Интервју

Нушкова: Ако демначот се пријави и казни на време, тоа може да спречи тешки повреди, па дури и убиство

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство е формирана на 7 декември 2010 година од дваесет граѓански организации што работат на полето на спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство. На 16 декември 2011 година се регистрираат како правен субјект. Нејзината мисија е координирано делување на граѓанските организации кон унапредување на политиките и праксите во борбата против насилството врз жените и семејното насилство, а во главен фокус се човековите права. Со Ана Аврамоска Нушкова, проектна координаторка и правна советничка, која е постојано вклучена во борба против насилството и поддршка на жртвите зборуваме за измените на КЗ, воведувањето на нови кривични дела демнење и сексуално вознемирување, за пријавување на силувањето и кампањата за ова кривично дело.

Секој сексуален однос без согласност е силување. Податоците велат дека секоја втора жена е жртва на психолошко насилство, а една од седум жени е жртва на семејно насилство, а сторителите најчесто се сегашни или поранешни партнери. Само 2 проценти од жените што биле жртви на силување го пријавиле настанот во полиција.

Обезбедува ли Законот за социјална заштита доволно заштита и ги препознава ли жртвите на семејно насилство како посебна категорија? Како да им се помогне и што треба тука да се промени? Кон кого треба да се впери прстот што е толку мал процентот на пријавување на вакви сериозни случаи и колку, како Национална мрежа против насилство врз жени смета дека првиот контакт, односно пријавата во полицијата е мотив за охрабрување на жртвата да пријави и децидно да се бори понатаму низ лавиринтите за да го заврши случајот до крај?

Сѐ уште не може да се утврди вистинската преваленца на сексуалното насилство. Некои расположливи податоци сугерираат дека една од четири жени во текот на својот живот ќе доживее сексуално насилство од интимен партнер. Многу млади жени се жртви на сексуално насилство во раното детство и адолесценцијата. Дури една третина од адолесцентите пријавиле принуден сексуален однос. Во овој момент имаме неофицијални податоци за сивата бројка на случаи со силување што воопшто не било процесирано, односно пријавено. Важно е да се има сеопфатен институционален пристап во случај на пријава на жртва дека е силувана.

Во Скопје, Тетово и Куманово се отворија упатувачки центри за жртви на сексуално насилство, кои постапуваат под посебни стандардни оперативни процедури за обезбедување на мултисекторски одговор. Овие центри треба да претставуваат место во кое се упатуваат жртвите што ќе се пријават или ќе бидат пријавени и каде што ќе може да се извршат потребните здравствени, психосоцијални и правно-безбедносни иследувања на едно место, во сигурна и доверлива средина, согласно со препораките на сите релевантни меѓународни институции. Тие се сместени во Скопје на Клиниката за гинекологија и акушерство, додека во Тетово и Куманово во општите болници. Со целосно функционирање на овие центри и почитување на процедурите што се воспоставени по пријавата во полиција жртвата се носи во Центарот, каде што за жал во овој момент немаме статистички податоци колку жртви на сексуално насилство го пријавиле случајот и биле спроведени до овие центри.

Генерално, непријавувањето случаи со родово базирано и семејно насилство во земјава се должи на недовербата на граѓаните во работата на институциите во земјава, а исто така најверојатно постои и доза сомнеж кај жртвите дека посочувањето и санкционирањето на насилството може да им донесе дополнителни проблеми, а не решение и излез од ситуацијата. Ова е генералната слика за моменталната состојба со жените жртви на родово базирано и на семејното насилство во нашето општество, а за да се подобри состојбата треба многу работа, освен законската рамка дополнително треба да се покрене свеста кај жените за сите форми на насилство како и да се врати довербата на институциите. Пријавата во полиција, од релевантните истражувања и статистики кај нас, не значи и стоп за насилството, со жртвите треба да се работи за да се рехабилитираат и реинтегрираат во општеството, а за сторителите треба итни и соодветни санкции со цел да се спречи идно насилство.

Жртвата пријавува и неа ја знаат сите, особено ако се работи за случај во кој некој и ги злоупотребил податоците, фотографиите..., но некако се чини дека насилниците остануваат во сенка и тие се заштитени, анонимни... Си ги знаеме ли како жени доволно своите права околу тоа дали кога пријавуваме треба да гониме по приватна тужба или да чекаме пријава и повик од обвинител? Кој и како да ги заштити жртвите во овој дел?

- Не можеме генерално да зборуваме за тоа дали жените кај нас си ги знаат своите права, сето тоа зависи од степенот на свест, воспитувањето, образованието, економската независност. Во нашето општество сѐ уште свесноста кај женската популација не е на многу високо ниво кога станува збор за правата, но тоа се должи не само на неинформираност, туку и на стравот од стигматизација и отфрлање првично од своите најблиски во семејството, а потоа и од пошироката околина, а исто така и недовербата во институциите дали постапката ќе се заврши до крај и навистина ќе постои решение за неа како жртва.

Доколку системот функционира, веднаш по пријавата во полиција, центрите за социјални работи како и надлежен обвинител доколку има потреба, треба да ги преземат случаите и да работат на нивно целосно расчистување, се разбира доколку е потребно надлежните институции треба да донесат решенија со кои на жртвите ќе им пружат заштита и ќе спречат идно насилство. Заштита на жените жртви во случаи на сексуално вознемирување посебно преку користење на интернет просторот треба да ја побараат првично до надлежните институции (МВР) и секако да се консултираат со адвокат или да контактираат некои од граѓанските здруженија за првично советување што да направат и како да ги зачуваат доказите, а со тоа и да се заштитат.

Сметате ли дека жртвите, наместо надлежните се оние што се изложуваат на ризик и треба да обезбедат докази и што тука треба да е функционално?

- Во моментот кога една жена преживува некоја форма на насилство, најмалку што може да мисли е на обезбедувањето докази. Ова посебно се однесува на случаите каде што има сексуално насилство и вознемирување, кога собирањето на доказите понекогаш не е можно самата жртва да ги собере. Релевантните институции коишто имаат законски овластувања да постапат се оние што треба да се занимаваат со обезбедувањето докази, и да им пружат заштита, превенција и реинтеграција на жртвите на семејно насилство.

Колку како жена, но и како член на Националната мрежа против насилство врз жени, Ве погодуваат коментарите дека жената сама е крива што е силувана или што некој ја демне со провокативни фотографии, а во некои случаи ова го слушаме и во судница од оние што треба да носат правда и да ѝ дадат поддршка на жртвата?

- Ниедна жена не може да е сама виновна поради тоа што станала жртва на родово базирано насилство, оние што го мислат, го тврдат и гласно го споделуваат овој став, можам само да кажам дека се сексистички и мизогенистички настроени и имаат свое лично убедување, кое за жал тешко се искоренува, а најверојатно потекнува од домашното и личното воспитување во нивната рана возраст.

Секоја жена има право на личен стајлинг, свое убедување и дејствување, темата права на жените е обемна и тука можеме да зборуваме и подолго, но едно е сигурно, дека никој нема право, а посебно не професионалци што работат директно со жени жртви на насилство и семејно насилство (вработени во полиција, центри за социјална работа, суд, обвинителство, здравство) да ги дискриминира по ниедна основа, а не посебно врз основа на родовата разлика.

Неодамна се воведе и кривичното дело демнење. Каков е Вашиот став за тоа дека она што се вметнува на хартија ќе биде корисно и во практиката? Верувате ли дека измените навистина ќе ги запрат демначите?

- Во голем број случаи, сторителите на насилство се охрабрени од фактот што нашиот систем сè уште не им нуди соодветна заштита на жртвите на насилство, особено кога зборуваме за онлајн-насилство, закани и говор на омраза, кои најчесто поминуваат со одговор од институциите дека сторителот не може да се пронајде, или дека не знаат дали се работи за лажен профил или не.

Сето ова влијае обесхрабрувачки на жртвите, бидејќи прво се мета на сторителот што го врши насилството, потоа мета на јавноста што го оправдува насилството, и на крај мета во институциите што често не реагираат соодветно. Предвиденото инкриминирање на демнењето во Кривичниот законик треба да даде позитивни резултати и сторителите да се соочат со кривична санација, но колку тоа во пракса ќе се реализира, останува да видиме. Предложените измени во Кривичниот законик би требало да бидат во целост усогласени со Истанбулската Конвенција, бидејќи кај нас „демнењето“ како кривично дело не постои како дејствие што се повторува, што ти влегува во личен простор, што те плаши, те загрозува, ти пушта непријатни пораки, те демне, те чека од работно место, како дејствие не е регулирано и го немаме како статистика колку случаи на демнење има кај нас. Последната сеопфатна студија направена од ОБСЕ имаше статистика дека 30 отсто од испитаничките го препознавале демнењето и пријавиле дека биде демнети. Статистика можеме да извлечеме најмногу од Соединетите Американски Држави, каде што во САД според едно истражување се вели дека 76 отсто од жените што биле убиени (фемицид) претходно биле демнети најмалку 2 години. Според истите статисти најчесто демначот е сегашен или поранешен интимен партнер. Ова значи дека демнеењето е едно од кривичните дела доколку се регулира може да спречи потежок облик на кривични дела како што се тешки телесни повреди или убиство.

Кривичниот законик не ги препознава поимите како родово базирано насилство, насилство врз жени, а не се опфатени ниту сексуалното вознемирување, присилните бракови... Какви се Вашите заложби како Национална мрежа против насилство врз жени во однос на овој дел?

- Работиме активно на нивно првично препознавање, како и вклучување во самиот поимник на КЗ, поточно дополнување на чл.122, каде што ќе биде дефинирано родово базираното насилство и насилството врз жените. Во однос на сексуалното вознемирување, како и вклучување нови кривични дела како присилните бракови, осакатување женски полови органи, демнењето и воведување како отежителна околност во делата што се извршени при вршење семејно насилство или родово базирано насилство, како што се во убиство, телесна повреда, тешка телесна повреда, загрозување на сигурност итн... се во директно усогласување со Истанбулската конвенција, на која веќе подолг период работиме и како дел од работната група со активно донесување на Националниот акциски план (2018-2023) за имплементација на Конвенцијата. Дополнително правиме редовен мониторинг на спроведените активности предвидени во Акцискиот план, и објавуваме Извештај што спровела државата од донесувањето на планот. Дополнително преку директна помош и поддршка на жените жртви на насилство и семејно насилство работиме на подигнување на свеста кај нив и ја даваме потребната поддршка за пристап до специјализираните сервиси што им се на располагање.

Имате кампања со која барате во однос на кривичното дело силување да се воведе како отежителна околност ако тоа е сторено од поранешен или вонбрачен партнер, како и согласноста да биде единствен критериум за квалификација на делото. Зошто е потребно сето ова и какви се Вашите податоци и искуства со жртвите што пријавиле или требало да докажат ваков вид кривично дело?

- Потребно е итно усогласување на КЗ со Истанбулската конвенција. Всушност, Европскиот суд за човекови права многу порано го постави стандардот што државите мораат да го воспостават на национално ниво со цел ефикасна заштита на жртвите на силување. Според судот, клучно обележје на силувањето е недостаток на согласност од страна на жртвата. Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство го дефинира семејното насилство, кое вклучува и сексуално насилство.

Но ова не е доволно да се даде ефикасна заштита на жртвите на силување во брак сè додека тоа не се криминализира со КЗ. Недостаток на постојната одредба за силување, покрај дефинирањето на обележјата на кривичното дело, е и непрепознавањето на силувањето извршено во контекст на семејно насилство односно од брачен или вонбрачен другар, сегашен или поранешен интимен партнер. Иако моментално дефинираното кривично дело силување изречно не го негира постоењето на можноста за вршење на делото во овој контекст сепак како главно обележје е употребата на физичка сила и закана врз жртвата од страна на сторителот и даден видлив отпор од страна на жртвата. Случаите во кои отсуствуваат овие два елемента, а сепак се работи за силување, се невидливи и непризнаени од нашите институции и жртвите имаат огромен проблем да поднесат кривична пријава и да го докажат делото.

Ова е дополнителна причина да се забрза измената на КЗ и конечно да се даде заштита и на жртвите на силување извршено во контекст на семејно насилство. Исто така постојат голем број жртви кои воопшто не го пријавуваат силувањето, а исто и такви што ненавремено ќе побараат медицинска помош и институционална заштита. Со тоа се отежнува или воопшто не се случува прибирањето на потребните докази од страна на форензичарите. Дополнително, отежнувачка околност е доколку во градот каде што живее ги нема упатувачки центри за жртви на сексуално насилство (моментално кај нас има во Скопје, Тетово и Куманово), кои ги напоменав погоре и жртвата може да биде и жртва на осуда и ревиктимизација првично од најблиската околина, а потоа и пошироко, а тоа придонесува за уште поголема не довербата во постапувањето на институциите и не пријавувањето од страна на жртвите. Нашите заложби во однос на измените на ова кривично дело се во насока на итно усогласување со Истанбулската конвенција, која како основен елемент на ова кривично дело треба да биде согласноста, а додека употребата на сила или закана да биде отежителна околност. Дополнително сметаме дека треба да се воведе и нов став во кој би се предвидела како отежителна околност доколку делот е сторено од брачен или вонбрачен другар, поранешен или сегашен партнер, во насока на негово препознавање и можност за институционална реакција.

Истанбулската конвенција нашата држава ја ратификуваше во 2017, а стапи во сила во 2018 година. Колку овој документ е значаен и помогна во поддршката на жените жртви на семејно насилство и на што ни укажа?

Ратификацијата на конвенцијата подразбира низа обврски за владите што ја имаат ратификувано да преземат конкретни чекори за спречување на сите форми на насилство врз жените: од демнење и сексуално вознемирување до семејно насилство, принуден брак и женска генитална мутилација. Дополнително во самата Конвенција се дефинираат неколку клучни поими како што е насилството врз жените, род, родово базирано насилство. Притоа, правата на жените што поминале низ насилство треба да се во центарот на сите мерки што се спроведуваат по пат на ефективна соработка и координација со сите надлежни органи, институции и организации. Темелите на кои се потпира Конвенцијата се стожерот кон кој ќе се исполни примарната цел на овој правно обврзувачки документ, а се однесуваат на: спречување на насилството, заштита на жртвите на насилство и гонење на сторителите. Во Конвенцијата се поставуваат цели за ефективна борба против насилството врз жените и семејното насилство, како и обезбедување на сигурно и безбедно место за девојчињата и жените во сите сфери на општественото опкружување.

Специфичните цели на ИК се:

- Заштита и спречување на сите форми на насилство врз жените

- Гонење и казнување на сторителите на насилство

- Воспоставување механизми за следење на имплементација на Конвенцијата

- Креирање сеопфатни политики и мерки за заштита и помош на сите жртви на различни

форми на насилство врз жените, вклучително и домашно насилство

- Обезбедување помош и поддршка на организациите и на органите за спроведување на

законот преку усвојување на интегриран пристап за елиминација на насилството

- Промовирање родова еднаквост (еднаквост помеѓу мажите и жените).

Дополнително и особено значајно е што во Конвенцијата насилство врз жените се дефинира како кршење на човековите права, додека пак семејното насилство ги означува сите акти на физичко, сексуално, психичко односно економско насилство што се случуваат во рамките на семејството или домаќинството. Државите потписнички на Конвенцијата се обврзуваат дека ќе работа во полето на превенцијата која не се однесува единствено на водење кампањи, туку и адресирање на суштинските причини за постоење на насилство врз жените, потоа на давањето соодветна заштита која се однесува на специјализирани услуги на поддршка на жените кои преживеале насилство и треба да бидат пристапни за сите жртви без разлика дали живеат во урбана или рурална област, дали имаат некаква попреченост (физичка или интелектуална) или пак се вработени или невработени.

Дополнително Државата се обврзува да обезбеди Специјализирани услуги за поддршка како што се засолништа кои треба да бидат лесно достапни и во доволен број (едно семејно место на 10.000 жители), да имаат непосреден и 24 часовен пристап, да бидат стандардизирани во давањето услуги и да соработуваат со полицијата , потоа СОС линиите за помош треба да обезбедат поддршка и кризно советување, да упатуваат на услуги лице во лице, да бидат достапни во секое време и бесплатни, да работат 24/7 со кризна поддршка на сите релевантни јазици и најважно од се, да бидат анонимни. Исто така Државата треба да обезбеди и поддршка за жртви на сексуално насилство подразбира воспоставување на достапни упатни кризни центри за силување или за сексуално насилство во доволен број (еден центар на секои 200.000 жители). Конвенцијата става акцент на улогата што ја имаат поединците – пријатели, соседи, членови на семејството, наставници или други членови на заедницата, во кршењето на тишината. пријавувањето на насилството врз жени и девојчина како и на гонењето на сторителите. Имплементирањето на Конвенцијата е од огромно значење за нашето општество поради тоа сите вклучени и релевантни фактори треба да се потрудат во пократок временски период да ги почувствуваме позитивните резултати во намалувањето на процентот на родово базирано насилство кај нас. Поддршка и заштита во вашата организација бараат многу жени жртви.

Кои се повеќебројни, дали оние што преживеале силување, оние што се тепани или и едно и друго и какви се искуствата во добивање на ваквите случаи, односно какво е искуството со надлежните институции како МВР, обвинителството, судовите, социјалните служби... Кој најмногу потфрла, а кој вложува заложби за жртвите успеат да дојдат до правда?

- Најважно е жртвите откако ќе пријават насилство да добијат заштита, но за жал кај нас во лавиринтот од институции тие се губат и често не добиваат ниту заштита ниту превенција од идно насилство. Вратите на Националната мрежа за насилство против жените и семејното насилство се отворени за помош и поддршка онолку колку што ни дозволуваат нашите овластувања, но надлежните институции треба навистина да покажат волја и да дејствуваат итно за да придонесат во поправањето на општата слика и во борбата против насилството врз жените.

Кај нас најчесто пријавуваат физичко и психичко насилство. Со нив првично работи социјален работник, која доколку има потреба го упатува кај психотерапевт и / или на правно советување и поддршка. Доколку има потреба се упатуваат на адвокат со цел нивно застапување пред надлежните институции. Исто така Националната мрежа од март 2020 година отвори Куќа за отворено домување која е транзитна куќа и во која се сместуваат жени жртви на семејно насилство и нивните деца доколку ги имаат, кои ја напуштиле насилната средина и се под низок ризик на повторување на насилството, а немаат каде да живеат. Со нив се работи сеопфатно за нивно поуспешно реинтегрирање во општеството. Куќата е на територија на град Скопје и имаме соработка со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Скопје. Како што и претходно напоменав, помошта и поддршката на жените жртви на насилства треба да биде мултисекторска и не би можела конкретно да посочам која институција потфрла.

Имаат ли доверба жртвите во институциите или поголем дел поддршка гледаат во организациите, еве конкретно и во Вашата?

Јазот на недовербата во институциите секој ден сѐ повеќе расте. Можам да кажам дека поголема поддршка и заштита жртвите гледаат во организациите, со оглед на тоа што центрите за социјална работа и полицијата дејствуваат недоволно итно на првичната пријава за да спречат идно насилство и да им дадат заштита на жртвите. Тоа посебно се увиде во текот на 2020 година, со прогласувањето глобална пандемија од страна на Светската здравствена организација поради состојбата со ковид-19, настапи глобална здравствена криза, која остави последици во сите сфери на општествениот живот, а особено во заштитата и почитувањето на основните човекови слободи и права.

Оптовареноста на здравствениот систем, насочувањето на капацитетите на целиот државен механизам кон справување со вирусот, социјалната изолација и ограничувањата на движењата на граѓаните, значително го зголемија ризикот од семејно насилство како облик на родово базирано насилство кое несразмерно ги погодува жените. Кризната состојба несомнено влијаеше на работата на институциите, го намали нивниот капацитет кои во првите месеци посебно центрите за социјална работа ги затворија вратите за жртвите на семејно насилство и алудираа да се комуницира телефонски или по мејл. Здравствената криза само ги извади на површина сите недостатоци на системот на заштита и поддршка на жените жртви на насилство и семејно насилство кои се провлекуваат со години.

На жртвите им е полесно да се обратат до некои од здруженијата на граѓани затоа што се свесни дека и тоа што можат да го направат за нив согласно нивните можности ќе биде направено без никаква осуда или стигматизација. Реинтеграцијата на жртвите во општеството допрва треба да ја видиме со новите измени на Кривичниот Законик и законските надлежности кои им се доделени на сите надлежни институции вклучени во борбата против насилството.

Сметате ли дека ни треба уште многу за да можеме да ги достигнеме барањата и укажувањата за кои се стремите во кампањата? На што е главниот акцент и што би требало да постигнеме со измените што ги предлагате?

- Измените треба да се имплементираат за системот правилно да профункционира, и само во тој случај ќе може да очекуваме намалување на процентот на насилство против жените кај нас. Насилството врз жените е општествен проблем, а не приватна работа и никој од нас ниту како граѓанин или професионалец во определена служба не смее да му сврти грб. Кампањата има цел да ги разбуди институциите и министерствата да донесат нови нацрт-планови, преку кои ќе можат итно да дејствуваат и да ја зголемат довербата на граѓаните.

Каков е Вашиот совет до сите оние што се жртви на семејно насилство и кои се обидуваат да се убедат себеси дека „сѐ ќе помине и е само излив на нервоза од страна на сторителот“? Поминуваат ли модринките, гребаниците... или сето тоа остава лузни и тешко се менува?

- Иако многу од жените жртви на насилство сметаат дека институциите несоодветно постапуваат, сепак нема друг начин освен да се пријави насилството. Ако не го кренеме гласот, никој нема да може да знае дека и ти си жртва на насилство. Сивите бројки на непријавените случаи мора да се намалат, а со тоа ќе знаеме дека сме ѝ помогнале на уште една жена.

Тромоста и недовербата кон институциите не значи дека нема да се постапи и да им се даде соодветната помош и поддршка на жртвите. Тука се и здруженијата на граѓани, кои несебично се заложуваат за секој пријавен случај индивидуално. Стравот и срамот во случаи на семејно насилство е голем, но повеќе од потребно е кампања преку која ќе се подигне свеста кај жените. Покрај модринки и физичка болка, треба да се работи на препознавањето и на другите форми на насилство , економско, психичко како и силувањето од интимен партнер. Насилството остава трајни траги и последици кај жртвите, па оттука секоја форма на насилство треба итно да биде пријавена од жртвата и уште поитно санкционирана од нашиот систем.

Катерина Додевска 

Фото: Роберт Атанасовски

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе

Ентузијазмот во првите месеци од годинава во врска со масовната вакцинација беше таков што Србија во март беше прва меѓу европските држави според бројот на граѓани што примија втора доза на милион жители. 

 

повеќе