Регистрирани се веќе 500.000 возила

Нема забрана за увоз на стари возила, просечната старост на колите е 19,4 години

Според податоците на Царинската управа, импортерите на стари возила во првите шест месеци од годинава успеале да внесат 20.505 половни возила, а како нови неупотребувани возила се увезени речиси тројно помалку, односно 3.410.

Непречениот увоз на половни возила од странство со години наназад не се става под контрола од властите. Иако министерот за економија Крешник Бектеши на почетокот од годинава најави дека Владата има намера во 2021 да се ограничи увозот на автомобили со минимум ЕУРО 5 стандард на емисии на штетни гасови, тоа до денешен ден не е направено.

Продолжува да расте бројот на регистрирани возила во патничкиот транспорт во земјава, а заедно со нив и просечната старост, која е особено загрижувачка кај автомобилите. Во 2020 година, земјава за првпат во својата историја забележа над половина милион регистрирани патнички моторни и приклучни возила, односно вкупно 500.633 автомобили, автобуси, камиони, мотори, трактори и други моторни возила. Во Македонија лани имало и рекордни 429.196 автомобили со регистарски таблички од земјава.

Тенденцијата на пораст на моторизацијата на населението од целата земја е следена и во главниот град. Во Скопје лани биле регистрирани 155.195 автомобили, односно за првпат во историјата на главниот град е надмината бројката од 150.000 патнички моторни возила во сопственост на граѓани. Зголемување на бројот на овие превозни средства има практично кај речиси сите скопски општини.

Она што е загрижувачки за порастот на бројот на возила кои ги поседуваат граѓаните е просечната старост на возниот парк. Таа е најзагрижувачка кај автомобилите, кои во 2020 година имале рекорден просек на старост од 19,4 години, што е незабележан податок досега во поновата историја на транспортот во земјава.

Покрај тоа што возилата се едни од главните предизвикувачи на загадувањето на воздухот во градовите, тие и го зголемуваат сообраќајниот метеж и недостигот на паркинг места, патниот транспорт со растечкиот број на возила има сериозно негативно влијание и врз климатските промени, со растечките емисии на стакленички гасови во земјава.

Увозот на половни возила од странство што најчесто го користат дизелот како гориво, многу придонесува за зголемување на вкупните емисии на стакленички гасови во земјата. Ако се погледнат податоците во секторот Енергетика, во 1990 година транспортот имал удел од 8,2 отсто во создавањето на штетните гасови мерени во јаглерод диоксид, додека во 2016 година неговиот процентуален удел се зголемил на дури 28,1 отсто.

Ако се земе предвид фактот дека во 2016 година потрошувачката на дизелот за патниот транспорт била помала, додека бројот на возила во земјава пред четири години бил за 40.000 помал во споредба со 2020 година, за никакво изненадување нема да бидат најновите негативни податоци за емисиите на стакленички гасови од транспортот во земјава, коишто допрва треба да се објават.

Мета.мк

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе