Апел до надлежните

Охрид СОС: Во Старото градско јадро се подготвува изградба на уште еден несоодветен 4-катен објект

И покрај сите препораки на УНЕСКО и начелни определби за заштита на Охрид и охридскиот регион, надлежните институции во градот и натаму се дел од негрижата и уништувањето на, во случајов Старото градско јадро, предупредуваат од здружението Охрид СОС.

Според нив, Управата за заштита на културното наследство и Заводот за заштита на спомениците и  музеј Охрид постапуваат спротивно на обврзувачкото мислење на Комисијата за управување со Охридскиот регион.

„Препораките на УНЕСКО ги добивме, но уништувањето, на сега веќе малку останато од автентичното старо градско јадро, продолжува. За случајот со план за нова градба на четири нивоа во Варош, во непосредна близина на Заводот за заштита на спомениците и музеј Охрид информиравме уште во март. Ова не е прв случај со добиено конзерваторско одобрение да се оди на несоодветна градба. За  непрофесионалното работење на Управата за заштита на културното наследство и НУ Завод и музеј Охрид сведочи целото Старо градско јадоро и пошироко.

Но, ова е, прв случај Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион да даде негативно мислење (декември 2020 година). Во мислењето пишува дека во издадената документација на заводот и на комисијата „изостанува стручност и знаење за потребата од зачувување на светските вредности“. Одобрението за градба не стана правосилно, а потоа се спроведе инспекциски надзор во кој требаше да се утврдат и корегираат сопствените грешки, што се разбира не беше сторено. Министерството за култура, токму во периодот кога на министерката Стефоска ѝ гореше под нозе поради случајот со ресторан Парк и со наближувањето на 44. седница на УНЕСКО, најпосле се инволвира и побара „да се преиспита стручната основаност на конзерваторското одобрение“. Така, по барање на министерството, кон крајот на март, Управата за заштита на културното наследство конечно го сопре процесот со што градбата не можеше да почне. Но, на административните лавиринти им нема крај.

Дали Министерството за култура ќе дозволи институции во негова надлежност да продолжат да го загрозуваат културното наследство на Охрид? Дали министерката и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Ирена Стефоска е свесна дека мислењата на Комисијата за управување со Охридскиот Регион се обврзувачки? Дали вака се манифестира „целосна посветеност на зачувување на статусот на УНЕСКО и гаранција за заштита, зачувување и одржливо управување со Регионот“ како што кажа на 44. Седница на Комитетот за светско наследство?

Со истите висококомпромитирани ликови на истите функции, со непрофесионален кадар,  преџвакани фрази за загриженост и хронична неодговорност, без владеење на правото, Охрид и  Охридскиот регион продолжуваат сигурно по патот од кој нема враќање“, се вели во апелот на Охрид СОС.

Го потсетувам претседателот на државата дека уставниот рок за создавање на парламентарно мнозинство е 20 дена, а веќе 30 дена Владата нема парламентарно мнозинство.

повеќе

Неразрешеноста на случајот („Јавна соба“) дури после речиси две години од неговото откривање ја активира јавноста бидејќи се руши илузијата дека надлежните работат на случајот.

повеќе

На националистичките агенди во регионот им треба релативно мала искра за да се направи многу поголем пламен.

повеќе