„Оние кои беа гласни во минатото како опозиција против овој закон и неговите продолжувања, сега, после цели 10 години на сила на овој закон, некој бара да важи уште ни повеќе, ни помалку, туку 5 години. Само за потсетување, во процедура имаме предлог за нов закон за легализација на дивоградби, ама сега и стариов да се продолжел уште пет години.
Што сакате да направите од оваа држава? Континуирана амнестија на криминал без крај, зошто градење на диво е кривично дело со казна затвор од 3 до 8 години.
Утре предлогов ќе дојде на гласање. Ги повикуваме пратниците на ДОМ кои гласаа против овој предлог да не обезбедат кворум за оваа точка.
Ја поставуваме и дилемата, дали закон кој е на сила од 3.3.2011 и во чиј член стои дека ќе важи десет години, а тоа значи до денеска, 3.3.2021, може да се продолжи кога стапува вон сила. Законот од утре е вон сила.
Ние, како и огромен број на граѓански здруженија сме против легализација на дивоградби, особено после 10 години од ваквиот процес. Се бориме за владеење на правото, а не за амнестирање на криминал.
И да, како што и претходно кажавме, нема да гласаме на избори за партиите кои гласаат и овозможуваат легализацијата на дивоградби да продолжи и ќе повикаме и другите да го направат истото. Доста е од амнестии на криминал“, повикуваат од граѓанското здружение О2 иницијатива.