Нема крај на уништувањето на Езерото

Охрид СОС: Дали има сове(с)т општината?

По палењата на трските на брегот на Охридското Езеро, за нарадната седница на Советот на општина Охрид се планира земјишта во сопственост на Република Македонија, земјиште каде нема изградени објекти да се стави во категорија „вклопување на бесправно изградени објекти". Некои од катастарските парцели се наоѓаат на самиот брег на Охридското Езеро, на атрактивна местоположба, предупредуваат активистите на граѓанската иницијатива Охрид СОС.

Во денешното соопштение Охрид СОС вели дека општината не е транспарентна, дека Советот не работи во име на жителите на општината и дека ниту еден документ, за ниту една седница не е јавно достапен на увид, барем седум дена пред седницата на интернет страницата на општината. Активистите на оваа иницијатива со пребарување преку АКН ГИС системот на Агенцијата за катастар пронајдоа кои парцели се предложени за легализација на следната 26 седница на Советот.

„Во продолжение, ставаме на увид за што ќе гласаат меѓу другото (односно што треба да легализираат) советниците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ. Во описот на секоја слика е наведено под која точка е на дневен ред и за која локација, односно катастарска парцела се работи. Зачудува како земјиште во сопственост на Република Македонија, во Трпејца, кај авто-кампот „Андон Дуков“ (вчера гореше трската кај кампот), во Велестово и на други локации каде нема изградени објекти се става во ваква категорија „вклопување на бесправно изградени објекти“. Некои од катастарските парцели се наоѓаат на самиот брег на Охридското Езеро, на атрактивна местоположба. Се сеќаваме на повлечената точка од дневен ред за месноста Градиште, каде се подготвуваше слична операција, а тука сè уште не е завршен процесот на денационализација.

Се ближат локални избори. Со кој образ ќе излезат кандидатите, особено оние на двете најголеми партии, пред сограѓаните, кога нивните сопартијци зад очите на јавноста, без консензус овозможуваат вакви работи? Дали можеби палењето трска после специјалната болница „Свети Еразмо“ беше на некоја од овие парцели кои се на дневен ред? Се сомневаме во сè. Ниту еден советник, службено лице, носител на јавна функција не нè убедил во спротивното. Со ниту едно дело, постапка. Сите овие материјали ќе се достават како анекс на деталниот извештај испратен неодамна до неколку меѓународни институции, меѓу кои и УНЕСКО. Никому не му е гајле за природното наследство, за ова непроценливо богатство. Сите се лицемери, чекаат прилика да материјализираат одреден простор, да остварат профит.

Бараме отфрлање на точките и запирање на легализацијата. До септември минатата година требаше да се направи инвентар на сите нелегални градби и да се поднесе до УНЕСКО, да се изработи СОЖС за кумулативните влијанија. Ништо да не се чепка (освен уривање) додека не се изработи Планот за управување со охридскиот регион. Наместо тоа, приоритетите на локалната самоуправа (како да) се поинакви“, се вели во апелот на Охрид СОС.

КП 1499, КО Трпејца - точка 43. Предлог- одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко - планска документација, со цел вклопување на бесправно изградениот објект на Кп.бр.1482 и 1499 КО Трпејца.

Ледина на запад од централното јадро на селото, неизградена, во сопственост на Република Македонија. Огромна површина, веднаш над езеро. Што треба тука да се легализира и зошто толкава површина? За чиј интерес?

  

КП 869/1, КО Охрид 4 - точка 55. Предлог- одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко - планска документација, со цел вклопување на бесправно изградениот објект на кп.бр. 869/1 и 869/2 КО Охрид 4.

Прва во табелата за сопственост е Република Македонија. Парцелата не е сегментирана, туку е претставена како една целина. Тоа е авто-кампот „Андон Дуков“. Парцелата е на самиот брег, нема 50 метри од највисокиот водостој, иако брегот треба да е јавен простор.

 

КП 869/2, КО Охрид 4 - точка 55

Изграден објект, во сопственост на Република Македонија. Не е кажано за каков објект се работи, зошто досега бил дивоградба и токму сега се створила потреба да се легализира. Во рамките е на (обиколен од) КП 869/1 и веројатно би влегол во планот за таа парцела.

КП 866/1, КО Охрид 4 - точка 58. Предлог- одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко - планска документација, со цел вклопување на бесправно изградениот објект на Кп.бр. 860/1, 860/2, 865/1 и Кп.бр.866/1 КО Охрид 4.

Огромна парцела, многу блиску до брегот. Се забележува напред, на плажата дека е исчистена трската, прекинат е појасот, веројатно некој од локалните сопственици правел отворен простор за чамци, пристап од вода. Дали е и тука брегот приватизиран?

 

КП 5863/2, КО Охрид 4 (Горица Север) - точка 56. Предлог- одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко -планска документација, со цел вклопување на бесправно изградениот објект на Kп.бр5863/2 KO Oхрид 4.

Горица Север треба да е заштитна зона за блатото. Дали сега се легализира за да се отежне или оневозможи заштитата?

  

КП 645/2, КО Велестово - точка 17. Предлог- одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко - планска документација, со цел вклопување на бесправно изградениот објект на Кп.бр. 645/1 и Кп.бр. 645/2 КО Велестово.

Парцелата 645/2 е во сопственост на Република Македонија, нема изграден објект, се води како нива. Кој и зошто ја легализира / приватизира?

Објавено

Четврток, Март 28, 2019 - 07:11

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе