На територијата на државата активни се уште неколку пожари

Според податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК) до вчера до 18 часот на територијата на државата беа активни неколку пожари во скопскиот, струмичкиот, кумановскиот охридскиот, битолскиот и штипскиот регион.

Пожарот што вчера попладне избувна во граничниот појас меѓу месноста Милци и граничниот премин Богородица е локализиран и ставен под контрола од пожарникарите од Гевгелија и вработени во ЈП „Комуналец“, кои со помош од воени хеликоптери успеаја да ги скротат пламените јазици и да ги спасат од поголема опасност објектите на потегот кон ГП „Богородица“.

Сообраќајот на ГП Богородица од вчера по 20 часот е отворен за сообраќај, а претходно возилата се пренасочуваа на граничниот премин Дојран.

Како што соопшти ЦУК, во пожарот изгорени се 20 хектари сува трева и борова шума.

Пожарот кај месноста Бејаз Тепе во близина на селото Нов Истевник во делчевско-пехчевскиот регион е ставен под контрола во однос на опасноста за опожарување на блиските куќи кај маалото Пасјак. За ова синоќа информираше делчевскиот градоначалник Горан Трајковски.

Војската вчера активно учествуваа во гаснењето на пожарите.

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов вчера на прес-конференција рече дека е потребна длабока реформа на целиот систем за управување со кризи. Опремата, вели тој, е застарена во противпожарните единици, делумно во некои места е подновена, но тука, според него, има многу работа.

Тој рече дека прво фокусот треба да е ставен на луѓето, а потоа на материјалните добра. Вчера никој не загина, вчера никој не беше повреден. И тоа е нашиот курс. Дрвјата повторно ќе пораснат, дрвјата пак ќе ни се вратат, загубените човечки живот нема да се вратат никогаш, рече Ангелов.

Тој додаде дека нема потреба од прогласување на кризна состојба во одредени делови од земјата, но дека ситуацијата се следи и дека ако има потреба, веднаш ќе биде прогласена кризна состојба.

На температури повисоки од 37 степени, како што рече Ангелов, не е безбедно летањето на хеликоптер. Едноставно, посочи тој, ги загрозуваме животите на посадата. Тој посочи дека не само македонските, и српските хеликоптери кои ќе пристигнат не можат да летаат на овие пеколни температури. 

„Во овој момент имаме три хеликоптери од Армијата, но функционални за гаснење на пожар се два. Армиските и полициските хеликоптери можат да летаат ноќно време, но да летаат, а не да гасат пожар. Полициските и армиските хеликоптери не можат да гасат пожар. За гаснење на пожар тие доаѓаат ниско над пожарот. Како со ноќни уреди тие ќе наполнат вода од некој вир, од некое мало браниче, или езерце. Значи, хелихоптерите може да летаат ноќно време, но не можат и не смеат да гаснат пожари“, рече Ангелов.

Ангелов информира дека освен од Србија, помош е најавена и од Словенија и Грција.

Вчера Србија испрати четири хеликоптери за гаснење пожари. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со неговиот српски колега Александар Вулин беа на увид на ситуацијата по пожарот во Старо Нагоричане, каде што пожарот е локализиран, но, како што наведе Спасовски, поради теренските специфики и временските услови бара насочување на добар дел од капацитетите за да се избегне ризикот од негово повторно ширење.

Српскиот министер Вулин истакна дека од вчера на просторот на Северна Македонија се наоѓаат четири хеликоптери на МВР на Србија, од кои три се противпожарни, односно можат да гасат пожар, а четвртиот е за извидување и наведување, а доколку ситуацијата се влоши, додаде тој, спремни сме да интервенираме и со наши луѓе и со техника каде што ќе биде потребно.

Пожарите кои ја зафатија земјата донесоа тешка илинденска ноќ, но благодарение на професионалноста и солидарноста на пожарникарите и граѓаните и натаму немаме повредени или загрозени лица. Материјалната штета е нешто што со заеднички сили ќе го надоместиме, сега најголемата грижа на сите мора да ни биде безбедноста, напиша на својот Фејсбук профил премиерот Зоран Заев. Сите сили и капацитети на системот, како што напиша премиерот, се ангажирани под прецизна команда на Центарот за управување со кризи.

Припадниците на Армијата се активни во најкритичните точки во справувањето со пожарите. Хеликоптерите од воздухопловниот ВИНГ кои во текот на вчерашниот ден беа ангажирани во гасење и локализирање на пожарот во реонот на Старо Нагоричане каде исфрлија повеќе од 50 тони вода, од раните утрински часови се ангажираа на пожарот кај Кочани, информира Министерството за одбрана.

„Два хеликоптери непрекинато учествуваат во гасењето на пожарот и ставање под контрола, а еден хеликоптер е во целосна подготвеност за ангажирање. Во исто време во касарните во целосна подготвеност за ангажирање се ставени уште илјада припадници на Армијата кои во случај на укажана потреба ќе бидат ангажирани во истиот момент“, посочуваат од МО.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера ги посети припадниците на Армијата, кои на Кокино беа ангажирани во справувањето со пожарот и упати благодарност до нив, до сите припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, како и доброволците, луѓето од општина Куманово. Таа најави дека со одлуката на претседателот на државата и врховен командант повеќе од 1.000 припадници на Армијата се подготвени да се вклучат таму каде што треба. Потсети дека припадниците на Армијата веќе се присутни на 13 локации за да помогнат во напорите за справување со пожарите од воздух, но и да помогнат на терен каде се води главната битка.

Во телефонски разговори меѓу претседателот Стево Пендаровски и неговиот бугарски колега Румен Радев, како и меѓу премиерите на двете држави, Зоран Заев и Стефан Јанев, Софија изразила подготвеност да помогне во справување на пожарите во земјава.

За да се вклучат бугарските спасувачи и војската, владите на двете земји треба да се договорат за вклучување бугарска противпожарна опрема за да помогнат во контролата на ситуацијата во Кочани, наведено е во соопштението од кабинетот на Радев. Тој рекол дека и во Бугарија ситуацијата со пожарите е компликувана, но изразил подготвеност Софија да пружи помош.

Бугарскиот премиер, во разговорот со Заев, изразил подготвеност, доколку е потребно, Софија да ја поддржи Македонија во справувањето со огнената стихија. Јанев му укажал на Заев дека во неколку делови на Бугарија противпожарни служби исто така се борат со пожари. Контролирањето на ситуацијата со пожарите во Бугарија е приоритет, се вели во соопштението на бугарската Влада.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара одговорност од власта поради пожарите кои избувнаа на повеќе локации во земјава. „Од власта веќе никој не бара одговори, од нив бараме само одговорност. Мизерна неспособност“, напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски вчера рече дека правната служба на партијата ќе поднесе кривични пријави до власта поради непостапување навремено спречување на пожарот во Кочани, со барање за одговорност и оставки веднаш. -Како што вчера рековме дека ќе помагаме на граѓаните, колку можеме во рамките на граѓанските капацитети кои што ги поседуваме. А, денеска наместо одговори од власта ќе бараме одговорност, рече Арсовски. 

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе