Како им одговори Конески на Бугарите во '48 (1)

Будењето на македонскиот народ за нив беше опасност да им се ислизне од рацете пленот околу кој долго време си ги вадеа очите

Великобугарите силно ги дразнеше постоењето на македонската литература, па се напинаа да докажуваат како таа „измислица“ треба да ја снема, вели македонскиот умник над умниците Блаже Конески во книгата „По повод најновиот напад на нашиот јазик“ во 1948, во одбрана на македонскиот јазик од тогашните бугарски напади.

И тогаш, како и сега, јазикот, изворот на нашиот идентитет, бил напаѓан со најдолни удари од страна на бугарските националисти, кои се пенавеле и тогаш, како и сега, 70 години подоцна, го нарекувале „дијалект“, го презирале, се подбивале како можело на тој „прост“ јазик да се создава литература, го нарекувале со погрдни имиња итн. Со таа разлика што, ние тогаш сме го имале Конески да им возврати:

Весникот „Работническо дело“, од 9 октомври о.г. ја донесува статијата на Георги Чанков, организационен секретар на БРП (к), под наслов „Предавниците на социјализмот и на македонското дело“. Тоа е еден прилог повеќе во редот на невоздржаните напади против нашата земја и нашето водство што уследија од различни страни по донесувањето на резолуцијата на Информбирото. Ние ќе се запреме овдека на таа статија, доколку во неа, меѓу другото, се засегнува и нашиот литературен јазик, реагира Конески во 1948 и вели дека На повеќе пати по резолуцијата на Информбирото, при различни случаи, можеа да се чујат од страна на извесни раководители на БРП (к) искажувања во однос на македонскиот јазик што наполно се поклопуваат со великобугарското становиште за него.

Оформувањето на нашиот литературен јазик, пишува Конески, дојде како појава најмалку сакана од великосрпските и великобугарските шовинисти. И за едните и за другите тоа означуваше будење на македонскиот народ, и следствено најголема опасност да им се ислизне од рацете пленот околу кој што веќе долго време си ги вадеа очите. Расправијата меѓу нив е добро позната. Со какви средства се водеше таа на јазичното поле? Требаше по секоја цена да се докаже припадноста на македонскиот дијалект кон српскиот или бугарскиот јазик; со таа преднамерено поставена цел се приоѓаше кон прашањата од историјата на тој дијалект“, така што фактите послушно се редеа на нејзиниот конец, давајќи две различни научни“ теории, наежени една спротив друга; врз основа на така установената поголема близост на „дијалектот“ со српскиот или со бугарскиот јазик автоматски, според сите правила на науката“, се установуваше националната припадност на македонскиот народ, т.е. кажано со поголема прецизност: се освештаваше правото на едната или другата буржоазија да го експлоатира крвавиот труд на македонскиот народ.

Меѓутоа, изградбата на самостоен македонски литературен јазик, што почна особено да се разгрнува пред минатата војна во Вардарска Македонија, дојде да покаже дека целата таа сметка се правела без крчмарот, дека не се прашал оној што бил на прво место за прашање - македонскиот народ. Правото да се определи како едно или друго, правото да го препознае за свој еден или друг јазик, беше во неговите раце - и никој тоа право, со никаква наука“, не можеше да му го одземе.

Кога пак тој народ дојде до збор, кога закрепна во него националната и политичката свест, тој се определи по таков начин, што се виде сета неоснованост на длабокомислено скроените шовинистички теории, облечени во превезот на строга „научност“, за неговиот јазик и неговата народносна припадност. Можеше ли оформувањето на нашиот јазик да биде појава случајна, дури измислена? Се разбира дека не можеше. Појавата на нашиот литературен јазик дојде како природен резултат од нашиот национален развиток во новото време, дојде како виден израз за оние процеси што се извршуваа во животот на нашиот народ и што го обусловуваа неговото оформување во современа нација.

А токму тоа беше она што хегемонистите нејќеа да го знаат и признаат. На тој факт што почна да никнува новата македонска литература, тие на прво време сакаа да му придадат извесно потесно, за нив поуспокоително значење, како во случајот да се работи за толку обичното фолклорисање, од редот на оние литературни настојавања на одделни народни говори, какви што има во секоја литература, на пример во хрватската (на кајкавски и чакавски дијалект), па и во бугарската (на шопскиот: Елин Пелин). Интересно е на пример да се забележи дека во однос на поезијата на В. Марковски такво становиште завземаше професорот на Скопскиот филозофски факултет Миливој Павловиќ (во книгата „Језик и народна култура“ Скопје, 1937), сметајќи ја за пишувана на српски дијалект, и давајќи ѝ во таа рамка право на постоење, и од друга страна професорот на Софискиот универзитет Стефан Младенов, сметајќи ја, се разбира, за пишувана на бугарски дијалект. Младенов сакаше дури да заклучи, од фактот што В. Марковски пишувал еднакво добро и на бугарски јазик и на македонскидијалект“, дека тоа било уште еден доказ за единството меѓу бугарскиот литературен јазик и народните говори, во кои тој ги броеше и македонските.

Но скоро луѓето што вака ја осмислуваа појавата на македонски литературни творби требаше да се простат од своите илузии. Тие творби беа нешто повеќе од фолклористички егзибиции, тие беа израз за растежот на македонското национално движење во борбата против поробувачите на нашиот народ. Затоа овие се нафрлија против македонската литература и македонскиот јазик, против нивното право да постојат и да се развиваат.

Односот и на српската и на бугарската буржоазија спрема македонскиот литературен јазик можеме да го формулираме во овие два плана: 1) настојавањето „научно“, со логични доводи да се негира македонскиот литературен јазик; 2) чисто чувствениот однос спрема македонскиот јазик. Се разбира дека едното не може да се оддели од другото, ами како отров со отров се проникнува.

По првата точка се поставуваше тврдењето дека македонскиот литературен јазик не се јавува како резултат на еден природен историски развиток, ами се измислува, се создава вештачки, „по директива“, „со декрет“. Како таков тој би противречел на сето она што науката за јазиците го знае и признава, тој би бил една химера, смислена да прикрие извесни задни политички цели.

Така во Бугарија, познатиот глашатај на в. „Зора“ - Јордан Бадев сакаше да ја претстави сета таа работа како дело на неколку манијаци „несвесни и свесни орудија на српството и на болшевизмот“ (сп. „Просвета“, VIII, 1, 1942). Тој ги наречуваше вака оние што не работеа во согласност со неговата теорија, дека т.н. „македонство“ се измислило во стара Југославија како „реакција против системот на поробување“, од некои млади луѓе - „што прибегнаа до една политичка маневра: бидејќи бугарска народна свест не можеа да исповедуваат, а српска не можеа да примат, измислија трета - македонска. Ние оттука, од Бугарија, го примивме тоа како единствено трпим начин на отпор против насилната асимилација. И, навистина, - заклучува Бадев - една нова македонска национална свест не би можела да има никакво друго оправдание, нити општествено-политичко, нити пак историско“.

Толку повеќе беа непријатно изненадени бадевци, кога по нивното „ослободување“ на Македонија, мораа лице со лице да се сретнат со една сосем поинаква стварност отколку што ним им се чинеше. Македонскиот народ, национално раздвижен, набрзо го изрази својот однос спрема неканетите „ослободители“. Во една таква ситуација, се разбира, дека особено силно ги дразнеше великобугарите постоењето на македонската литература. Отаде и се напинаа бадевци да докажуваат како таа „измислица“, доста итра додека била управена против српството, сега треба да ја снема: По ослободувањето и обединувањето „македонската книжевност“ оправдана во српско време како згоден заклон на грижата и стремежот за национално самозачување, станува излишна. Напишаното до денеска - списанија, стихотворни збирки, драми, статии, раскази и др. - ќе остане како ценен документ во историјата на борбата на македонските Бугари против српското господство. Пред надарените творци се открива широк простор: еден богат и установен по облик и содржина книжевен бугарски јазик, што ги обединува духовите усилби на сите Бугари и што дава исказни средства за сите нијанси на мислата и чувствата. Писанијата на наречје отсега натаму можат да имаат само фолклорна стојност и задача“.

Сето тоа го прогласуваше Бадев по 11 октомври 1941 година, кога македонскиот народ јасно ја покажа својата ориентација во војната, и кога појде по оној пат што го доведе низ заедничката борба со другите југословенски народи до националната слобода, што значи и до полна можност за развивање на своја литература на свој литературен јазик.

Но и по војната разбиените хегемонистички остатоци во прв ред во Бугарија, не престанаа да му го оспораваат правото на македонскиот народ на самостојност, не престанаа да викаат како македонската нација и македонскиот јазик биле проста измислица што нема „нити општествено-политичко, нити пак историско оправдание“. За кратко време на својата гласноговорничка служба на реакцијата во Југославија и Милан Гроп стигна да искаже такво гледиште во однос на македонската нација, и посебно на македонскиот јазик - со следните зборови: „Дали од неколку дијалекти ќе дојде до еден јазик - тоа е прашање кое параграфите на законот нема да го решат“ (в. „Демократија“, бр. 1).

Тоа истото е најјасно изразено на страниците од опозициониот бугарски печат, во зборовите како што се следните: „Македонската нација не постоела и не постои: таа е измислица на српските комунисти - империјалисти“ (в. „Слободен народ“); или: „Ние станувавме и стануваме против вештачкото народносно изградување на Македонска раса, со свој особен македонски јазик, за кој што е создадена и особена македонска граматика. Дали е потребен тој дефетизам за да се направи од Македонија достоен член на југословенската федерација (в. „Знаме“, од 11 V 1946).

Се откажуваше секакво самостојно обележје на македонскиот јазик: „Новиот јазик наречен „македонски“ не е ништо друго осем една мешаница од тие два јазика (бугарскиот и српскиот, Б. К.), една вештачка постројка што има за цел да ги откине македонските Бугари од нивната општа култура и составува една пречка, за да може македонската држава да ги стигне во културен однос останатите области во новата Југославија (в.Знаме“ од 24 декември 1946).

Треба особено добро да го запаметиме непризнавањето на историската обусловеност за појавата на македонскиот литературен јазик, тврдењето дека тој бил измислен, независно од кого и со какви цели. Слагајќи се во првото шовинистите се разликуваат во второто: или е по среде директива од Москва, или е сето „измислица на српските комунисти - империјалисти“, или е пак и тоа некое „бугарашко масло“.

Што се однесува до втората точка: за чувствениот однос на хегемонистите спрема македонскиот јазик, тој се изразува во најискрено презрение спрема него, во подбивање како можело на тој „прост“ јазик да се создава литература, во наречувањето на тој јазик со погрдни имиња итн. Психологијата на буржоазијата во ова навоѓа најполн одраз. Од такви елементи се зародуваат расистичките теории за неполноценоста на некои народи и на нивните јазици.

И македонскиот јазик, вели Конески, покрај сите викотници против него од каде и да идат тие, постои, се развива и станува јазик на сѐ побогата литература, и станува јазик на кој што културните придобивки на човештвото му се присвојуваат на еден досега потиснат народ во мракот на ропството. Добро кажува арапската пословица: „Пците лаат, карванот си мине!“.


Како им одговори Конески на Бугарите во '48:

На тие што од високо би сакале да погледаат на нашиот јазик, можеме да им речеме само: ваша работа!

Бугарите сакаат да го ревидираат и повторно да го решаваат тоа што веќе историјата го решила неповратно

Дали „Бели мугри“ и „Ленка“ се пишувани на вештачки јазик создаден по диктат од Белград? Не, не е така!

Кој удира по македонскиот јазик просто и јасно удира против македонската нација

Не беше одамна времето кога се бранеше бугарскиот литературен јазик, а сега се наоѓаат луѓе што на тој јазик срамотат други јазици

Нивните поруги за нашиот јазик им се враќаат на глава, нема нас во нешто да нѐ поколебаат

Структурното насилство кон трансродовите и родово небинарните луѓе е препрека во нивното реализирање како полноправни членови на општеството.

повеќе

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе