Каква е состојбата со изворите на вода во земјава?

Наместо да ги штитат, надлежните директно и индиректно ги загадуваат изворите

Процените се песимистички. За само три децении, односно по 2050 година, речиси половина од светското население ќе се соочува со повремен или постојан проблем со обезбедување вода за пиење, некаде од аспект на количество, а некаде на квалитет. Нашата земја нема да биде исклучок, со оглед дека не сме заобиколени од климатските промени, иако сѐ уште се чини дека повеќето Македонци сметаат дека токму тие климатски промени се нешто апстрактно и се случуваат некаде далеку, преку Океанот или на Северниот Пол.

За да расте дрвото плодно, потребно е да се негува од корен, велат старите. За да имаме доволно чиста, бистра и здрава вода за пиење, за нас, но и за генерациите по нас, да се погрижиме да ги зачуваме изворите од каде што извира водата.

За жал, состојбата со изворите во нашата земја не е баш „бистра“, алармираат експертите. Обично „ја заматуваат и контаминираат“ оние што треба први да ја чуваат онаква каква што ни ја понудила природата.

Стар регистар на извори со кои располагаме, непрецизно воспоставување заштитени зони околу изворите, особено околу најголемите извори во земјава, испреплетени надлежности на институциите, отсуство на мониторинг за влијанието на климатските промени врз подземните води... се само дел од проблемите за кои алармираат упатените во темава.

Со што располагаме?

Околу 75% од населението во земјава со санитарна вода се снабдува од подземни води, но тие во Македонија ниту се доволно истражени, ниту се доволно заштитени, смета Доцент Д-р Златко Илијоски, дипломиран инженер геолог.

„Не постои точен податок за бројот на изворите на територијата на нашата земја. Според податоците од Катастарот на извори од шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век, на целокупната те­риторија регистрирани се околу 4.400 извори. На ниво на цела држава не постои ажурирана евиденција на сите извори ниту по локација, ниту по капацитет. Вакви податоци постојат парцијално само за одделни делови од територијата на државата“, вели Илијовски.

Вкупната издашност на сите извори се проценува на 992×106 м3/годишно, односно 31.49 м3/сек, од кои околу 40 се со издашност поголема од 100 л/сек, додека сите извори со капацитет поголем од 100 л/сек се лоцирани во Западна Македонија.

Доколку само половина од оваа вода биде искористена за водоснабдување на населението, таа е доволна за обезбедување на околу 7.000.000 жители со потрошувачка од 200 литри на ден по жител.

Илијоски потенцира дека природната средина може да обезбеди некој степен на заштита, но не до бесконечност, и дека не постои потполно резидентна средина.

„Сега засега скоро кај сите извори квалитетот на водата ги задоволува стандардите за вода за пиење, но треба да се констатира дека дел од нив се под закана и ризик од загадување. Заканите најчесто се резултат на влијание на историски несреќно избрани локации на индустриски комплекси и депонии, несоодветно одложување на индустрискиот и комуналниот отпад и испуштање на непрочистени отпадни води. Моментно е евидентна недоволна грижа од страна на државата, институциите и самиот човек како единка на современото живеење за заштита на животната средина вклучувајќи ги и водите. Отсуствува концептот на одржливо управување со водите“, оценува Илијовски.

Експертите се едногласни дека факторот што влијае врз заштитата на изворите за водоснабдување е и несоодветниот третман на отпадните води и нивно директно испуштање во водните тела без претходно прочистување, како и недостигот од мониторинг-систем на изворите со вода.

И од „Вода за промени” (Water4changes) укажуваат на истиот проблем.

„Моментно не постојат достапни нови информации за бројот на извори и состојбите со нив поради непостоењето на важечка Водостопанска основа и регистар на извори во државата. Во ситуација на недоволно информации, несоодветна заштита на изворите со вода и испреплетеност на надлежностите помеѓу повеќе институции, се носат одлуки за управување или користење на води што не соодветствуваат на приоритетната намена на водата, а тоа е за водоснабдување. Овој факт укажува дека антропогениот фактор има големо негативно влијание врз заштитата на изворите и дека интегрираното управување со водите во државава е само уште една заложба прикажана само на хартија“, вели Евгенија Крстевска, проектен координатор на проектот „Вода за промени“ на невладината Global Shapers Skopje Hub .

Таа потенцира дека моментално се врши само мониторинг на состојбите на реките од страна на УХМР.

„Недоволно расположливи информации за состојбите на водните тела во државата во услови на климатски промени е недозволиво. Потребно е воспоставување на регистер на води и нова Хидрогеолошка карта на РС Македонија, како и јавно достапен систем за следење на состојбите со водите. Овие податоци мора да бидат рефлектирани во одлуките за користење на вода за други намени согласно Законот за води", потенцира Крстевска..

Кој е задолжен за заштитени зони околу изворите?

Недоволна заштита на изворите, а во конкретни случаи таа и целосно отсуствува, е ставот на „Water4changes-Вода за промени”, чија реализација е акцентирана на заштитата на водните пространства во земјава.

„Иако Законот за води пропишува обврска за воспоставување заштитни зони околу изворите со цел спречување на негативните влијанија што можат да го нарушат водното тело, фактот што до 2020 година донесени се само незначителен број одлуки за воспоставување на заштитни зони на извори за водоснабдување укажува на несериозноста на јавните власти и нивна негрижа“, велат од невладината.

Активистите потенцираат дека надлежностите околу заштитата на изворите се испреплетени меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање од една страна и локалните власти, од друга страна.

„МЖСПП има само координативна улога во оваа заштита. Потребно е зголемување на надлежностите на Министерството во случаите кога локалните власти не вршат соодветна заштита на изворите со вода. Тоа значи секогаш кога локалната власт нема да воспостави режим на заштитни зони околу изворите со вода, таа обврска треба да ја преземе МЖСПП. Согласно со член 15 од Законот за води во постапките на доделување на дозвола за користење вода, приоритетот на употреба на водата е за човекова консумација. Една од обврските согласно со овој закон е да се заштити ова основно човеково право со воспоставување заштитни зони околу изворите за водоснабдување. Како што веќе споменавме, МЖСПП има координативна улога, додека надлежност околу управувањето со водите имаат и локалните власти, МЗШВ, а во постапките за доделување концесии и јавни приватни партнерства се јавува и Министерството за економија“, појаснуваат од организацијата алудирајќи на реалноста дека често пати токму овие испреплетени надлежности не го даваат точниот патоказ до главните непочитувачи на изворите како богатство.

Најголемите извори под најголеми закани?

Најголеми извори во земјава што се со капацитет поголем од 1.000 л/сек се изворот Св. Наум, Изворот Рашче, изворот на река Вардар Вруток, Изворот на Црна Река, изворот на Река Треска, изворот Студенчица, Вевчанските извори, Росоки, Тресонечки извори, Белички извори, извор Врело во Езерото Матка и др.

„Изворот Рашче годишно продуцира околу 150.000.000 м3 вода и претставува ресурс со непроценлива вредност за градот Скопје. Околу 90% од населението во скопскиот регион, кој има околу 600.000 жители, и добар дел од стопанството потребите со вода ги задоволува од овој извор. Сега засега водата е со одличен квалитет, но тој е под сериозна закана од загадување од индустриската депонија Југохром, која продуцира неконтролирано истекување на шествалентен хром во реката Вардар и во зоните на прихранување на изворот Рашче. Оваа депонија треба што е можно поскоро да се отстрани, загадената почва и подземни води во зоната на депонијата и комбинатот Југохром да се стават во процес на ремедијација, а целиот простор да биде рекултивиран. Негативно влијание има и често пати доста неповолниот квалитет на водата од реката Вардар, која најчесто е од IV и V категорија“, појаснува Илијовски.

Изворот Св. Наум, еден од клучните за опстанок на Охридско Езеро, исто така не е поштеден од закани, алармираат од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“.

„Изворите Св. Наум се под силен антропоген притисок. Иако формално самите извори се во зона на строга заштита (но зоната околу изворите не е дури ни активно управување) се дозволува вода од нив да се користи за наводнување и се дозволува околните угостителски капацитети да ги користат за комерцијални активности што не би смеело да се случи. Изворите се клучен фактор за опстанокот на Охридско Езеро, но, како и со сѐ друго, и со нив се управува неодговорно. Министерството за животна средина и просторно планирање континуирано потфрла буквално во сите можни аспекти од своето работење“, вели Драгана Велковска, активистка во „Охрид СОС“.

Потенцира дека е неопходно екосистемите да се штитат како природни целини какви што се, а не да се парцелизираат во согласност со нечии лични интереси затоа што природата нема административни граници.

„Актуелниот процес за консултација на Студијата за валоризација што се работи за Охридско Езеро е уште една причина за загриженост за нас бидејќи во неа изворите Св. Наум воопшто не се опфатени со изговор дека тие се веќе опфатени со Планот за управување со ЈУНП Галичица.

Ставот на 'Охрид СОС' е дека токму таквото сегментирање на природата по принципот 'раздели, па владеј' ја овозможува традиционалната тенденција на уништување на сѐ што има некаква вредност во оваа земја“, велат оттаму.

Климатските промени и изворите

Изворите како природни локации каде што подземната вода истекува на површината на теренот „не се поштедени“ ниту од климатските промени, кои имаат сериозно влијание на глобално ниво на смалување на расположливиот ресурс на подземна и површинска вода, како и на одржливото управување со водите.

Иако темата за климатските промени е многу широка и бара опсежна анализа Илијовски конкретно за нивното влијание врз изворите вели дека нашата земја не располага со доволни капацитети, како и современ мониторинг за следење на климатските промени и определување на влијанија од климатските промени, а за таа цел се користат податоци од регионален карактер.

Знаејќи дека загадувањето на изворите е многу реална закана за нашиот опстанок, експертите и активистите се едногласни дека надлежните час поскоро треба да пристапат кон решавање на овие неколку клучни проблеми и притоа заштитата на изворите треба да биде далеку од само формално преточена во документ, туку реална и фактичка и уште поревносна бидејќи веќе ги чувствуваме последиците од досегашната летаргија кон животната средина.

                                                                                                                           Х.Н. 

(Со овој прилог, МКД.мк се приклучува кон кампањата „Разбистри сé", што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.)

СКСМ - комора на иднината, САП системите - иднина на македонскиот бизнис.

повеќе

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе