По надзорот на Инспекторатот за животна средина дадени рокови

Петровска: Во Мавровското Езеро нема да смее да се испушта непречистена отпадна вода

Дел од хотелите, другите туристички и угостителски објекти, како и стопански фирми во општината Маврово и Ростуше кои со отпадните води ги загадуваат Мавровското Езеро и реката Радика од Државниот инспекторат за животна средина добија решенија со кои се обврзани да инвестираат во технички решенија кои ќе значат прочистување на водите кои ги испуштаат. Засега само четири правни субјекти имаат пречистителни станици, но директорката на Инспекторатот Ана Петровска е уверена дека бидејќи пречистителните станици не се голема инестиција, дека сите субјекти ќе постапат по решенијата.

Во Извештајот на Државниот инспекторат за животна средина за контролата што била направена врз 19 правни субјекти во текот на февруари и март се вели дека само четири од нив имаат пречистителна станица, некои имаат септички јами за кои ќе треба да се утврди дали се водопропустливи или не. Но, за десет од субјектите се издадени решенија со кои се задолжени да изработат Елаборат за заштита на животната средина кој треба да биде одобрен од Министерството за животна средина или од општината и се издадени три решенија за обезбедување Дозвола за испуштање на отпадни води од страна на Министерството. Останатите шест правни субјекти во времето на надзорот од страна на Инспекторатот не работеле, па за нив ќе се изврши дополнителна контрола.

Објектите, за кои подолго време жителите на општината,граѓаните со викендички и туристите предупредуваат дека ги загадуваат езерото и реката, за што МКД.мк повеќе пати пишуваше, доколку не вградат технички решенија за пречистување на отпадните води, ќе се соочат со казни.

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска во изјава за МКД.мк вели дека со извештајот од извршениот надзор детално е разработен проблемот во општината.

„Граѓаните со право реагираат и ние реагираме во нивен интерес и во интерес на животната средина во овој убав регион. Проблемот со водите е серизен, а ние може да делуваме во рамки на законите. Граѓаните треба да знаат дека проблемот не се решава преку ноќ, туку со преземање на мерки во определени рокови според законот. Ако веднаш ги затвориме објектите ефектот нема да биде долгорочен. Очекуваме резултатите на терен да се почувствуваат веќе за шест месеци“, ввели Петровсја.

Таа информира дека некои од субјектите имаат елаборати, но и дека треба низ процедура сѐ да се утврди и практично да се провери. На прашањето дали казните со кои евентуално ќе се соочат доколку не ги испочитуваат роковите ќе бидат мотив и навистина технички да спроведат прочистување на отпадните води, директорката вели дека е убедена дека постои добра волја и дека ќе вложат пари во заштита на животната средина.

„Претежно станува збор за мали правни субјекти за кои цената на пречистителна станица не е голема. Имајте предвид дека некои од сопствениците немаат познавања за техничките можности, не биле ниту запознати дека денес постојат евтини уреди за биофилтрација. Дел од нив сега се информирани дека можат да ги применат пречистителните станици кои веќе ги имаат четири правни субјекти. Дури, јас сум оптимист дека тие сега и ќе се натпреваруваат кој попрв ќе набави и вгради таков уред, бидејќи тоа ќе му се врати како позитивна инвестица, имајќи предвид дека функционираат во атратктивен и чист регион, каде и луѓето доаѓаат токму заради природата. Мислам дека во извесна мера е подигната свеста за чиста животна средина", вели Петровска.

Рокот за постапување по решенијата добиени од Инспекторатот е 90 дена, потоа евентуално доколку елаборатите не им бидат одобрени, следуваат казните кои најпрво се прекршочни. По одобрениот елаборат, се бара дозвола за испуштање на отпадни води со потребната документација, исто така во рок од три месеци, а за недобиено одобрение следува казна.

„Со дозволата Министерството за животна средина и просторно планирање на праавните субјекти ќе им ги пропише количината и квалитетот на отпадните води што смеат да се испуштаат во езерото. За да се усогласат со параметрите што ќе им се пропишат со дозволата, повеќето правни субјекти ќе треба да изведат пречистителна станица", се вели во Извештајот на Инспекторатот".

Оние пак, субјекти, кои имаат водонепропусна септичка јама и ќе имаат елабораат, ќе треба да докажат дека имаат склучен договор за нејзино чистење од овластена компанија. Тие пак, што немаат ваква септичка јама, ќе мора да ја направат.

Инаку, во извештајот се забележува дека и тие четири правни субјекти кои веќе имаат пречистителни станици, немаат одобрени елаборати и се задолжени да ја истераат целата процедура до добивање на дозвола, која ќе значи дали таа пречистителната станица е целосно функционална или ќе треба да се направат определени технички интервенции.

Во општината Маврово - Ростуше потврдуваат дека поголемите хотелски капацитети им најавиле дека ќе инвестираат во пречистителни станици. Мавровското Езеро е во низок водостој поради искористувањето за производство на струја па заедно со непречистените отпадни води живиот свет е доведен во опасност, а под закана е и една од најчистите реки во земјава - Радика. Според АД ЕСМ, водостојот на езерото е во рамки на дозволените коти за зафаќање на вода.

Во продолжение и листата на правни субјекти во мавровскиот регион врз кои е изршен инспекциски надзор.

П.Џамбазоски

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе