Како им одговори Конески на Бугарите во '48 (5)

Не беше одамна времето кога се бранеше бугарскиот литературен јазик, а сега се наоѓаат луѓе што на тој јазик срамотат други јазици

Не беше одамна времето кога против такви гадни напади стануваше Иван Вазов да го одбранува не некој друг, ами бугарскиот литературен јазик. Сега, види веќе како се сврте веков, се наоѓаат луѓе што на тој јазик срамотат писмено и усмено други јазици, вели Блаже Конески во 1948 година во книгата „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, како одговор на бугарските напади врз македонскиот јазик пред 70 години. МКД.мк објавува извадоци од неговата книга како одговор на денешниве напади, зашто таа е свежа и актуелна како да е пишувана денес и како наместо на тогашните чанковци, да им е упатена на денешниве каракачановци и ковачевци.

Ние се ближиме веќе кон крајот на нашето запознавање со „критиката“ што во раководните кругови на БРП (к) се превзема против нашиот литературен јазик. Би сме сакале да се задржиме уште на две работи: прво, на чувствениот однос што се одгледува во БРП (к) спрема нашиот литературен јазик и второ, да го поставиме уште еднаш во заклучок прашањето, дали се крие или не зад сето тоа неизживеаниот великобугаризам.

Што се однесува до првото, ќе ги цитираме зборовите на другарот Лазо Мојсов, кој што во својата книга „Бугарската работничка партија (комунисти) и македонското национално прашање“, на стр. 234, го засега токму тоа што овдека нѐ интересира: „Бидејќи во Пиринска Македонија огромно се засили читањето на македонска книга, печатот од НР Македонија многу се распространуваше и засилено се изучаваше македонскиот литературен јазик преку многубројни курсови, главните напади беа сега управени против македонскиот литературен јазик. Напоредно со михаиловистичката реакција во Пиринска Македонија, и некои одговорни луѓе од БРП (к) и ОФ отпочнаа да се подиграваат со македонскиот јазик, одејќи дотаму да го наречуваат во вулгарна смисла на зборот „арнаутски“ и „цигански“ јазик, дека е тој јазик измислен, дека е тој „нов“ јазик на Македонците (за разлика од „стариот“, т. е. кога Македонците говореле на бугарски јазик).“

Ние веќе споменавме во почетокот дека е и тоа една општопозната црта на шовинистичката идеологија: таквиот чувствен однос спрема еден јазик што се издига до степен на литературен јазик. Не беше одамна времето кога против такви гадни напади стануваше Иван Вазов да го одбранува не некој друг, ами бугарскиот литературен јазик:


Език прекрасен, кой те не руга

И кой те пощади от хули гадки?

Вслушал ли се е некой до сега

В мелодията на твойте звуци сладки?

 

Не, ти падна под общия позор,

Охулен, опетнен със думи кални:

И чуждите, и нашите, във хор

Отрекоха те, о, език страдални!

 

Не си можал да въплътиш във теб

Създанята на творческата мисъл!

И не за песен геният ти слеп -

За груб брътвеж те само бил орисал!

 

Туй слушам се’ от как съм на света!

Се’ туй ругателство ужасно, модно,

Се’ тоа отзив, низка клевета,

Шо слетя всичко мило нам и родно“.

 

Сега, види веќе како се сврте веков, се наоѓаат луѓе што на тој јазик срамотат писмено и усмено други јазици.

Се оправдува ли, на крајот, по сето што го видовме, тврдењето дека во БРП (к) воскреснуваат за поновна употреба великобугарските теории во однос на македонскиот јазик и нација? Против тоа се буни Чанков, велејќи дека е клевета оти ЦК БРП (к) „ја спроведува официјалната политика на бугарската буржоазија што ја отфрли целиот бугарски народ.“ А ваму сите негови битни искажувања, ако ги оставиме настрана различните миголења, си прилегаат како близнаци со искажувањата на великобугарите за македонскиот јазик и за народноста на Македонците. Доста е да ги прелистаме опозиционите бугарски весници, па да видиме кој кај кого пошол. Некои поклапања просто фрапираат. И идејата да се бара некакво бугарско малцинство во Македонија, која од ХХI пленум наваму станува основна во „македонската линија“ на БРП (к) не е ништо друго ами обичен плагијат, и не од друго место, ами од кај Никола Петков! Еве како е таа формулисана во неговиот весник „Знаме“ од 11 јануари 1947 година, во статијата „Внушение за родоотстапничество“: „И ако емигрантите - Македонци бараат да бидат признаени за малцинство во Бугарија, тоа зошто не предјават барање да бидат признаени за национално малцинство и Бугарите во Македонија, како што е признато српското, грчкото, турското, албанското и циганското малцинство. Не мислат ли тие дека еден ден тоа прашање може да се подигне од Бугарија, толку повеќе, што се однесува не до емигранти, а до натурални жители на Македонија“.

Пишувачот на овие редови сигурно не верувал дека баш од БРП (к), против која и беше управена неговата статија, ќе се постави, само една година подоцна, прашањето токму во таква форма, во каква што тој си го претставуваше. Денеска може да биде задоволен и да не вика против БРП (к), како таа ги предала „скромните национални идеали на бугарскиот народ“. Може Чанков и после вакви факти да демантира колку што сака дека ЦК БРП (к) не оди по линијата на неизживеаната великобугарштина; белки ќе се најдат луѓе доволно лековерни и глупи да поверуваат.

Зошто прашањето за односот спрема македонската нација и јазик се постави од БРП (к) во ваков великобугарски разрез токму по резолуцијата на Информбирото? Познато е дека македонскиот народ и неговиот јазик живееле векови пред таа резолуција, и, се надеваме, ќе живеат векови по неа. Никаде во таа резолуција не беше засегнато со нешто македонското прашање. Па откаде се најдоа подбудени раководителите на БРП (к) да постапуваат во однос на македонскиот народ и на неговиот јазик така како што денеска го прават тоа? Овој момент е според нив „погоден“, да се оживат пак „скромните национални идеали на бугарскиот народ“. Ние не би сме сакале овдека да расудуваме до колку е голема таа државничка мудрост што во однос на нашиот народ годинава го брише тоа што лани со полна уста го признаваше. Ние знаеме само дека таквата политика ги повредува старите рани, ги настројува јужнославјанските народи едни против други, ги разединува за радост на непријателите.

После сето што го истури во својата статија, и Чанков, на крајот, по углед на резолуцијата од ХVI пленум на ЦК БРП (к), изјавува уште дека „нашата Партија ќе продолжи да работи на подигањето на националната самосвест на населението од Пиринскиот крај како на македонско население и ќе му поможе на секој начин во тој поглед, затоа што е тоа во интерес не само на македонскиот народ ами и во интерес на братството и пријателството на сите јужни и демократски народи на Балканот“. Тие зборови можеше да звучат искрено кога Чанков ги декларираше минатата година (на 9 Х), овдека тие повеќе прилегаат на смоквин лист.

Коментирајќи го сличниот крај на резолуцијата од ХVI пленум, по сето она што во таа резолуција се донесе, другарот Лазо Мојсов со право заклучува во цитираната погоре книга: „Во историјата ни на едно револуционерно движење, ни на една комунистичка партија не е познато, или бар досега не било познато, да се бори со тоа движење и таа партија против погледите и ставовите на реакцијата, со исти нејзини погледи и ставови, како што денеска БРП (к) декларира дека сака да се бори против великобугарскиот шовинизам и агентите на В. Михаилов, а самата таа во однос на Македонија и македонскиот народ ги има во суштина истите погледи на Македонија како и В. Михаилов“.

Од досегашното расправање ние видовме на ошто се држат тврдењата дека нашата нација била вештачки создавана, дека нашиот јазик бил измислен и формиран по некаков диктат итн. Сето тоа се бладања на луѓе што сакаат да ги гледаат работите онака како што е во нивни интерес, а не онака како што стоат тие во самата историска стварност. Никој подобро од нас, што ја строиме денеска слободно нашата земја, што ја сеќаваме поезијата на сестраната економска и културно-политичка преродба во неа, - не ја узнава сета мизерија и мрачност на таквите бладања.

Ние не треба да се уверуваме во тоа. Но ние треба да го познаваме историскиот пат на нашиот народ, и во тој склоп - развитокот што доведе до оформувањето на нашиот литературен јазик.

Како што знаеме, изградбата на нашиот современ литературен јазик се разгрна во времето меѓу двете минати војни. Зошто стана тоа кај нас подоцна отколку во другите соседни земји? Затоа што нашиот национален развиток врвеше побавно. Низ ХIХ век српскиот, па грчкиот и бугарскиот народ се ослободија од османската власт. Македонија меѓутоа, по ред причини, сѐ до 1912 година остана турска провинција. А тоа значеше продолжување на беговското полуфеудално ропство што го пречеше економскиот и културен развиток на нашиот народ.

Треба да забележиме уште еден факт од нашата нова историја, чии што тешки последици ги сеќаваме до денеска и што има свој одраз и во однос на нашиот литературен јазик. Тоа е поделбата на Македонија на три дела во 1913 година. Со неа се почна еден период на засилена асимилаторска политика спрема Македонците, која најдрастичен вид зеде во Грција, каде што им се забрани да говорат на својот мајчин јазик. Во трите дела на Македонија нашиот народ се развиваше повеќе од четврт век под инакви услови, но сеедно потиснат и ваму и таму; проблемот на неговото обединување е и денеска сѐ уште отворен. Многу јасно дека тоа си има свои реперкусии и во однос на литературниот јазик.

 

Како им одговори Конески на Бугарите во '48:

На тие што од високо би сакале да погледаат на нашиот јазик, можеме да им речеме само: ваша работа!

Будењето на македонскиот народ за нив беше опасност да им се ислизне од рацете пленот околу кој долго време си ги вадеа очите

Бугарите сакаат да го ревидираат и повторно да го решаваат тоа што веќе историјата го решила неповратно

Дали „Бели мугри“ и „Ленка“ се пишувани на вештачки јазик создаден по диктат од Белград? Не, не е така!

Кој удира по македонскиот јазик просто и јасно удира против македонската нација

Нивните поруги за нашиот јазик им се враќаат на глава, нема нас во нешто да нѐ поколебаат

Релевантните институции покажуваат неподготвеност да го спроведат долгоочекуваниот попис.

повеќе

Економската стратегија има за цел да се реализираат можностите на дигиталната трансформација, да се зајакне соработката во областа на климатските промени, енергетскиот сектор, човечкиот развој и безбедноста на храната.

повеќе

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе