Разбистри сѐ

Невладини организации и државни инспектори основаа Граѓански инспекциски совет

Невладини организации, здруженија на граѓани и високообразовни институции (26) кои се залагаат за заштита на животната средина, во соработка со Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) формираа Граѓански инспекциски совет (ГИС).

ГИС е формиран поради потребата за поефикасна соработка на ДИЖС со граѓанскиот сектор и граѓаните, како централна институција за контрола и казнување на загадувањето и уништувањето на животната средина.

Во својата соработка, ГИС и ДИЖС се предвидува заеднички да прават анализи и да даваат предлози за измени на одредени закони и подобрување на инспекцискиот надзор, како и да поттикнуваат дебата за различни прашања поврзани со заштитата на животната средина. Граѓанскиот инспекциски совет треба да има увид и можност да влијае врз работењето на ДИЖС, да ја користи својата експертиза во одредени области за решавање на замрсени случаи, но и да поднесува барања, приговори и тужби до одредени институции и носители на функции кои не постапуваат според законите за заштита на животната средина и за тоа да ги известува граѓаните. Преку граѓанскиот активизам треба да се помогне за побрзо и поефикасно справување со сериозните загадувања на животната средина и на недоволниот капацитет на институциите да се справат со нив поради малиот број инспектори и стручни кадри. Оттука, соработката меѓу ГИС и ДИЖС треба да придонесе за размена на знаења и искуства, но и за поголемо граѓанско влијание врз Инспекторатот и другите јавни институции за подобрување на инспекцискиот надзор и намалување на загадувањето.

Со презентирањето на Граѓанскиот инспекциски совет, кампањата „Разбистри сè“ го одбележува Светскиот ден на водата – 22 март. Вреднувањето на водата, кое е мотото на годинашниот Светски ден, целосно кореспондира со целите на „Разбистри сè“ за итната потреба за заштита и одржливо користење на водите и за поефикасен инспекциски надзор врз прекумерното искористување на природните ресурси во Македонија.

Организации основачи на Граѓанскиот инспекциски совет Зелен институт, Институт за комуникациски студии, О2 Иницијатива, Еко свест, Македонско здружение на млади правници, Флорозон - Центар за еколошка демократија, ЕЗ Здрава котлина – Струмица, Еко долина, ЗЗУЖС Еко живот – Кавадарци, Институт за биологија при Природно-математички факултет, Македонски центар за меѓународна соработка, Движење на екологистите на Македонија, ЕД Вила Зора, Институт за европска политикa, Центар за економски анализи, Центар за правни истражувања и анализи, Здружение на граѓани Еко логик, Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – С. Македонија, Арт Поинт Гумно, Здружение за социјални иновации и одржлив развој РАДАР, Наша добра земја, НВО Green.оrg, Новинари за човекови права, Water4changes-Вода за промени, Global Shapers Skopje Hub, Центар за управување со знаење, Национален Ромски Центар.

 

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе