Реакција

Охрид СОС: Владините институции и општината се неодговорни кон единственото УНЕСКО подрачје

Граѓанската иницијатива „Охрид SOS" оценува дека владините институции се главните виновници за настанатата ситуација и поместувањето на Охридскиот регион на Листата загрозени светски вредности на УНЕСКО, а како крајно неодговорни ги карактеризира изнесените ставови на општината Охрид по документот од УНЕСКО.

„Само некој кој нема допир со реалноста, за извештај во кој се препорачува ставање на единственото УНЕСКО добро од Македонија на Листата на светско наследство во опасност, може да си дели комплименти дека направил, како што изјавија, значајни чекори за зачувување на статусот на Охрид и езерото во УНЕСКО. Челниците на македонските институции очигледно не знаат и не можат ништо повеќе освен упорно и тврдоглаво да ја продолжуваат штетната тенденција за правење театар за јавноста. Состојбата на терен е очајна, се работи кампањски, хаотично и некоординирано. Се нема една единствена визија, ниту усогласеност помеѓу управувачите со доброто (општините, министерствата, владата)", стои во реакцијата од „Охрид SOS".

Од иницијативата уште се прозива Општина Охрид дека донела неприменлив План за управување со Охридскиот регион, Студијата за валоризација на Охридското Езеро со предвиден период за истражување од само три месеци, потоа неуривањето на хотелот во Лагадин, несанкционираната узурпација на Светинаумските извори, криволовот...Како непостапување се посочуваат и новоизградени ѕитчиња на брегот, мистериозни тампонирања на брегот, неусогласување на законите за да би можел Планот за управување со регионот да биде применлив, додека во меѓувреме се дигаат висококатници во Старото градско јадро, а Студенчишко блато не е ставено под привремена заштита според планот од пред една година?!

За тврдењето дека прв пат е воспоставена платформа за соработка со Република Албанија за заштита на сливот на езерото во двете соседни држави, оценката од „Охрид SOS" е дека таа соработка е обврска од Договорот за прекугранична соработка потпишан уште во 2004 година, со отворено прашање како моќе да се смета за напредок и достигнување задоцнување од деценија и пол и одржување на само една единствена средба на тој комитет.

По однос на справувањето со дивоградбите од „Охрид SOS" нагласуваат дека ниту Општина Охрид, ниту Владата немаат воспоставено никаков план со динамика за работа.

Граѓанската иницијатива „Охрид SOS" оценува дека владините институции се главните виновници за настанатата ситуација и поместувањето на Охридскиот регион на Листата загрозени светски вредности на УНЕСКО, а како крајно неодговорни ги карактеризира изнесените ставови на општината Охрид по документот од УНЕСКО.

„Активностите" беа само за пред камери и само за пред избори и затоа општината и не продолжи „во наредниот период", освен ако тој „нареден период" не е предизборието на претстојните локални избори, велат од Иницијативата и оценуваат дека власта калкулира, наместо да воспостави објективна контрола.

На секоја власт на која врвен приоритет ѝ е собирање евтини политички поени, јавниот интерес не ѝ е ни во првите 100 „приоритети", посочуваат од „Охрид SOS".

Од Иницијативата констатираат дека изминатите четири години откако националната и локалната власт се во рацете на една иста партија, единственото подобрување е напуштањето на налудничавите проекти на нивните претходници, додека истовремено се планираат туристичкиот комплекс во Горица, а туристичките развојни зони за Љубаништа 1, Градиште и Калишта се промовираат на страницата на Министерството за транспорт и врски и најперфидно се турка изградба на марина кај Студенчишко блато.

„Управувањето со единствениот УНЕСКО регион во Македонија не може да се сведе на откажување од мегаломански штетни проекти додека истовремено се допушта истата галопирачка деградација на природните вредности и истото комплетно запуштање на културното наследство. Охридскиот Регион е дестинација за елитен, не за евтин туризам. За управување со овој уникатен регион е неопходна визија, знаење, правичност, искрена посветеност и чувство на одговорност. А тоа се епитети и вредности кои носителите на одлуки во последниве три децении покажаа дека ги немаат ни во активниот речник, камоли како дел од сопствениот систем на вредности", забележуваат активистите на „Охрид SOS".

Острата реакција од Иницијативата ја заокружуваат со порака дека не може да се дозволи истите партии и истите луѓе во раководните структури на институциите да ги повторуваат истите грешки.

„Тие мора да бидат исфрлени од институциите и да одговараат за злоделата. Доста беше", оценува „Охрид SOS".

 

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе