Истражување на ИРЛ

Општина Маврово сака да ја продаде Куќата на зетот, културно обележје од Галичката свадба

Во Галичник се прави обид институционално да се приватизира и да се комерцијализира галичкото културно наследство. Позната како „Куќата на зетот“, Вила Доста, која ја поседува државата, е во опасност. На барање на месната заедница Галичник, во дубиозни процеси општината одобрила трансформација на сопственоста на објект којшто го поседува самата држава, додека задругата имала само право да го користи. Така, општината ја дала „Куќата на зетот“ на селска задруга, која е во стечај. Стечајниот управник решил да го продаде објектот и го ставил на електронска аукција. Оттогаш наваму, месната заедница Галичник се бори со локалните и со националните институции да ја спречи приватизацијата на Вила Доста и на овој значаен македонски културен печат, пишува ИРЛ.

Според селаните, куќата е регистрирана како државна сопственост во 1945 година. Но, бидејќи некој мора да се грижи за објектот, правото на управување државата во тоа време го доделувала на постоечките локални организации, во случајов, тоа била земјоделската задруга „Бистра“ од Галичник.

Вила Доста стана препознатлив симбол на селото или куќата од чијашто тераса се испукуваат трите куршуми што го означуваат почетокот на Галичката свадба. Потоа зетот, придружуван од звуците на националните инструменти зурли и тапани, излегува од Вила Доста, популарно наречена „Куќата на зетот“, и ита да ја земе својата сакана за жена.

Организиран од месната заедница Галичник, Галичкиот фестивал на свадби е важно парче од македонската култура чија цел е да ги зачува старите обичаи, фолклор и традиции. Галичката свадба и годинава ќе се одржи од  15 до 17 јули. Претседателот на месната заедница Галичник, Александар Костиќ, реши да им се обрати на новинарите во ИРЛ со надеж дека алармот во јавноста ќе помогне да се тргне опасноста од приватизацијата на „Куќата на младоженецот“ – закана за повеќедецениска јавна традиција.

Месната заедница на Галичник за постапката дознала сосема случајно, кога на интернет виделе дека Вила Доста, која функционира како музеј, е ставена на продажба на владиниот портал за електронски аукции.

„Да не забележевме дека е на аукција на интернет и да не преземевме драстични мерки, веројатно веќе куќата ќе беше продадена за евтини пари“, рече Костиќ.

Никој од месната заедница Галичник не знаел за лицитацијата освен поранешниот претседател Митре Ажиевски. Без никој да знае, тој во март 2016 година ја доставил потребната документација за приватизација на Вила Доста до Општина Маврово и Ростуше, со напомена дека е тоа музеј. Десет месеци подоцна, во јануари 2017 година, Ажиевски потпишал изјава со којашто сопственоста на Вила Доста ја пренесува на земјоделската задруга „Русин“, која, пак, уште од 2014 година е во стечај.

На 15 мај 2017, општината ќе одлучи позитивно по барањето на Ажиевски и ќе издаде наредба Вила Доста да ѝ биде предадена на земјоделската задруга во стечај „Русин“, како нејзин нов сопственик. Бидејќи задругата веќе е во стечајна постапка, со нејзиниот имот управува стечајниот директор Мирослав Анастасиевски, назначен од судијата Реџеп Асани од локалниот граѓански суд од Гостивар. Па така, Вила Доста станува имот во стечајна постапка за чијашто судбина одлучува стечаен управник.

Кон крајот на истата година, на 21 декември, стечајниот управник ќе одлучи да ја продаде Вила Доста. Во објавата подготвена за електронска аукција, Анастасиевски ќе наведе дека продава недвижен имот од 338 метри квадратни, со проценета вредност од 63.118 евра. Анастасиевски вели дека не добил понуди. Поранешниот претседател на месната заедница Галичник, Митре Ажиевски, за новинарите на ИРЛ изјави дека е свесен за културното значење на Вила Доста. Запрашан како воопшто се сетил да ја менува сопственоста на Вила Доста, Ажиевски даде нелогични одговори. Првично тврдеше дека сакал да ја префрли куќата на месната заедница од Галичник за да ја заштити од приватизација, но подоцна се премислил.

„Имотот бил на земјоделската задруга ‘Бистра’, чиј правен наследник е земјоделската задруга ‘Русин’ “, изјави тој.

Но, документите од регистрациските влошки го покажуваат спротивното – дека имотот бил и останува во сопственост на Владата.

„На почетокот само сакав да го легализирам на име на месната заедница Галичник, но под притисок на стечајниот управник Мирослав Анастасиевски, бев принуден да побарам од општината да го трансформира во сопственост на земјоделската задруга ‘Русин’ “, рече Ажиевски.

Земјоделската задруга „Бистра“ е формирана во 1974 година, но во 2003 година дел од членовите ќе одлучат да го променат името во земјоделска задруга „Русин“.

Набргу по промената на името, задругата почнува да пропаѓа. „Имотот што го поседувавме почна да се распаѓа, а добитокот го поделија неколку наши членови“, раскажува Ката Дренковска, поранешна вработена во задругата.

Стечајниот директор Анастасиевски негира дека вршел притисок Вила Доста од државен имот да стане имот на земјоделската задруга „Русин“.

„Што се однесува на тоа дали сум вршел притисок врз одредени луѓе, како стечаен директор не би си дозволил да коментирам нечии изјави кои немаат врска со реалноста“, вели Мирослав Анастасиевски во писмена изјава за ИРЛ.

Според него, стечајната постапка за земјоделската задруга „Русин“ е поведена на барање на доверителот „Кјуби Македонија“, приватна осигурителна компанија со седиште во Скопје. Одборот на доверители на земјоделската задруга ќе одлучи да го ликвидира претпријатието и притоа да го продаде имотот за да ги подмири долговите. Клучни повереници се јавните институции, како што се Управата за јавни приходи и Фондот за пензиско осигурување.

„Без разлика на историското значење на имотот, не можам да постапувам спротивно на Законот за стечај“, рече Анастасиевски. Тие закони, рече тој, бараат од него да го продаде имотот и да ги врати средствата. Но, ако имотот е во сопственост на владата, што му дало право да го продаде? Тоа останува суштинско прашање за сопственоста и за предложената продажба.

Официјалните записи од Катастарот евидентираат дека „Куќата на младоженецот“ отсекогаш ѝ припаѓала на државата. Земјоделската задруга „Бистра“ и подоцна нејзиниот наследник, земјоделската задруга „Русин“, сепак, имаат дозвола да го користат од 1994 година. Според онлајн архивата на Катастарот, земјиштето е државно, но самата зграда е под името „Земјоделска задруга Русин“. Локалниот катастар во Гостивар никогаш не ја евидентирал промената на сопственоста од 2017 година. Според евиденцијата на гостиварскиот Катастар, зградата е во државна сопственост.

Ако се погледне веб-страницата на владината евиденција за недвижности – Катастарот, сегашен сопственик на Вила Доста е „Земјоделската задруга Русин“, додека земјиштето е на државата.

Но, за да ги проследи точните промени на сопственоста низ годините, ИРЛ ја побара официјалната историја од локалната канцеларија на Катастарот во Гостивар. Овие документи покажуваат дека и земјиштето и објектот Вила Доста ѝ припаѓаат на државата од 1994 година, и оттогаш до денеска кај нив не се пријавени никакви промени во сопственоста.

Историската евиденција покажува дека додека земјоделската задруга имала дозвола да ја користи куќата, таа никогаш не го поседувала објектот.

Во 1975 година, селото Галичник добива посебен статус од централната власт. Многу од неговите градби биле наведени како индивидуални културни споменици. Меѓу нив е Вила Доста, или „Куќата на младоженецот“.

„Објектот е во категоријата значајно културно наследство“, стои во електронскиот допис помеѓу ИРЛ и Министерството за култура. Покрај културната ознака која на објектите им дава одредена заштита, како државна сопственост куќата е под заштита на Државното правобранителство, институција чијашто работа е да го одбрани имотот на државата, односно на граѓаните.

Кога државниот правобранител добил известување дека куќата е ставена на лицитација, му наредил на градоначалникот на Маврово и Ростуше, Медат Куртовски, веднаш да ја прекинат постапката за легализација. Но тој одбил. Државното правобранителство потоа го известило Министерството за транспорт и врски.

Во корист на државата, на општинската власт ѝ било наложено веднаш да ја сопре продажбата на Вила Доста. Но, од 2020 година, кога е донесена одлуката, административците на локалната самоуправа и градоначалникот одбиваат да го стопираат процесот, па дури и ја игнорираат директната наредба на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, како што велат за ИРЛ од Министерството за транспорт и врски.

„На 22 декември 2021 година, повторно беа поднесени претставки поради молкот на администрацијата во општината, по што министерот за транспорт и врски го задолжи градоначалникот на Маврово и Ростуше да постапи, но до овој ден градоначалникот не постапил и нема донесено решение“, соопшти Државното правобранителство.

Општина Маврово и Ростуше молчи. Тие не одговорија на прашањата и на барањето за коментар што го испрати ИРЛ.

Музејот на културното наследство на Галичник се наоѓа во подрумот на Вила Доста. Има експонати, фотографии, книги, оригинална традиционална облека и други предмети што локалните жители ги зачувале низ годините. Таму се чуваат и примероци од литературното списание „Галичник“, кои биле печатени во 50-тите години на минатиот век.

Во музејот се сместени скулптурата на познатиот македонски писател Ѓорѓија Пулевски, книги посветени на филологот Партеније Зографски, на првиот македонски митрополит, филолог и фолклорист Панајот Гиновски, како и други материјали што оставиле белег не само во традицијата на селото, туку и во историјата, културата и идентитетот на Македонија.

„Ќе продолжиме да го браниме имотот на Галичник, иако немаме поддршка и се бориме сами“, изјави разочараниот претседател на здружението на месната заедница Александар Костиќ.

Едно е сигурно: оваа година Галичката свадба ќе започне вообичаено на чардакот на „Куќата на младоженецот“. Од чардакот на ова национално обележје ќе бидат испукани три куршуми, а потоа ќе писнат зурлите и тапаните.

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе

Потписниците на нотарските изјави дека нема да гласаат за измените на Уставот се подложни на промени за материјално благо.

 

повеќе