Интервју со проф. д-р Методи Чепреганов

Најголемиот проблем во Македонија е суетата, „сите се лоши, ние сме најдобри, зашто само сонцето е постаро од нас“

Од сите нас во една одредена популација зависи како ќе ја устроиме државата за да може таа да оди напред. На македонското општество сега му се случува ерозија на интелектуалната вредност поради партиска подобност, што е трагедија. Ткивото на македонскиот човек е расцепено, раздвоено меѓу предавници, неистомисленици што немаат заробен ум и „антички Македонци“, кои се борат за тоа што било пред 2.500 години, вели Чепреганов.

Професоре, во време кога бројот на новозаразени од ковид-19 секојдневно расте, секој ден има нова рекордна бројка, мислите ли дека треба да функционираат училиштата и градинките со физичко присуство?

Јас не мислам дека треба. Апсолутно не. Во оваа ситуација тоа е злочин. Не затоа што мразам некого, па така велам, туку затоа што овој вирус е „друштвен“. Тој бара трансмисија, а тоа е носот и аеросолите. Народот треба да биде свесен за тоа. Вие немате шанса да се заштитите.

Сепак, кај голем дел од населението има отпор кон мерките на Комисијата за заразни болести и Владата. Како го објаснувате тоа?

Тоа мора да се објасни со фактот дека секој човек има свој психопрофил, a тоа е зрелост или незрелост на личноста. Надвор од тоа, секоја нација исто така има свој психопрофил. Тоа значи како нацијата ги креира, ги манифестира сите глобални, социјални параметри во општеството во кое живее за да ја гледа иднината напред. Но постои и трет профил, којшто се вика цивилизациски, односно профил на цела цивилизација на планетата Земја. Цивилизацискиот профил не е ист како што бил во стариот век, во средниот век и во новиот век сега.

Проблеми имало, има и ќе има, ама целта е да се унифицираат многу работи на Земјата за да можеме да живееме еден среќен и квалитетен живот.

Психопрофилот на една личност и на една нација е многу битен, затоа што од мене, од вас, од сите нас во една одредена популација, народ, држава зависи како ќе ја устроиме, формираме и конструираме државата за да може таа да оди напред. На пример, јас живеев неколку години во Белгија, потоа во Норвешка, феноменална земја, потоа една година во Лондон, потоа 15 години во Франција, различни земји, ама кога се зборува за закони на пример, законот е закон и завршува муабетот. Има голема разлика во менталитетот на народите во сите нив.

Од што зависи менталитетот?

Најважно е образованието и инкорпорацијата на социјални, ментални, етички и духовни норми. Колку тие што биле надредени, а тоа се школите, на поединецот му внеле, инкорпорирале во него такви норми за да знае да почитува, да разговара, да знае дека и другиот е личност и дека и тој знае, да има одговорност и заемно договарање. Тоа е многу важно, најважно во животот. Ако јас имам хипетрофирано его и инает како другиот, не може да разговараме.

Мислите дека кај нас народот има хипертрофирано его?

Апсолутно. Македонскиот народ, оваа земја, нашите огништа, имаат историски товар, голем, вековен. Минале сеништа, ветришта, окупатори. И која е последицата?

Постојат архетипови и колективно „јас“, тоа е вградено во нас, останува во мемориските записи. На нашиот народ „фалинката“ му е во егото, во сопственото јас, зашто секогаш имал суперего. Притаено, скриено и неизживеано его. Немало слобода, заробено било егото. Минаа сите тие ега и дојдовме до ситуација да бидеме сами, еве веќе 30 години. Што се случи. Сите тие негативни психоемотивни напливи што биле длабоко потиснати во нас, излегуваат на површина. На таа површина нема доволно образование, воопшто воспитание, воопшто нема морални, етички и духовни и социјални норми и што се случува - сите знаат, сите можат, сите критикуваат и она што е најтешко, има инфлуенца, се врзуваат за партии и стануваат фанатици, не разумни, туку фанатици. Во ред е да имате некаква симпатија кон една или друга партија.

Ќе ви кажам на пример за Франција, таму работев многу години и не слушнав еден доктор за време на избори, пред или по избори, на работа да каже јас сум за Д ‘Естен или за некој друг. Завршуваат изборите и како ништо да не се случило. Тоа е нормално, тоа е политичка зрелост. Е тоа ние го немаме.

Тоа раѓа два феномени во карактерите, едниот е хиперторифирано его, а тоа значи суета и „јас, јас, јас“, инает. Тоа е најголемиот проблем во Македонија. Сѐ што прави огромен дел од македонскиот народ, не сите, прави затоа што има суета, „ние јас, ние јас“, и инаетот.

Тоа создава параноично интерпретативен дел од мисловниот тек. Кој е тој? Сите се лоши, само ние сме најдобри, бидејќи „само сонцето е постаро од нас“. Тоа е катастрофа во моментумот на еден човек. Бидејќи да живееш значи да твориш, да работиш, да умееш, да почитуваш, да имаш емпатија и најважно, да имаш флексибилност и да имаш толерантност. Е тоа ние го немаме. Не велам сите, но најголем дел го немаат.

Од овој аспект, како ќе ја објасните ситуацијата со коронавирусот?

Не сакам да плашам, ниту да трауматизирам. Но тоа е една животозагрозувачка состојба. Не затоа што јас мислам така, или некој друг, туку светот се најде во една биолошка војна и голем дел од македонскиот народ тоа го сфати. Носат маски, се пазат, зашто тоа е единствениот начин. Но има 30 отсто и повеќе, посебно од младите, со суета и инает, хипертрофирано его, и страдаат сите. Тоа е првиот дел од „играта“, кој се вика суета и инает.

Што е со вториот дел од „играта“, како што велите?

Во вториот дел од играта суетата и инаетот носат агресивност и насилство. Бидејќи секоја агресија е резултат на интелектуална немоќ. Овде е проблемот. Интелигенцијата е способност на една личност во даден момент да донесе адекватно решение за проблемот што е пред него, иако можеби е спротивно на неговите норми, ама тоа е решението.

Ова е основниот фундамент што го прави македонскиот синдром - инает, суета и незрелост, емоционална немоќ со насилство и агресија. Затоа, сите овие протести сега што се прават немаат никаква логика. Тие што се „горе“ го имаат истиот менталитет, земете го Собранието на пример, има разбрани луѓе, ама има и такви што само сеат насилство. Тие луѓе сеат злоба, завист, омраза, параноја и љубомора.

Проблемот е во две други работи што му се случуваат на македонскиот човек, на општеството сега. Тоа е ерозија на интелектуалната вредност поради партиска подобност, што е трагедија. Ако едно дете има памет, треба да го земам и да го искористам паметот, тоа решението. Втората работа е што ткивото на македонскиот човек е расцепено, раздвоено меѓу предавници, неистомисленици што немаат заробен ум и антички Македонци, кои се борат за тоа што било пред 2.500 години, а главните карактеристики на тие карактери се тврдокорност и тврдоглавост. Тоа се најнегативните карактерни особини на еден човек опишани во стотици томови книги. Тоа е болест, параноја.

Како и во многу други ситуации, зошто луѓето се толку подложни на теории на заговор?

Тоа незрелост, тоа е интелектуална немоќ. Поради лекомисленоста, малоумноста, интелектуалната немоќ лесно е да се манипулира со такви луѓе. Тој прима сѐ, не размислува. Друг ќе го обработи. Тоа е раслоеност на народот, интелектуална немоќ, злоба, љубомора, параноја и малигна нарцисоидност, а малигната нарцисоидност е најопасната работа во меѓучовечките односи. Тоа е екологија на духот, како двајца знаат да разговараат или не знаат. Ако едниот прави конфликти, се храни со конфликти, тие му се насушна храна, не почитува никого, сѐ што ќе кажете не вреди затоа што „само јас вредам“, е тоа е трагедијата на нашиот народ.

Не на сите. Огромен дел од македонскиот народ созрева. Тоа е процес, не се прави одеднаш. Тоа е суштината на македонскиот човек, претрпел многу негативности низ вековите, ги голтал. Сега таа негативна енергија излегува на површина и го прави сето ова што го прави.

Негативната енергија излегува на површина, ама му се враќа...

Тоа е феномен на самиот народ. Нам ни треба унисоност, заемно договарање и гледање на иднината. Иднината е пред нас. Миг е животот, но како ќе го осмислиш и живееш зависи од зрелоста на личноста.

Жана П. Божиновска

Објавено

Вторник, Октомври 13, 2020 - 12:14

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе