Курсот започнува на онлајн Платформата на Советот на Европа за Едукација за човекови права за правни професионалци/ки (ХЕЛП) и е дел од заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС), кој има за цел да ги зајакне слободните, независните и различните медиумите, како суштински дел од едно демократско општество.
Амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Дејвид Гир, рече: „Вредноста на овој курс, кој има за цел дополнително да им помогне на правните професионалци/ки, новинар(к)и и службеници/чки за спроведување на законите во идентификувањето и адресирањето на заканите упатени кон медиумските актер(к)и, е уште поголема во време кога слободата на изразување – клучен елемент на демократијата и суштинска вредност на ЕУ – се соочува со бројни предизвиви, не само во земјата, туку и во ЕУ и ширум светот. Новинар(к)ите и понатаму се цел на вербални и физички напади, и се соочуваат со опструкции во нивната секојдневна работа, што пак ја загрозува нивната клучна улога како чувари во општеството. Последниот таков пример кај нас е неодамнешниот напад на ТВ екипа во Гостивар. Препорачуваме измени и дополнувања на легислативата со цел подобрување на позицијата на медиумските актер(к)и, но исто така ја истакнуваме важноста на широки и сеопфатни консултации кои треба да вродат со квалитетни закони кои потоа ќе бидат целосно имплементирани во пракса.“
Патрик Пенинкс, раководител на Одделот на информациско општество, им се заблагодари на учесниците/чките за соработката при зајакнувањето на капацитетите на правните професионалци/ки со цел да се осигура слобода на изразување преку заштита на новинар(к)ите. „Со оглед на штетните последици кои ги предизвикуваат нападите на новинар(к)ите во демократските општества, заштитата на новинар(к)ите и другите медиумски актер(к)и е високо поставен приоритет на Советот на Европа. Преку низа на активности, Советот на Европа се стреми на новинар(к)ите и другите медиумски актер(к)и во своите земји-членки да им овозможи исполнување на нивните улоги како чувари на демократијата, без мешање и без страв, и дека ниедно кривично дело сторено против новинар(к)и и други медиумски актер(к)и нема да помине неказнето“, заклучи Пенинкс.
Наташа Габер – Дамјановска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители на Македонија, ги потврди нивните заложби за следење на европските стандарди во едукацијата на суди(јк)ите и јавните обвинител(к)и. „Соработката со проектот ЈУФРЕКС во изминатиот период многу придонесе за обучувањето на суди(јк)и и јавни обвинител(к)и во полето на слободата на изразување, и во идниот период ќе се фокусираме на последните случувања во судската пракса на Европскиот суд за човекови права во делот на заштита и безбедност на новинар(к)ите“, рече Габер-Дамјановска.
Во своето обраќање, претседателот на Адвокатската комора на Македонија, Љубомир Михајловски, се осврна на успешната соработка со заедничкиот проект на Европската Унија и Советот на Европа, слобода на изразување и слобода на медиумите во Македонија. Тој истакна дека знаењето со кое се стекнуваат адвокат(к)ите од ваквиот тип на обуки ги мотивира да ги користат и применуваат Европските стандарди и судската пракса на Европскиот суд за човекови права во нивното професионално секојдневие.
Драган Секуловски, Извршен директор на Здружението на новинари на Македонија, говореше во името на новинар(к)ите и другите медиумски актер(к)и во Северна Македонија. „Потребни се поголема политичка волја и систематски решенија кои ќе водат до разрешници на стари случаи на напади на новинар(к)и и спречување на нови напади. Втора работа која треба да се направи е зголемување на социјалните стандарди на новинар(к)ите и загарантиран социо-економски статус на сите професионални медиумски актер(к)и. Зголемувањето на економските стандарди на новинар(к)ите е значајно за да тие бидат поотпорни на притисоци и да бидат помотивирани да произведуваат квалитетни содржини во служба на јавниот интерес“, заклучи Секуловски.
Курсот ќе биде под водство на две локални туторки кои на своите колеги/шки суди(јк)и, јавни обвинител(к)и и адвокат(к)и ќе им помогнат во препознавањето и адресирањето на заканите упатени на новинар(к)и и други медиумски актер(к)и. Темите во рамки на обуката се разгледуваат на практичен начин, преку презентации, интерактивни вежби, тестови на знаење и вежби за рефлектирање.
ЈУФРЕКС/ХЕЛС онлајн курсот нуди преглед на клучните стандарди и правни рамки за заштита на новинар(к)ите, помага да се идентификуваат и разберат различните форми на притисок со кои се соочуваат новинар(к)ите, и нуди механизми за борба против и спречување на неказнивоста. Курсот – кој трае 10 часа – е интерактивен и користи иновативни методи на предавање. Покрај курсот под водство на тутор/ка, курсот е исто така достапен за самоучење и сите заинтересирани може бесплатно да се регистрираат на линкот.
Оваа активност е организирана во рамки на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“, и проектот „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија“, и е имплементиран во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители и Адвокатската комора на Македонија.