Со проектот се изгради детски парк на Попова Шапка со атрактивни содржини за најмладите (лизгалка, љуљашка, клацкалка, вратила) меѓу кои најмногу внимание привлекува детскиот тандем зип лајн. Еден дел од паркот е прилагоден за деца со посебни потреби. Детскиот парк е поставен во дворот на манастирскиот комплекс на Попова Шапка, влезот е бесплатен за сите посетители. Заради дополнителна безбедност на децата набавена е заштитна опрема (кациги со различна големина). Во рамките на паркот опремени и функционални се два тоалети кои се наменети исклучиво за Кидс адвенчар паркот.
Исто така, се изгради и место за одмор на пешачко-велосипедската патека Јелак. Овој простор за одмор e комплетно нова содржина за посетителите на Попова Шапка. Се состои од 4 маси и осум клупи, канти за отпадоци. Исто така, поставена е и инфо – табла со дополнителни информации за можностите и активностите во близина на патеката Јелак.Таа е поставена на 6-от км на патеката која е во вкупна должина од 12 км (во двете насоки), во непосредна близина на прекрасниот видиковец од кој се гледа „Јелачки црн врв“. Ова место за одмор на една од најатрактивните патеки овозможува поминување време во природа и на отворено, што е од особено значење во новите променети услови и протоколите за безбедност од ковид-19.
„Заради подобрување на атракциско-мотивациските фактори преку збогатување на туристичката понуда, но и промоција на истата, а со цел да се зголеми приливот на туристи врз основа на пристигнувања, како и развојот на туризмот на Попова Шапка, создадовме обединувачка веб-платформа со информации за сите случувања на Попова Шапка, со наслов „Popova Shapka - All seasons Adventure”. Идејата е на едно место да се понудат информации за сите досегашни и идни туристички настани, случувања, понуда на туристички производи, туристичка понуда и слично на Попова Шапка од сите засегнати страни. Исто така, на веб – страницата има форум кој ќе биде модериран секојдневно. Веб – платформата е тројазична, на македонски, на албански и на англиски јазик“, велат од планинарскиот клуб.