2 години по откриената група на Телеграм

Од 12.100 члена на Јавна соба 1 и 2 никој ниту е откриен, ниту се гони за злоупотреба на податоци и слики на полнолетни девојки

Од околу 12.100 члена на групите „Јавна соба 1" и „Јавна соба 2", само двајца беа откриени и за нив беше отворена судска постапка. Овие две лица се гонат за производство и дистрибуција на детска порнографија, кривично дело што се однесува само за малолетници. Оваа постапка, според официјални информации од Судот, сѐ уште е во тек и трае. За другите што учествуваа во групите во кои се споделуваа голи фотографии од жени и девојки, се крадеа и се злоупотребуваа лични податоци, беше пишувано дека нуделе сексуални услуги... ниту еден не е откриен, ниту пак гонет за кривичните дела што им ги сториле на полнолетни девојки и жени.

Откако на мрежата „Телеграм" беа отворени овие две групи, голем број девојки чии фотографии беа украдени од социјалните мрежи, а под нив беше пишувано дека нудат сексуални услуги, беа вознемирувани, им беа упатувани погрдни зборови, имаа проблеми, осуда од општеството... За жртвите се ангажираа и психолози од целата држава, кои им понудија бесплатна помош и поддршка, но сѐ почна и заврши тука. Две години институциите што треба да им дадат сигурност и безбедност на жените и девојките дека сторителите ќе се казнат, тоа не се случи.

Случаите Јавна соба 1 и Јавна соба 2 единствено придонесоа да се направат измени во Кривичниот законик, каде беше вметнато кривичното дело демнење.

Но за сега промените се само на хартија во Собранието каде чекаат да бидат усвоени, бидејќи во пракса нема ниту идентитет, ниту сторители, ниту казни...

Напротив, пред некое време беше отворена и нова слична група во која повторно се споделуваа експлицитни фотографии на девојки Ромки.

Редакцијата на МКД.мк побара одговор од Обвинителството во врска со овие постапки, односно дека за Јавна соба 1 има поднесено обвинение само за две лица, нови докази за други лица немало, а Јавна соба 2 е во предистражна постапка, која трае речиси една година.

„Предметот во јавноста познат како „Јавна соба 2" е во фаза на предистражна постапка. Основното јавно обвинителство Скопје преку Министерството за внатрешни работи на 27.1.2021 година се обрати до Меѓународниот сервис провајдер за услуги „Телеграм", за да ги добие реалните податоци за корисничките профили на креаторите, администраторите и членовите на групата. До овој момент од социјалната мрежа „Телеграм" не е добиен одговор на ваквото барање. Овие податоци се неопходни со цел да се утврди идентитетот и Обвинителството да може кривично-правно да постапува против лицата инволвирани во оваа група. Од тие причини, Јавното обвинителство ги искористи и механизмите на меѓународна правна помош за да ги побара неопходните податоци. До овој момент не е пристигнат одговор на ова барање. Што се однесува на предметот „Јавна соба 1", поднесено е обвинение против две лица на возраст од 32 и 21 година за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија, предвидено во член 193-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, бидејќи во текот на предистрагата беа обезбедени материјални докази за овие две лица кои упатуваат токму на оваа правна квалификација. Доколку се обезбедат докази и за други лица што извршиле кривично дело, јавниот обвинител ќе постапи согласно со своите надлежности", стои во одговорот што МКД.мк го доби од Обвинителството.

Случајот „Јавна соба 1" беше откриен во јануари 2020 година, а една година потоа беше откриен и нов ваков случај „Јавна соба 2". Неколку дена по вториот откриен случај МВР приведе неколку лица. Но иако во јавноста впечатокот беше дека институциите брзо реагираат, сепак приведувањето беше за првата Јавна соба. За втората, ниту по една година нема осомничено лице.

За овој голем случај, за кој сите надлежни се кренаа на нозе, а беа одржани и мирни протести со цел да се подигне свеста за ваквиот вид злоупотреби и психичко насилство врз жените, од вкупно 5.600 члена што во јануари се најдоа во групата Јавна соба, а речиси една година по обелоденувањето на овој случај, нема ниту идентитет на осомничен.

Кога случајот со „Јавна соба" се појави во јавноста, реагираа и премиерот Зоран Заев, претседателот Стево Пендаровски, министерот за правда Бојан Маричиќ.

Премиерот Заев ги повика владините надлежни институции да ги забрзаат измените во законската регулатива, сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик со мерки за итно постапување на овие случаи, со цел да се оневозможат идни „јавни соби". Тој повика на поголема застапеност на жените на сите нивоа во државата и истакна дека во неговиот кабинет жените се позастапени од мажите.

„Избирам да предизвикам да ја менуваме културата на третманот кој жените го имаат во нашето општество. Се придружувам во повикот Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба", кој претставува кривично дело во кое огромен број жени се жртви на родово засновано насилство. Немаме повеќе ни минута за губење. Жртвите мора да бидат заштитени", порача премиерот за 8 Март.

Маричиќ најави дека ќе се менуваат закони за да има поголема безбедност за жртвите како оние од „Јавна соба", „Сега е на потег обвинителството, да го расчисти овој случај по судски пат, има доволно материјали кои се предадени во обвинителството. Ние како институции кои ги предлагаме регулативите, oна што може сега да го направиме и го правиме е веќе внесување на предлог измени во Кривичниот законик. Сите овие прашања се покриени и во Истанбулската конвенција и врз основа на нејзина имплементација внесуваме нови кривични дела како што се „демнење“ и „полово вознемирување'", кажа Маричиќ во февруари.

Згрозен од овој настан беше и претседателот Стево Пендаровски, кој порача дека со овој случај, во кој фрапантно се крши приватноста на илјадници жени и девојчиња, понижување, сексизам и насилство, се оставаат трајни последици на нивните животи.

„Барам од надлежните институции соодветно да го истражат случајот, а престапниците да бидат гонети и казнети согласно со законските прописи. Одговорност мора да има во најкус можен рок. Доколку не се дејствува сега, се создава можност за креирање култура на неказнивост за кривични дела со кои се уништуваат животите на илјадници жртви. Како општество, секој од нас треба да покаже солидарност и поддршка на жртвите, да не дозволиме двојна виктимизација. Да дејствуваме веднаш!", рече тогаш Пендаровски, коментирајќи го случајот со Јавна соба.

Изјава имаше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој порача дека за Јавна соба ќе се работи и ќе се идентификуваат и апсат уште лица.
„Работиме заедно со обвинителството во обезбедувањето дополнителни докази што ќе бидат докази во постапката. Трагаме по уште лица, имаме идентификувано уште лица што во наредниот период ќе бидат приведени и да дојдеме до оние што ја креираат оваа група и оние што злоупотребуваат лични податоци во групата", изјави Спасовски во јануари.

Тој и тогаш потврди дека до Телеграм неколку пати биле доставувани барања од обвинителството, но оттаму немало никаков контакт. Вакво искуство имале и другите држави што испратиле барања, но не добиле одговор, што оди во прилог на злоупотребите на платформата.

Спасовски рече дека е можно целосно „банирање" на групата од страна на државата, бидејќи постојано се креираат групи од лица што имаат сериозни намери да ги нарушат личните податоци на одредени лица.

И се чини дека за сега овој случај остана само на психолошко советување на жените и девојките, но и на срамот и линчот што го трпат од средината во која живеат и која често знае да ги осуди. За сега случајот е далеку од судско решавање.

А уште пострашно е тоа што се отвораат нови групи слични на оваа.
Во врска со последниот настан во кој беа споделени фотографии на жени Ромки, до Основното јавно обвинителство Скопје на 14.10.2021 година е доставено известување од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и веднаш уште истиот ден јавен обвинител издаде наредба за да се направат неопходните проверки. По наредбата сѐ уште се постапува, ни одговорија од Обвинителството.

И додека надлежните постапуваат, се чини дека оние што ги креираат и кои се членови на ваквите групи, уште повеќе се охрабруваат со оглед дека од 6.500 члена на првата и 5.600 на втората Јавна соба само двајца се опфатени со судска постапка.

 

К. Додевска 

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе