Сопствениците дел од земјиштето каде што е новата депонија под хотелот Радика, уште пред две недели реагирале до Општината Маврово Ростуше. Но, веќе традиционално за оваа општина – реакција нема. Нема ни најава дека нешто ќе се преземе.
Ова е само уште една мала епизода во целосниот хаос во оваа општина со градбите, со дивоградбите, со непочитувањето на законските обврски за заштита на околината, на урбанистичките норми за еден Национален парк, за потребната инфраструктура за новоградбите...
Наспроти ова, од другата страна на езерото, веќе неколку години по ред, група викендаши секоја есен, со сопствени средства, пред да го покрие снегот, го собираат ѓубрето и другиот шут оставен покрај брегот на Мавровското Езеро, околу кантите за отпад, покрај патот... Ангажирани се работници, камиони, потребен материјал...

Сепак, ова не го решава суштинскиот проблем што го има општината, Маврово, Леуново, Маврови Анови... Отпадот, градежниот шут, стариот мебел... упорно се фрла без контрола, се остава кој каде стигне трајно оштетувајќи ја природата. И натаму само ги средуваме последиците, а не го лечиме проблемот во корен.
