По повод Денот на АРМ

Пендаровски до АРМ: Ќе инсистирам на подобрување на вашиот стандард

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска се обрати на централната свеченост што по повод 18 Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија се одржа во Армискиот центар за обука на вода, во Охрид. Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето.

„На денешен ден, на 18 август 1943 година, на Славеј Планина бил формиран првиот баталјон именуван во чест на паднатиот борец и народен херој, член на Главниот штаб на народноослободителната војска и партизанските одреди ‒ Мирче Ацев. Формирањето на оваа прва голема воена формација е особено значајно и токму затоа, по прогласувањето на нашата независност, 18 август е избран како ден на современата македонска армија. На самите свои почетоци, Армијата започна скромно и во крајно неповолни услови и опкружување. Меѓутоа, за кратко време се консолидираше, а веќе во средината на 1990-тите отпочна со структурните реформи, со цел, да се трансформира во армија на идна земја членка на НАТО“, истакна Пендаровски

Пендароски нагласи дека членството во Алијансата е наш стар стратешки приоритет уште од почетоците на нашата независност, кога беше донесена Резoлуцијата за влез на земјата во НАТО, одлука која во 1993 година во тогашниот парламент беше поддржана од сите парламентарни партии.

„Нашата армија, преку десетици ротации и учество на илјадници свои припадници беше и сè уште е дел од многу меѓународни воени мисии, со долгогодишно присуство во меѓународните операции во Ирак, Авганистан, Либан, АЛТЕА во Босна и Херцеговина и како клучен сегмент, долги години, од статусот на земја ‒ поддршка на КФОР на Косово, покажувајќи дека можеме да бидеме интероперативни со армиите на сите партнерски земји и да ги исполнуваме обврските со цел ‒придонес во колективните системи на одбрана и безбедност. Патот кон НАТО е изоден преку макотрпни реформи, лични вложувања и максимална посветеност на генерации и генерации припадници на вооружените сили.

Сквадронот на транспортни хеликоптери од воздухопловната бригада на Здружената оперативна команда е една од единиците со кои се гордееме. Сквадронот има особени заслуги и исклучителен придонес за јакнење на одбранбената способност, зачувувањето на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на нашата држава, како и за успешно претставување и афирмирање на Армијата на Република Северна Македонија во меѓународни рамки“, кажа Пендаровски.

Пендаровски нагласи дека како врховен командант ќе инсистира на подобрување на вашиот животен и професионален стандард.

„Почитувани војници и старешини, како ваш врховен командант сакам да ви кажам дека секогаш ќе ја имате мојата поддршка за опремување и модернизација на вооружените сили, но и за подобрување на условите за живот и работа. Еден од приоритетите во овие реформски процеси ќе биде насочен кон декларираните НАТО-единици. Во овој контекст, целосно ги поддржувам заложбите на Владата, како идна НАТО-членка да издвојуваме 2% од БДП за инвестирање во одбраната и во рамките на моите надлежности ќе направам сè, оваа цел да ја достигнеме во предвидениот рок ‒ најдоцна до 2024 година. Како врховен командант ќе инсистирам на подобрување на вашиот животен и професионален стандард. Како што вие одговорно, посветено и професионално го исполнувате вашиот дел од обврските, така и ние политичарите и носителите на одлуки мора да ја исполниме нашата обврска кон вас. Доволно е да се сетиме на вашиот несебичен ангажман при справувањето со елементарните непогоди, како и при обезбедувањето на јужната граница при соочувањето со огромните мигрантски бранови во 2015 и 2016 година.

Вие многупати ја оправдавте довербата и на нашите граѓани и на нашите сојузници. Затоа, во нивно име, честитајќи ви го празникот, ви благодарам за професионализмот, посветеноста и дисциплината во извршувањето на задачите“, рече Пендаровски.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе