Не прескокнуваат затворски ѕидови, туку рокови

Наместо со копање тунели, криминалците со документи бегаат низ затворските решетки

Не ги прескокнуваат затворските ѕидови, ниту копаат подземни тунели за да побегнат, но сепак се бегалци по кои полицијата трага и за кои МВР има издадено потерници. Од минатата година до сега вкупно 1.058 лица завршија зад решетки и го добија статусот на бегалци, но без класични бегства. Ѝ бегаат на правдата, ама со лист хартија и преку институциите. Кај нас бегалци се и лицата што излегуваат од затвор на викенд-отсуство и не се враќаат назад, и оние што имаат изречено правосилни пресуди, а не се јавуваат во затвор, работно ангажирани што по завршувањето на работното време не се вратиле во затвор... Меѓу нив има осудени за тешки кражби, разбојништва, убиства, насилство, учесници и предизвикувачи на тешки сообраќајки, дилери на дрога.

Според МВР, бројот на лицата лишени од слобода од 1 јануари 2021 до 1 ноември 2021 година е 541. Најчести кривични дела од КЗ на РСМ за кои е распишана потерница се следните: тешка кражба чл. 236, измама чл. 247, загрозување на безбедноста на сообраќајот чл. 297, неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори чл. 215, насилство чл. 386, убиство чл. 123.

За тоа како МВР ги апси оние што се бараат по потерница ни беше одговорено дека сѐ зависи од оперативните сознанија со кои полицијата располага за нивниот престој и условите каде и кога може да се лишат од слобода и според тоа се постапува.

„Поголем број од лицата по кои е распишана потерница се кријат и имаат повеќе престојувалишта. Во одредени случаи, кога се работи за лица од кои се очекува да дадат активен отпор, се подготвува посебен План за постапување со цел да се лиши од слобода без последици. Во поглед на пронаоѓањето лица што се бараат подолг период Ве известуваме дека во текот на 2021 година лишени се од слобода следните лица: С.М., кој се бара од 2008 година за казна затвор од 12 години, Б.Е., кој се бара за казна затвор од 21 година, К.Д., кој се бара за вкупна казна од 23 години", ни одговорија од МВР.

Неколку пати до сега редакцијата на МДК.мк пишуваше за бегалци што беа фатени во болница, бегалец уапсен додека се враќал од погреб, како и во кафуле или додека низ ниви ѝ бегаше на полицијата.

Кај нас обид за бегство имаше пред неколку месеци во најголемиот затвор во државава. Тогаш осуденик на доживотен затвор за разбојништва и убиство се обиде да избега од крилото каде што се сместени доживотните осуденици.

Државјанинот на Албанија, кој во најголемиот затвор кај нас треба да остане до крајот на животот, се обидел, но не успеал да побегне. Тој ја исекол заштитната решетка, но успеа да стаса само до таванот, каде што беше фатен од затворските чувари.

Ако минатата година само тројца осуденици, иако беа со полициска придружба, успеаја да побегнат, во првата половина на оваа година, односно од јануари до јуни, при спровод од затворот до болница, до судовите или до обвинителството, побегнаа шест осуденици.

Бегаат или поради невнимание на полициските чувари, или поради можеби пак, постои договор со нив. Во октомври, 2019 година на враќање од Клиника, затвореник од КПУ „Идризово" избега од возилото со кое затворската полиција го транспортирала на преглед.

Според Управата, тогаш затворската полиција ја прекршила постапката. Затворските полицајци тогаш застанале да купат сендвичи од бензинската на Макпетрол кај училиштето „Михајло Пупин", при што затвореникот избегал од задната врата на возилото. Сендвич тогаш требаше да има и за осуденикот, но наместо да чека да јаде во комбито, тој побегна.

Истиот ден по неколку часа бегалецот беше фатен и вратен во затворот во Идризово.

Запаметен е и обидот за бегство на Алмир Дрпљанин, осуден на доживотен затвор за убиството на припадник на полициските „Алфи " во 2008 година. Тој имаше неуспешен обид за бегство од затворот Дубрава во Kосово.
На крајот на јануари 2015 година Дрпљанин беше спроведен во државава и од тогаш е во затворот во Штип.

Бројот на осудените лица што не се вратиле од викенд-отсуство, според Управата за извршување на санкции во текот на 2020 година е 105, и тоа е најголема бројка на лица што се водат како бегалци. Оваа бројка во првата половина на оваа година е 55.

Бројот на осудени лица што не се вратиле од болничко лекување минатата година е само 1 осудено лице, а за шест месеци оваа година од болничко лекување во затвор не се вратиле 7 осуденици.

Законот за извршување на санкции дозволува и осудените лица да можат да работат во фирма во текот на денот, а ноќе да се враќаат во одредено време во затвор. Платата што ја земаат за работата оди на сметка на затвор, наместо за осудениците. И оние лица што не се враќаат од работниот ангажман се водат исто така како бегалци.

Вакви во 2020 година и во текот на првите 6 месеци од 2021 година има двајца, по еден во двете години.

Според статистиката на Управата за извршување санкции, вкупно 9 лица од јануари лани до јуни годинава успеале да се оддалечат од обезбедувањето, кое ги чувало додека биле надвор од затворската установа. Регистрирани се оддалечувања и од затвор на осуденици кои биле во полуотворениот или отворениот дел во затвор, а такви во истиот период се вкупно 13 бегства.

Од сите начини што ги искористиле осудените за да им побегнат на затворските решетки, вкупниот број за една и пол година е 192 лица.

За бегалци се сметаат и оние за кои има изречено правосилна судска пресуда, но не се јавиле во затворската установа за издржување на казната затвор.

Такви осудени бегалци се вкупно 837. За плус 43 лица за кои има изречени правосилни судски пресуди, затворот ги известил судовите, но нема добиено повратна информација дали е распишана потерница.

Еден од бегалците што побараа прекин на издржување на затворската казна поради болничко лекување, а потоа не се вратија во затвор беше и Игор Спасов, осуден на затворска казна од 14 години за убиството на Мартин Нешкоски.

Тој околу 2 години користејќи го ваквиот начин на одложување на казната со медицинска документација, но потоа не го оправда отсуството и се водеше како бегалец. Беше фатен во Бугарија, па потоа спроведен во затворот во Идризово.
Бегалец е и поранешниот премиер Никола Груевски, по кого е распишана потерница, иако се знае точната локација каде се наоѓа. Потерницата е активна, но ниту некој го апси, ниту пак може да го екстрадира во државава. Последниот збор за екстрадицијата го има судот во Унгарија, кој одлучи дека Груевски не може да биде екстрадиран бидејќи има одобрен азил.

Во државава не се екстрадирани, а се водат како бегалци, и Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се бараат за убиствата кај Смилковско Езеро.

Дванаесетти април 2012 година беше кобниот ден за четири момчиња на возраст од 18 до 21 година и за 45-годишен рибар. Со три различни типа оружје, три лица им пресудија на 5 жртви. Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, според Обвинителството, им пукале од близу на момчињата, а потоа на одредено растојание го забележале и рибарот, во кој исто така пукале. И тој паднал и починал до својот автомобил, на само неколку метри од телата на четирите момчиња.

Алил Демири и Африм Исмаиловиќ цели осум години по ред успешно бегаат и се кријат од лицето на правдата. И кога на сите ни се чини дека можеби органите на прогонот се толку близу до екстрадиција на двајцата бегалци, фактите и постапките на институциите се тука да ни го докажат спротивното: дека тие не се достапни и покрај тоа што се знае нивната локација на престој.

Косово е местото што умешно ги крие Демири и Исмаиловиќ. Факт е дека за нив има меѓународни потерници и во потрага е вклучен и Интерпол, но од двајцата бегалци во земјава нема ни трага ни глас. 

Катерина Додевска

Фото: Роберт Атанасовски  

Објавено

Понеделник, Ноември 29, 2021 - 11:58

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе