четврток, 25 април 2024

Европскиот парламент усвои резолуција со која се осудуваат руските избори како „нелегитимни“

Европскиот парламент денеска усвои резолуција со која се осудуваат „нелегитимните“ претседателски избори во Русија и на руските окупирани територии во Украина, одржани од 15 до 17 март 2024 година.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Членовите на Европскиот парламент ги повикуваат земјите-членки на ЕУ и меѓународната заедница да не го признаваат исходот од изборите како легитимен, бидејќи се одржале на нелегално окупираните територии на Украина и во Русија и „не биле ниту слободни, ниту фер“.

„Оваа фарсична претстава на руските власти имаше единствена цел да создаде привид на изборен легитимитет за Владимир Путин, неговата политика на безмилосна домашна репресија и, пред сè, за агресорската војна против Украина“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на ЕП.

Исто така, изразува жалење што унгарскиот премиер Виктор Орбан одлучил да отстапи од ЕУ и да му честита на Владимир Путин за неговиот „лажен реизбор“.

„Парламентот ги повикува земјите-членки да ги ограничат односите со Путин за прашањата неопходни за регионален мир, како и хуманитарни цели и цели за човекови права, на пример, размена на затвореници, враќање на децата депортирани од Украина или повикување на ослободување на политички затвореници“, се вели во соопштението.

Се додава дека ЕУ треба да изрази целосна солидарност со руското граѓанско општество и да ги санкционира сторителите на прекршувањето на човековите права. „Пратениците на Европскиот парламент ги повикуваат ЕУ и земјите-членки да продолжат активно да ги поддржуваат независните руски граѓански организации, независните медиуми и бранителите на човековите права и активно да се ангажираат и да ѝ понудат поддршка на руската демократска опозиција“, се заклучува во соопштението.

Резолуцијата беше усвоена со 493 гласа за, 11 против и 18 воздржани.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ