерес на поединци“ ќе напише Адам Смит уште во 18 век. Ако на тоа ја додадеме и глобализацијата, ќе заборавиме кои сме и каква ни е иднината. Ќе заборавиме дека јазикот има првостепено значење за националната свест и култура, а неговиот стандард е влезница во светот на модерната цивилизација.

„Македонскиот јазик како најстар словенски јазик има изразита моќ на опстојување и покрај многуте влијанија низ времето“, велите во книгата „Македонски ономастички истражувања“. Но може ли сега нашата сопствена политика да го порази јазикот? Мислите ли дека е можно на македонскиот јазик во ова невреме да му пресудат самите внатрешни дневнополитички интереси?

Не сакам да размислувам во таа насока. Нашиот македонски јазик опстојал и во потешки времиња, во оние кога не сме имале држава.

Денес имаме држава со свој стандарден, литературен јазик речиси 8 децении. Илјадници страници се напишани на македонски јазик од сите области на нашата култура. Преведени се дела од македонски автори на сите светски јазици. Зарем тоа не ја покажува еруптивната сила на аргументите? Македонскиот јазик сега ужива рамноправен третман со другите јазици во Обединетите нации. Во 1977 година со Резолуција е усвоен систем за романизација на македонската кирилица. Македонскиот јазик е застапен во стандардот за јазици на Европската Унија. На Европскиот ден на јазиците, поточно на 26 септември 2020 година, геслото на Денот беше испишано и на македонски јазик (Откриј го светот преку јазиците). Малку е познато дека уште во 1923 година познатиот американски атлас од професорот Гуди (Goode) во листата на словенски јазици го бележи и македонскиот. И Прогласот за востанието во 1941 година е напишан на македонски јазик, а тоа е време кога нашиот јазик е забранет.

Сепак, победата е во вистината, а таа, вистината, е наша и го чува нашиот јазик од ужасот што ни го наметна бесмислената бугарска политика, без ни малку чувство и смисла за добрососедство. Во Бугарија фактите не се почитуваат, само се задаваат удари. Сведоци сме дека доаѓаат од политичките елити. Зарем тие не знаат дека стотици книги се преведени од македонски на бугарски и обратно? Има поединци што се спротивставија, вистина воздржано, но сепак со поинаков став.

За жал, таква е нашата сегашност, нималку поразлична од онаа во 19 век и во почетокот на 20 век. Ганди по еден повод ќе рече дека науката без хуманост не е наука. Токму таква е бугарската наука, т.е. политика. Нам ни треба повеќе мудрост, онаа што доаѓа од мугрите на човештвото. Се разбира, и повеќе гордост и свест за јазикот. Треба да се знае дека тој е темелот на кој ги ѕидаме сопствените големини. Да се знае дека безмалку целата култура на еден народ се темели на нејзиниот јазик.

А да се посегне по туѓото (како што тоа го прави бугарската политика) значи да се покаже сопствената беда на духот.

Оваа година се чествува 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. Какво е местото и значењето на овој наш великан во македонската култура?

Иницијативата е прекрасна, а како тргнале работите, и со реализацијата можеме да бидеме задоволни. Покрај вообичаените најавени свечени седници и научни собири, мене особено ми направија задоволство распишаните конкурси на учениците за ликовни и поетски творби на оваа тема, за посетата на спомен-домот на Конески во Небрегово. Уметникот Сергеј Андреевски слика букви од нашата азбука во чест на Конески, писателот Томислав Османли напиша поема за Конески, Атанас Вангелов издаде 3 тома.

Конески е видно присутен по медиумите, по училиштата и факултетите насекаде оваа година. Инаку за Конески е веќе кажано дека овој великан на нашата литература и лингвистика го подигна цивилизациското ниво на нашата култура. Конески е ренесансна личност. Со неговото дело се вградуваме во светот на модерната цивилизација. Тој е творечка сила што извира од овие наши простори, со сензибилитет што му припаѓа на овој македонски народ. Неговото творештво го надминува локалното значење и станува универзално од повеќе аспекти. Покрај тоа беше учител по човекољубие и човечност. Вонвременска личност, достоинство на македонскиот народ, јазичен гениј чие дело и денес ја надградува македонската култура.

Ружица Пејовиќ

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе