Апел

Охрид СОС: Нефи Усеини е пак кандидат за Советoт, ама и за нова асфалтна и бетонска база со поглед на УНЕСКО езеро

Отуѓувањето на државното земјиште на локалитетот Мауцкер (на влезот во Охрид) пред четири години не беше дел од ветувањата на ниту една политичка партија, но последниове две годин и се спроведува. И тука главна улога повторно има бизнисменот и актуелен кандидат за советник на ДУИ за општина Охрид, Нефи Усеини, човекот против кого има неколку пријави за дивоградби, информираат од граѓанската иницијатива Охрид СОС откривајќи уште еден скандал поврзан со работата на локалната самоуправа. Следува уште една пријава до ДКСК.

 Охрид СОС потсетува на повикот за електронско јавно наддавање со број 1/2020 објавен на 5 септември минатата година за отуѓување на државно земјиште во Индустриската зона Мауцкер во КО Долно Лакочереј - вон град, во која биле понудени неколку парцели и тоа ГП 1.1, ГП 1.12, ГП 1.13, ГП 1.14 (сите дел од КП 1219/1). Јавното наддавање било закажано за 7 октомври 2020 година.

„Како што може да се види на веб-страницата на Агенцијата за катастар на недвижности, во Индустриска зона Мауцкер две парцели се во сопственост на правниот субјект „Нефи Ик“ ДООЕЛ Охрид и тоа 1219/12 и 1219/14. Тоа нè води до заклучок дека две од четирите градежни парцели од јавниот повик на Општина Охрид биле отуѓени на оваа фирма или евентуално на друг субјект кој подоцна ги отуѓил на постоечкиот сопственик. „Нефи Ик“ ДООЕЛ Охрид е фирма во сопственост на Нефи Усеини, поранешен советник во Советот на Општина Охрид од ДУИ и тоа, од конституирањето во октомври 2017 година до престанување на неговиот мандат на 4 декември 2020 година (Сл. Гласник 15/2020). Тој поднесе оставка на функцијата затоа што зделките со Општина Охрид кои ги поништуваше Државна комисија за спречување на корупцијата се покажаа како подоходовни. Сепак, тој е носител на листата на ДУИ и во овој изборен циклус. Не само што не доби санкции од својата партија за протежирање на лични интереси, напротив, тој е охрабрен да продолжи понатаму. Сега завиен под зелениот слоган.

Општина Охрид на својата веб-страница има објава за Проектна програма за изработка на Урбанистички проект за парцелирано градежно земјиште за разработка на ГП 1.12 (Блок 1) во УПВНМ за Индустриска зона Мауцкер во КО Долно Лакочереј – вон град, Општина Охрид, со основна класа на намена Г2, изработена од „Нефи & A инвест“ ДОО Охрид со датум 6 август 2020 година, со која се планира изградба на асфалтна и бетонска база на ГП 1.12 (16.529 м2) – предмет на горенаведеното наддавање.

Градежната парцела 1.12 од проектната програма, била изработена два месеци пред јавното наддавање и еден месец пред Општина Охрид воопшто да направи јавен повик за нејзино отуѓување, сето тоа во време кога Нефи Усеини беше советник во Општина Охрид и член на Комисијата за урбанизам и Комисијата за финансии и буџет. Урбанистичкиот план за парцелизирано земјиште, согласно проектната програма - Урбанистички план за парцелизирано градежно земјиште за разработка на ГП 1.12 (Блок 1) во УПВНМ за индустриска зона Мауцкер - Долно Лакочереј -  вон град - бил изработен во февруари 2021 година по приватна иницијатива на компанијата „Нефи Ик“ ДООЕЛ – Охрид, фирма во сопственост на Нефи Усеини.

За потсетување, Нефи Усеини е сопственик на нелегалната бетонска база на излезот од Охрид кај Далјан за која инспекторот за градежништво и урбанизам даде налог за отстранување во април 2019 година, а градителот заработи кривична пријава. Инспекцискиот надзор врз нелегалната бетонска база беше инициран од Граѓанската иницијатива Охрид СОС, а службите на Општина Охрид избегнуваа да постапат со образложение дека сопственикот на базата е непознат. Откако идентитетот на сопственикот Нефи Усеини се обелодени, а Општина Охрид делумно, за потребите на извештајот до УНЕСКО, ја отстрани во август 2020 година, тој во неколку наврати за медиумите изјавуваше дека очекува Општина Охрид да му најде подобра локација. Дали двете парцели во Мауцкер, вкупно 21.560 м2 кои Нефи ги добил се „награда“ за нелегалната бетонска база?

Згора на тоа, на терен, површината на нелегалната база која е проширена на исток сè до Коселска Река сега е двојно поголема.

Значи советникот Нефи Усеини како избрано лице и носител на функција, имал информација за планираното отуѓување на државно земјиште во Мауцкер. Фирмата „Нефи & A инвест“ ДОО Охрид почнала со подготовка на документацијата уште пред повикот да биде направен, очигледно знаејќи дека ГП 1.12 со 16.529 м2, вака или онака ќе му припадне на Нефи Усеини. „Нефи Ик“ ДООЕЛ Охрид ја довршил работата со подготовка на урбанистичкиот план за новата база. Новата база пак, е не само бетонска, туку и асфалтна. Според последните информации Општина Охрид, пред само два месеци издала и одбрение за градба. Асфалтна и бетонска база со поглед на УНЕСКО езеро.

Но, прашањето е, што правеле во Општина Охрид додека Нефи Усеини стратешки си работел на „трансформација“ на државен во приватен имотот? Или можеби Нефи учествувал во креирањето на условите тоа јавно наддавање воопшто да се случи? Во секој случај, во Општина Охрид си траеле и извршувале наместо, согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси тоа да го спречат и на тој начин станале соучесници.

Згора на тоа, Општина Охрид не го ни поднела овој Урбанистички план до Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. А, што е со УПВНМ за индустриска зона Мауцкер кој Општина Охрид треба/ше исто така да го усогласи со Планот за управување согласно обврските кон УНЕСКО и кој исто така треба да биде одобрен од Комисијата?

Поради тоа, со сите расположливи информации, доставивме претставка до Државната комисија за спречување на корупција, за испитување на случај на судир на интереси што довело до стекнување со имотна корист на сметка на јавниот интерес. Се чини дека некој е привилегиран во оваа општина и се става над сите други жители, на повластена позиција. Штетите ги трпи градот, животната средина, луѓето. Локацијата која е пренаменета за индустриска зона се наоѓа во непосредна близина на два археолошки локалитети, еден на магистралниот пат Охрид – Скопје, а другиот на ридот над патот. Ако со години беше дива депонија толерирана од комуналните претпријатија и општината, давајќи грда слика на влезот во градот, сега овој простор кој го користеше армијата и беше релативно нечепнат децении претходно, ќе се трансформира во потенцијален загадувач. Ќе профитира еден субјект, на штета на цел град“, соопшти Охрид СОС.

Го потсетувам претседателот на државата дека уставниот рок за создавање на парламентарно мнозинство е 20 дена, а веќе 30 дена Владата нема парламентарно мнозинство.

повеќе

Неразрешеноста на случајот („Јавна соба“) дури после речиси две години од неговото откривање ја активира јавноста бидејќи се руши илузијата дека надлежните работат на случајот.

повеќе

На националистичките агенди во регионот им треба релативно мала искра за да се направи многу поголем пламен.

повеќе