Истражување

„Недопирливите“ убијци на Балканскиот рис

Марко беше убиен среде заштитена зона. Телото никогаш не му беше пронајдено. Само го снема сигналот кој го емитуваше неговиот околувратник. Неколку месеци по исчезнувањето, во 2011 година, стигнаа гласините. Од повеќе места. Од луѓе кои не се познаваа меѓусебе. Сите тие водеа до истиот човек. Висок полициски службеник. Неименуван. Еден од недопирливите. Близок до владејачките структури. Oва е втор дел од истражувањето за Балканскиот рис на Радио МОФ.

Марко беше првиот заловен балкански рис. За него светот слушна во 2010 година, кога македонските биолози успеаја да го фатат и да му стават ГПС околувратник. Преку него за првпат можеа да го изучуваат движењето на рисот низ македонските планини, во реонот на Националниот парк „Маврово“. Марко беше и гордост на Балканот, жив доказ дека рисовите не живеат само во митовите и приказните. 

Марко сликан од камера-замките на МЕД во март 2010 година

Приказната за Марко уште еднаш ја покажа суровоста на човекот. Главниот непријател на загрозениот балканскиот рис, од кој се преостанати помалку од 45 единки во светот во само три држави. Северна Македонија, Албанија и Косово. Нивниот опстанок сега зависи од криволовци и моќници со „ловечки имунитет“, недефинирани закони и стратегии, но и хидроцентрали и градби што се шират низ природните живеалишта на рисовите.

Диме Меловски, од Македонското еколошко друштво (МЕД) и по десет години го памети секој момент поврзан со Марко. Од неговото заловување, па сè до исчезнувањето. Вели дека цела година трагале по сигналите кои требаше да ги емитува неговиот околувратник. Не сакале да веруваат во гласините за неговото убиство во 2011 година, сè додека друг рис не ја преземал неговата територија. Во 2012 година го заловуваат Мартин.

„Кога сфативме дека Мартин се движи по скоро истата територија, беше јасно дека  Марко повеќе не е жив“, се потсетува Меловски.

А токму Марко, помогна да се постават основите за телеметриските истражувања, да се проучува движењето, размножувањето и навиките на балканските рисови. Се развија методите на заловување и следење и ја подотвори вратата за понатамошни студии за загрозените големи мачки, како што се Лиса и Филипче.

Никој не е казнет за криволов на рис

Сепак, Меловски вели дека убиството на Марко покажало дека на Балканот, луѓето кои се моќни можат лесно да ја злоупотребуваат својата функција и законите.

„Колку дрзок треба да бидеш, за да можеш тоа да го направиш?! Тоа не може ‘обичен човек’ да го направи. Што значи дека, сепак, тие луѓе се осмелуваат заради тоа што имаат грб, или врски, или се на некоја поголема функција“, вели Меловски.

Тој потсетува дека забрана за лов на рисот има уште од 1949 година, ама досега нема ниту еден случај каде некој е казнет поради криволов на рис.

„Веќе 15 години работиме на заштита на балканскиот рис и секако дека сме дошле и до докази. Дури и до луѓе кои при интервјуа си признавале дека некогаш имале криволовено, меѓу другото и рис. Во последно време имаме докази и фотографии од такви случувања…Сметаме дека една од главните работи зошто не може да се сузбие оваа закана е затоа што нема доволно спроведување на законот“, револтиран е Меловски.

Националниот парк „Маврово“ се смета за центарот на балканскиот рис. Овде е докажано дека тој се размножува во природа, како и дека неговата бројност е најголема на Балканот. Но во бројки тоа е премалку. Во „Маврово“ се проценува дека живеат едвај 20-тина единки.

Директорот на Паркот, Самир Ајдини, потврдува за гласините кои кружат меѓу активистите и ловечката заедница дека еден функционер дури и се фалел со убиен рис. Меѓутоа не сака да коментира „по допрен глас“.

„Националниот парк, сè што се случило на негова територија го гледа и го пријавува. Собира докази, онолку колку што може да собере во моментот, и го пријавува до Јавното обвинителство“, објаснува Ајдини.

Директорот вели дека 70-те вработени лица во нивните служби постојано го контролираат теренот, па со тоа, мал е бројот на луѓето што криволоват.

За функционерот кој се фалел со убиен рис нема пријава. Одговорност не се бара ниту од рестораните и хотелите кои ги „украсуваат“ своите простории со препарирани рисови или кожа од реткото животно. Вакви „експонати“ најчесто се забележуваат низ западниот дел на државата, онаму каде што се движи балканскиот рис.

 Еден инспектор за лов во цела држава

Јонче Гаговски со години работи како ренџер во Националниот парк „Пелистер“, лоциран стотина километри јужно од „Маврово“. Тој посочува дека и тука, во 2013 година имаат сликано и пронајдено траги од рис.

„Немаме забележано да се ловат рисови. Зашто е редок, таинствен. Човек е среќен ако види рис во живо“, објаснува.

Она што го споменува како проблем, е што државата генерално тешко се справува со ловокрадците. И самите ренџери немаат некои поголеми овластувања. Ниту пак имаат оружје. Ако сретнат криволовци, оставени се сами на себе.

„И покрај тие работи, сега со камерите е многу полесно, бидејќи имаш доказ дека биле во паркот. Имав еден случај на грчка граница, помеѓу Брајчино и Кишево, најоддалечениот дел од Паркот. Ги најдовме, беа 15 души. Не бре брате, никому ништо. Не те фермаат. Си заминаа…“, раскажува Гаговски.

Иако генерално постои, самите ловџии се борат против криволовот. Кичевскиот ловџија Игор Доневски, објаснува дека законот пропишува кога смее да се лови одредена врста дивеч.

Балкански рис убиен во 2013 година, најверојатно во НП „Маврово“

„Некаде е дозволен само комерцијален лов. Може да се изведува исклучиво со присуство на ловочувар. Си има ценовник. Пример, ако дојде ловџија од странство, тој си плаќа и гонечки кучиња и ловци, ловочувар, возило ќе си изнајми. Тоа е олеснителна околност за него“, вели ловџијата.

Во Северна Македонија официјално постојат 256 ловишта и 68 корисници – концесионери на дивечот во ловиштата, а во моментов има само еден државен инспектор за ловство. Токму инспекторите пак имаат клучна улога во спроведување на законите.

Радио МОФ побара став од Државниот инспекторат за шумарство и ловство. Одговорот изостана.

Александар Настов од Министерството за животна средина тврди дека инспекторите се обучуваат, како треба да постапуваат, а потоа останатото е надлежност на инспекциските служби и правосудните органи.

„Во последно време немаме случај на ловокрадство, но тоа не значи дека таквите случаи некаде ги нема, особено на тие гранични подрачја. Така што, треба и понатаму будно да се следи ситуацијата. Засега тие балкански рисови што ги имаме со локатори, освен природна смрт, немаме друг случај (на угинување н.з.). Во иднина за сите работи мора да нè известуваат, пред сè концесионерите и управувачите со заштитени подрачја“, вели тој.

Меловски, пак, јасно се сеќава. Рисот Марко имаше околувратник и се движеше во национален парк.

Рисот во Албанија (треба да) го штити забраната за лов 

И во соседна Албанија балканскиот рис е заштитен вид. Александар Трајче од организацијата за Заштита и зачувување на природната средина во Албанија (ППНЕА) потенцира дека секоја форма на ловење, заловување, чување или наштетување на видот, се смета за нелегално. На ниво на цела Албанија, од 2014 година до 2021, е прогласена целосна забрана за лов.

Мерката дошла откако криволовот излегол од контрола, а тамошната влада препознала дека нема средства, човечки капацитет, логистика и законска рамка да се справи со криволовот.

„Па така, одлучија да ги имплементираат овие драстични мерки. Образложението беше дека во меѓувреме ќе работат на подобрување на менаџирањето, легислативата за ловот и менаџирањето со дивиот свет, генерално. Имаше некој напредок по ова прашање, но, исто така, знаеме дека мораториумот не е 100 отсто ефективен. Сè уште има случаи на криволов и сега, би рекол е уште полошо од порано. Има селективно спроведување на законот за неколку индивидуи кои се фатени во криволов. Тоа придонесе да се зголеми незадоволството меѓу ловците“, вели Трајче.

Планината Мунела во Албанија каде живее балканскиот рис

Замир Дедеј од Агенцијата за заштититени подрачја на Албанија потврдува дека постои илегален лов, бидејќи „е невозможно да се биде присутен на цела територија“. Но, нагласува, во заштитените подрачја криволовот е сведен скоро на нула, што не е случај и надвор од овие реони.

„Не се плашам да кажам дека повеќето од тие луѓе што ловат илегално се поврзани со високи судии, обвинители или полициски службеници, а со тоа е многу потешко да бидат фатени. Но, сигурен сум дека оваа приказна ќе заврши“, вели Дедеј.

Кон крајот на минатата година албанскиот парламент ги зголеми казните за криволов. Новина, вели Дедеј, е тоа што покрај парична, се предвидува и затворска казна за луѓето кои го уништуваат биодиверзитетот, посебно во заштитените подрачја.

„Ова е исто така процес кој ќе видиме како ќе тече, бидејќи во моментов казните за ова се многу строги. Морам да кажам  дека можеби, сè уште ја немаме културата судиите да стават некој во затвор бидејќи убил животно, но сега е време тоа да го сториме. Посебно, кога имаме видеа од луѓе на северот што убиваат мечка, или имаме слики од убиен мал рис. Некој мора да оди во затвор за тоа“, дециден е Дедеј.

Случајот Скадар – рис како атракција за гости

Во албански Скадар во 2011 година балкански рис беше нелегално чуван во заробеништво. Во мал кафез со лоши услови, за да служи како атракција за гостите на ресторан на влезот во градот. Активистите забележале дека рисот бил фатен во замка, со врзана нога, па ја изгубил функцијата на едно од стапалата, поради обидите да се ослободи од синџирите.

Веднаш започнале процедури за негово ослободување. Разговарале со сопственикот и се обиделе да му пружат медицинска грижа на рисот, со надеж дека потоа ќе биде пуштен во дивина.

„Истовремено, го пријавивме овој рис до властите, но за жал ништо не се случи“, се потсетува Трајче од ППНЕА.

 

 

Клодиана Марика од Министерството за туризам и животна средина на Албанија појаснува дека сакале да го ослободат рисот, но немало соодветни услови каде да биде сместен. Постоела можност да се однесе во Италија, но не сакале да го сторат тоа за дополнително да не се намали неговата бројност во земјата. Со поддршка на институциите, дури на почетокот на 2019 година, рисот конечно е пренесен во Зоолошката градина во Тирана, во живеалиште направено со помош на странски донатори.

„Знаете, и јас се чувствував горда кога успеавме да постигнеме согласност меѓу сите засегнати страни, да го однесеме во Зоолошката градина. Бидејќи многу полесно ќе беше, во однос на заложби, финансии, ресурси, да го однесеме надвор (од Албанија н.з.). Ние се обврзавме да го задржиме овој генетски материјал во земјата“, вели Марика.

Рисот почина само шест месеци откако беше сместен во Зоолошката градина. Tој беше прв случај – доказ дека има жив балкански рис во Албанија.

Трајче вели дека чувањето див свет во заложништво како атракција, во ресторани покрај патиштата, било распространет феномен. Во тие години, откриле и повеќе од 50 мечки чувани во заложништво на различни места низ Албанија.

„Така што, рисот на некој начин беше жртва на широко распространет нелегален систем на чување див свет кој се случуваше во државата“, вели тој.

„Кој го направи ова!?“

И косовските служби потврдуваат дека имало случај на убиен рис изминативе години, кој се движел по различни средини. Сепак, директорот на Агенцијата за заштита на животната средина, Илир Морина тврди дека „сите се запознаени дека ако се усмрти рис тоа претставува тешко кривично дело“.

„Сега луѓето, кои по ресторани или дома имаат изложено кожа или други балсамирани животни, ги контролираме. Значи свесни се дека ќе бидат казнети ако убијат рис или некое друго диво животно. Ова влијаеше на намалување на бројот на убиени животни. Но, не сме 100 отсто задоволни и верувам дека ќе се зголеми интензитетот на заедничката заштита на животните, помеѓу сите држави“, потенцира Морина.

Тој генерално вели дека „е присутен нелегален лов, иако е намален до максимум“. Според него, постојат случаи каде ловци ги преминуваат границите за да ловат и потоа се враќаат во својата држава. Токму затоа, напоменува, многу е важно да се подобрува соработката на граничната полиција помеѓу соседните држави, како и организирање на заштитата со ренџери или заеднички служби.

Фатос Лајчи од косовската организација ЕРА раскажува дека уште во 1989 година имало случај со убиен рис во Косово. Во кругот на сегашниот Национален парк „Проклетие“ овчар наишол на два риса. Се уплашил и едниот го застрелал. Потоа, го однел мртвиот рис во селото.

„Тоа било во времето на бивша Југославија. Дошле шумските служби, биле револтирани и прашале ‘Кој го направи ова!?’. Но, целото село молчело бидејќи знаеле дека нешто не е во ред. Ова се факти за кои знаеме“, вели Лајчи.

Сепак, Лајчи смета дека сега е сменета ситуацијата, барем меѓу локалното население.

„Не веруваме дека тие се заканата. Локалците не излегуваат да ловат. Зборувам за мештаните од Ругова. Не одат на лов, но имаме проблем со ловците што доаѓаат од градот и околината, кои бараат кому да платат за да можат да ловат. Локалците немаат традиција на лов. Традицијата им била посветена на дрвјата, бидејќи тоа им бил единствен ресурс, единствен начин да преживеат низ вековите. Но, сега ситуацијата е сменета“, вели тој.

Нема шуми – нема ни рисови

Покрај криволовот сечата на шуми и изградбата на патишта се високо на листата закани кои го демнат ова ретко животно.

Преку нив се намалува територијата на рисот, а се ништи и неговиот плен, како дивокозата, срната и зајакот. Неконтролирана сеча на шумите е проблем во целиот регион. Планината Мунела, каде во Албанија живее балканскиот рис, е деградирана. Природата постојано се соголува и пали. 

Ако му ја одземете храната на животното, тогаш му ја намалувате и можноста да преживее. Друг важен фактор е уништувањето на живеалиштата“, нагласува Трајче од ППНЕА.

Прегазениот рис на патот Охрид-Кичево

Кога на уништувањето на шумите ќе се додадат и изградбата на патиштата и автопатиштата, тоа станува вистинска катастрофа за дивиот свет.

Во 2018 година, на патот „Охрид- Кичево“, беше прегазен рис. И покрај обидот на активистите да го спасат и пренесат во Скопје, женката, поради сериозноста на повредите, умре при транспортот.

Покрај тоа што градежните активности ги вознемируваат животните, нозете на рисовите и дивите животни ретко кога се осмелуваат да поминат преку асфалт. Новите патишта ја цепкаат нивната територија и им ги намалуваат можностите за исхрана и размножување.

Меловски од МЕД објаснува дека „зелените мостови“ се едно од решенијата кои развиените земји ги користат за да го заобиколат овој проблем. Станува збор за зелени површини кои се градат врз патиштата, а преку кои животните можат да поминуваат слободно и непречено.

Токму на дел од територијата каде живее балканскиот рис поминува делницата на автопатот „Кичево-Охрид“ кој активно се гради последниве години. Меловски вели дека среќна околност е што поголемиот дел од патот има доста вијадукти и голем тунел кои ќе овозможат поминување на животните. Меѓутоа, еден дел од автопатот, на самиот завршеток на планината Караорман, кај селото Ботун и Пресека, е прилично израмнет терен. Токму тука еколозите сметаат дека е потребен барем еден „зелен мост“ со ширина од околу 200 метри.

„Тоа треба да се испланира уште при градењето на патот за да се намалат трошоците. Кога веќе ќе се изгради автопатот или во понапредна фаза на градба тоа би чинело повеќе. Меѓутоа, нашата држава не размислува на тој начин и не размислува на проблемите кои би настанале. А не треба да одиме подалеку. Еве, Хрватска, на патот Сплит-Дубровник и Загреб-Сплит има изградено десетици такви зелени мостови“, забележува Меловски.

Од Јавното претпријатие за државни патишта на Северна Македонија тврдат дека при реализацијата на инфраструктурните подрачја се посветува внимание и на заштитата на животната средина. При изградба на оваа автопатската делница велат дека се предвидени голем број мостови, вијадукти и подпатници, кои ќе биде повеќенаменски.

Меловски од МЕД апелира и за уште една опасност која се појавила последниве години. Дивите кучиња. Распространети се по дивината, во руралните средини, надвор од урбаните јадра. Го убиваат пленот на рисот и влијаат врз цел екосистем.

„Се исхрануваат и со остатоци од пленот на самиот рис, па рисот е приморан пак да лови нов плен, што во многу случаи се покажува тешко. Прво, затоа што го нема во таа густина како што би сакале да го има, а второ, доколку тоа и се случи на женка со млади, која се обидува да стигнат до полова зрелост, значи дека тие ќе бидат многу поподложни на болести, бидејќи ќе бидат неухранети. Како што кажува литературата, околу 50 отсто од младите на рисот доспеваат до полова зрелост“, вели тој.

Балкански рис и диви кучиња кои се „гоштеваат“ со неговиот плен снимени на камера-замките на МЕД во период од еден час

„Прво гледаме да уништиме, а потоа што може да заштитиме“

Длабоките клисури на Националниот парк „Маврово“, водопадите, дивите реки, буковите шуми и пространите ливади се едни од последните недопрени природни области во Европа. Но, пред речиси една деценија, живеалиштето на балканскиот рис беше под сериозна закана поради изградбата на две големи хидроцентрали во Националниот парк.

Биологот Ана Чоловиќ Лешоска, од невладината организација „Еко свест“, посвети осум години од својот живот за да го спречи овој проект и да го спаси балканскиот рис. За својата борба, која заврши со стопирање на овие проекти, неодамна ѝ беше доделена престижната награда „Голдман“ за животна средина.

Сега таа е револтирана од плановите за градење мали хидроцентрали во заштитените подрачја. Загрижувачки е тоа што се планираат преку 3.000 нови хидроцентрали кои би никнале на Балканот.

„И покрај тоа што имавме препораки од Бернската конвенција и Европскиот Парламент да престанеме со изградба на мали хидроелектрани во ‘Маврово’, гледаме дека постојано продолжуваат вакви активности. Различен пристап од различни институции – Владата ги продолжува договорите, или во план и е да ги продолжи, а локалната самоуправа укинува градежни дозволи“, објаснува Чоловиќ Лешоска, додека на нејзиниот врат носи ланче со силуетата на рисот. Симбол на нејзината битка.

Еден од проблемите со кои директно е загрозено ова животно е и тоа што „Маврово“ е единствениот национален парк во Северна Македонија кој не е репрогласен според новиот Закон за природа. Процедурата е замрзната од 2015 година, кога, според Чоловиќ Лешоска, „повеќе наликувал на закон за градење, отколку за заштита на природно богатство“.

Чоловиќ Лешоска претпоставува дека зад кочењето на овој важен закон се кријат интереси и договори за одредени хидроелектрани, кои би биле во конфликт со новите прописи.

„Ние сериозно ја правиме едната и иста грешка постојано со сите заштитени подрачја. Сега тоа се повторува со Шар Планина. Прво гледаме да уништиме, а потоа да видиме што може да заштитиме. А, треба да биде комплетно обратно – прво да видиме што имаме како вредност да заштитиме и да одлучиме дека таму нема да уништуваме, а потоа да ги правиме тие инфраструктурни проекти без голема штета по дивиот свет и животната средина“, нагласува таа.

Директорот на НП „Маврово“, Ајдини, потврдува дека токму поради хидроцентралите, законот е заглавен во лавиринтите на институциите. Вели дека во минатото се дадени многу дозволи за ваква инфраструктура, кои денеска ги спорат со сомненија дека ќе нанесат штети врз животната средина.

Овие градежни зафати се судираат со зонирањето, кое е дел од Предлог-законот со кое Паркот треба да се подели на три зони. Од зона за одржливо користење, преку зона за активно управување, до зона за строга заштита.

Според студија на „Ривер Воч“ во Албанија се градат 60, во Косово 15, а во Северна Македонија 14 хидроцентрали. Дополнително, во овие три земји постојат планови за уште 719 нови хидроцентрали.

„Критично загрозен“

Балканскиот рис се води како „критично загрозен“ на Црвената листа на загрозени видови на Меѓународната унија за конзервација на природата (IUCN). За да се подобри статусот во „загрозен“, според правилата на листата потребно е зголемување на популацијата на најмалку 50 единки и таа бројка да се задржи пет

години по ред.

Урс Брејтенмосер, од Експертската група за диви мачки на IUCN, објаснува дека уништувањето на шумите во Албанија и инфраструктурниот развој во Северна Македонија се главните опасности по балканскиот рис, додека во Косово рисот се среќава толку ретко што воопшто не им се познати конкретните опасности со кои се соочува таму.

„Постои конзервациски план за управување со Националниот парк ‘Маврово’ кој мора строго да се спроведе за да се заштити јадрото-популацијата, а Паркот треба да ги добие потребните средства за тоа. Надвор од паркот, подготвени се национални акциони планови за Северна Македонија и Албанија, кои сега мора да бидат применети и имплементирани“, вели Брејтенмосер.

Иако не ги оценуваат поединечните стратегии на државите, Експертската група е вклучена во развој на широк спектар на стратегии за конзервација на балканскиот рис, како и во националните акциони планови.

„Меѓутоа, меѓународната стратегија никогаш не била прифатена од надлежните национални власти , а националните акциони планови не се целосно спроведени. IUCN и Експертската група за мачки смета дека конзервациските власти во земјите мора да дадат највисок приоритет на конзервацијата на критично загрозениот балкански рис. Оваа оценка е потврдена и од Бернската конвенција“, посочува тој.

Додека од Унијата имаат впечаток дека националните тела немаат соодветни капацитети и доволна поддршка за плановите за конзервација, македонските, албанските и косовските служби уверуваат дека „се работи на тоа“.

Во однос на тоа што нема посебна Стратегија за балкански рис, македонското ресорно министерство смета дека независно од тоа дали секоја од државите има таков документ, доволна е и тековната Стратегија за заштита на природата и на биодиверзитетот.

„Доколку во иднина се донесе посебна стратегија од периодот 20-30 години, тоа ќе биде плус каде што овој вид ќе биде таргетен вид. Ние сега имаме за четирите видови крупни ѕверови, каде балканскиот рис е рамноправно третиран, заедно со мечката, волкот и слично“, вели Александар Настов од Министерството за животна средина.

Ставајќи го рисот како главна фотографија на својата Фејсбук страница, Министерството за животна средина на Северна Македонија покажаа дека се горди на тоа што во земјава живее големата мачка. Иако ова е една од најупотребуваните фотографии на интернет за балканскиот рис, сепак од информациите кои успеавме да ги најдеме станува збор за евроазиски рис сниман во австрискиот Национален парк Калкалпен за документарниот филм „Создавање на античка шума“

Дедеј од Национална агенција за заштитени подрачја во Албанија споменува за Стратегија што завршила во 2019, кога за прв пат се обиделе да направат поголема контрола на заштитените подрачја. Сепак, нагласува периодот од 4-5 години e краток за менување на менталитетот, а идејата е да се подобри и капацитетот и опремата на службите.

Дедеј, соработката со Северна Македонија ја оценува како слаба, со Косово како подобра, а со Црна Гора како многу добра.

„Македонија има различен начин на управување. Заштитените подрачја обично се водени од ентитети кои ги користат приватните идеи, продаваат некои работи и добиваат плата. Има исто така некои резултати од ЕУ студии направени за Преспа, покажуваат дека во Албанија е подобро бидејќи се менаџира од владата, од каде луѓето земаат плати, додека во Македонија идејата е да бидат платени од приходот што самите го генерираат. Па, некогаш тоа е поврзано со користењето на природните ресурси. Би бил среќен да започнам соработка со Македонија, но мора да најдеме некаква владина институција која работи со заштитените подрачја. Досега, имаме потешкотии“, вели тој.

Илир Морина од Агенција за заштита на животната средина од Косово ги поканува министрите од трите држави и Парламентите да ги имплементираат потребните документи и европски директиви. Ја споменува и „Натура 2000“. Ова, според него, е важно бидејќи рисот не прашува „дали ќе спие во Северна Македонија, Албанија или Косово“.

„Тој се движи и ние треба да му обезбедиме услови, не само за рисот, туку за секое животно и растение кое е подеднакво важно да се зачува, бидејќи природата во светот се намалува во голема мера и се деградира, климатските промени се очигледни“, нагласува Морина.

Најголемо прекугранично заштитено подрачје во Европа

Активистите бараат поголема соработка со државните институции за заштита на рисот.

„Во рамки на Програмата за заштита на Балканскиот рис досега на Фејсбук добивме само еден збор – ‘браво’, и толку. Тотално нè игнорираат. Не покажуваат ниту малку почит, знаејќи дека Косово има неверојатно животно. А, веројатно рисот го става Косово на светската мапа, промовирајќи ја како земја“, објаснува Лајчи за ситуацијата со која се соочуваат во Косово.

За Трајче од ППНЕА постојат две нивоа кога се зборува за прекугранична соработка. Невладината и академска заедница постигнале многу за спас на рисот, преку својата поврзана мрежа од организации. Од друга страна, отсуствуваат клучни врски кај владините институции.

„Владините институции во овие држави сè уште се слаби. Сè уште мора да изодат долг пат за да изградат институционална сила. Тие се предмет на промени во зависност од политичкиот момент и политичките избори, назначувањето различни директори од година во година… и сето тоа придонесува за институционална нестабилност. Но, не ја гледаме целата ситуација како целосно мрачна. Има некакво подобрување, има некаква комуникација“, вели тој.

И Меловски од МЕД забележува дека невладините се „држат заедно“ за спас на рисот. Последниве години се подобрила и соработката со НП „Маврово“, а имале и средби со соседните заштитени подрачја од Косово и Албанија, со што е подобрен и мониторингот на терен. Сепак, за него е проблематично што со години наназад при одлуките на Владата „не се слуша гласот“ на надлежното Министерство за животна средина.

На ниво на трите држави, како следен чекор ја споменува меѓународната соработка со  заштитените подрачја. Заеднички патроли, цензус на диви кози кои се и храна за рисот, заеднички мониторинг со фото-замки – смета дека е она што треба да го прават пограничните подрачја. И секако, заштита на подрачјата каде има траги од балканскиот рис.

„Дај боже, Шар Планина и од македонска страна да биде прогласена за национален парк. Тоа ќе биде едно од најголемите прекугранични заштитени подрачја, можеби во Европа. Зборуваме за Шар Планина од косовска и македонска страна, заштитено подрачја Кораби од албанска страна и НП ‘Маврово’. Формираат огромно заштитено подрачје што е секако добредојдено за балканскиот рис“, констатира Меловски.

***

Иако свирепо убиен, Марко ќе остане запаметен како клучната единка која на биолозите им овозможи бесценети податоци преку кои можат да го спасат балканскиот рис од изумирање. Неговиот лик е дел од голем број едукативни кампањи и документарни филмови наменети за младите.

Мисијата на еколозите сега е да се осигураат дека балканскиот рис ќе постои кога новата генерација ќе биде во можност да носи одлуки за неговата иднина.

Подготвија: Бојан Шашевски, Даниел Евросимоски, Јасмина Јакимова, Емилија Петреска

  •  

Објавено

Среда, Мај 13, 2020 - 19:31

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе