Детали за акцијата „Двојник“

Од вработени во МВР, во ќелија во „Шутка“: Следени, прислушувани, откриени, па фатени на работно место

Им ги следеле комуникациите, ги прислушувале, ги оставиле да работат во МВР, но биле постојано под лупа на службите за истраги, бидејќи за нив постоеле оперативни сознанија дека издаваат македонски пасоши со украден идентитет на странски државјани со профил на криминалци од висок ризик. Во мрежата на акцијата „Двојник" се заплеткаа вкупно 215 украдени идентитети. Сумите за еден македонски пасош со туѓ идентитет достигнувале и до 20.000 евра.

Според неофицијални извори од истрагата, изборот на идентитетот кој ќе стои во патната исправа која потоа им се давала на лица кои биле членови на меѓународни организирани криминални групи, нарко-картели, лица инволвирани во други сериозни кривични дела, се бирал најчесто на оние граѓани кои немале биометриски патни исправи и кои биле надвор од државава, но заминале со обичните пасоши, пред да се воведат биометриските.

За лицата кои се криеле зад туѓиот идентитет распишани се и меѓународни потерници, но поради лажните податоци, тие слободно минувале на границите со пасоши кои биле идентични на вистинските, односно реални, со податоци на граѓани кои постојат, но фалсификувани. „Двојникот" кои им помогнале да го добијат вработени во МВР, бил користен за извршување на сериозни кривични дела.

Со ПИ-мерки се собирале докази за вработените во МВР кои пред неколку беа уапсени во полициската акција „Двојник". Откако биле добиени оперативни сознанија, по наредба од обвинител започнало следењето на дел од вработените во МВР , брифираат извори од истрагата.

Следењето на комуникациите на дел од осомничените, им дало насоки на обвинителите да ја прошират листата на осомничени лица и на списокот за ПИ-мерки да додадат и други лица за кои била издадена наредба. Иако прислушувањето согласно Законот за кривична постапка може да трае 4 месеци, па потоа да се продолжи уште за 4 или за 6 месци, во акцијата „Двојник" сите не биле прислушувани во исто време, па затоа и истрагата траела подолг временски период.

Мрежата била следена околу 2 години, а се собирале доказите за да може да се реализира акцијата.

Разговорите кои ги воделе осомничените лица и комуникациите кои ги имале, ја прошириле истрагата и надвор од границите на државава, а како што веќе соопшти и министерот, Оливер Спасовски на прес-конференција. Поддршка за истрагата била дадена и од страна на Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при амбасадата на САД во Скопје, како и Генералниот секратаријат на Интерпол Лион и Интерпол Скопје.

„По добиени криминалистичко-разузнавачки информации и превземени дополнителни полициски оперативни мерки, во 2019 година од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал воспоставена е криминалистичка истрага за службени лица вработени во Управните служби на МВР како референти за управни работи и контролори, кои ја злоупотребувале својата службена положба и овластувања, со тоа што издавале македонски патни исправи за лица странски државјани, употребувајќи туѓ идентитет на државјани на Република Северна Македонија, кои до моментот на издавањето не поседувале биометрски лични документи. Службените лица делото го извршила на начин спротивен на одредбите од Постапката за издавање на патни исправи, визи и евиденција од Законот за патни исправи на државјаните на РСМ, со што овозможиле на вкупно 215 лица- од кои 214 странски државјани и еден македонски државјанин да се стекнат со македонска патна исправа под туѓ идентитет. Како поддршка на криминалната мрежа било и лице кое не поседува службени овластувања туку е посредник помеѓу барателите на патни исправи со лажен идентитет и службените лица.", изјави министерот Спасовски на прес-конференција пред неколку дена.

Иако акцијата беше спроведена ден по брифингот на ВМРО-ДПМНЕ од каде на медиумите им беа дадени податоци за ваквата акција, според нашите сознанија, проценките биле дека истрагата требало да трае уште одреден период, па потоа кога ќе биде спроведена кај нас, координирано да се апсат и лица надвор од државава.

Но, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ јавно обелодени детали за акцијата во период кога траела истрагата, проценките на службите во МВР дека акцијата мора да се споведе веќе рано наутро, следниот ден, за да не се остави простор за бегство на вработените во МВР.

Министерот Спасовски обвини дека буквално ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски направила саботажа на акцијата, кој и покрај тоа што бил направен обид за опструкции, министерот Спасовски на прес-конференција ја оцени како успешна.

„Директно од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател, Христијан Мицковски беа пласирани информации во врска со истрагата со што директно можеше да се загрози се што беше сработено од нашите полициски службеници, но и од стратешките партнери и Интерпол. Ова е недозволиво застанување против полицијата и против борбата за правда и одговорност на секој што го прекршил законот. За ваквите обиди за саботажа на акцијата очекувам да се произнесе и јавното обвинителство. Одговорност мора да има. Уште еднаш посочувам, додека сум јас на чело на МВР нема да застанеме пред ваквите обиди за заштита на криминалот туку како досега, така и во иднина продолжуваме со бескомпромисна пресметка со криминалците. Правдата ќе ги стигне сите оние кои што направиле криминал", рече Спасовски на прес-конференцијата.

Од вкупно 10 осомничени лица, 9 се вработени во службите за вадење на парни исправи во МВР, а еден бил посредник. Од 9 осомничени, 7 завршија во притвор во Истражниот затвор во Шутка, а за двајца се определени мерки на претпазливост. По еден од осомничените, односно по посредникот, се трага.
Вистинските идентитети на 215 лица од кои 214 странски и еден македонски државјанин кои добиле македонски пасоши со украден идентитет, се познати на полицијата. Сите пасоши во соработка со Интерпол се поништени и блокирани. За овие лица ќе постапуваат службите надвор од државава.

По апсењето на овие лица, од кои дел биле приведени на работните места во МВР, против сите се поднесени кривични пријави до Основното јавно обвинителство Скопје.

Истрагата ќе продолжи и се проширува. Дали имало и други лица кои им помагале и биле вмешани во истрагата, ќе се знае во наредниот период за кога се очекува со официјални детали по завршување на истрагата од Основното јавно обвинителство, Скопје.

К.Д.

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе