Патот до село Дренок е уништен од тешки камиони кои ја соголуваат живописната шума

Локалниот пат до планинското село Дренок, недалеку од некогашната караула на границата со Албанија е уништен од камионите натоварени со дрва исечени по падините на Јабланица. По патот по кој не би смееле да се движат возила потешки од 5 тони, секојдневно се спуштаат огромни камиони кои со товарот тежат 30-тина тони. Институциите ниту ја запираат сечата на дрва, ниту се заинтересирани да го реконструраат патот.

Селото Дренок се наоѓа во живописниот крај Дримкол, на 1.095 метри надморска височина на Јабланица, под врвот Радеч. Лоцирано крај границата со Албанија, на 34 километри од Струга. Жителите се Македонци. До Дренок е многу тешко да се стигне затоа што патот речиси по целата должина е уништен. А, бил изграден пред педесетина години со самопридонес на жителите на малото село и со помош на тогашната Југословенска народна армија. Војската го користела за да стаса до караулата, недалеку од селото, а жителите, како и оние кои за викенд се враќале во родното село биле задоволни од асфалтираниот пат.

Подоцна, со осамостојувањето на Македонија, извесно време патот го користела македонската армија, но потоа караулата била отстапена на Министерството за земјоделство. Долги години жителите се сведоци како го снемува асфалтот од патот и како се отвораат вистински кратери кои е тешко да се заобиколат. Но, сведоци се и како се соголува убавата Јабланица, што од легална сеча на дрва, што од дрвокрадци. Луѓето се се прашуваат кога земјиштето ќе се излизга и ќе направи вистинска катастрофа.

„Постојано ги алармираме институциите дека патот се уништува од тешки камиони кои носат дрва од планината. По овој пат не би смееле да минуваат возила потешки од 5 тони, но секојдневно гледаме тешко натоварени камиони кои тежат и по 30 тони, можеби и повеќе. Стариот пат тоа не може да го издржи. А, кога ќе треба да се разминете со таков камион, по угорнина или удолнина уште и на остар свиок, па тоа е вистинска авантура, а некогаш невозможна мисија", вели Филип Чижбановски кој често слободните денови во Скопје ги менува за мирот и тишината во зелениот крај на Дренок.

Но, институциите не се заинтересирани да вложат во реконструкција на патот. Ниту Општина Струга, ниту самиот градоначалник. Ниту пак другите државни институции. Кога ќе слушнат за колку постојани и повремени жители станува збор, како тука да завршува муабетот, со фразите: „Ќе видиме, ќе настојуваме, ќе се ангажираме...". А за АРМ тоа веќе не е локација од интерес.

Чижбановски вели дека може да се активира моделот на некогашниот самопридонес со учество на државата, но и со евентуална помош преку донации од граѓани и организации.

„Сообраќајниот знак за ограничување на движење на возила потешки од 5 тони повеќе пати е откорнат и однесен од дрвокрадците. Баравме од Македонија пат да го врати знакот, да направи санација на патот. Со вратен допис до нас од претпријатието за патишта за состојбата и карактерот на патот, би можеле да поставиме рампа со армирани бетонски столбови низ кои не би можеле да се протнат големи камиони, шлепери, кои се убијци за патот", вели Чижбановски.

Тој додава дека одново ќе го започнат патот низ институциите за обнова на патот, но вели, сѐ повеќе меѓу нас се зборува и за протести и организирање на блокада за да се оневозможи движење на тешко натоварените камиони кои ја соголуваат шумата.

„Возењето на последните 4 километри по патот до селото е претворено во вистински пекол и уништување на нашите автомобили. Но некогаш е и опасно да се влезе во расправија со камионџиите. Покрај тие што имаат концесија за сеча на дрва, голем е и бројот на дрвокрадци кои возат нерегистрирани камиони, а некои се и вооружени", вели Чижбановски.

Неодамна е формирано Здружение за обнова на селото, како појдовна основа за сите ентузијасти и вљубеници во село Дренок да придонесат за надминување на проблемите. Жителите, но и кој било граѓанин кој има можност, а не сака и ова живописно македонско село да исчезне од географската карта, може да донира пари за санација на патот, велат од Иницијативниот одбор за обнова на Дренок.

„Имајќи предвид дека институциите не покажаа интерес за ова мало зелено парче од македонската земја решивме да отвориме сметка во Стопанска банка АД - СКопје со број 200-0023630276-62. Можеби ќе има некаков резултат, барем колку - толку да се направи санација. А до кога ќе трае соголувањето на шумата, тоа го оставаме на совеста на државата", велат од Иницијативниот одбор".

П.Џ.

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе