По одговорот од Обвинителството дека нема пријава

МВР нема да проверува дали Бајрам крадел струја во ГТЦ оти никој не пријавил, за „копање“ биткоини нема кривично дело

По Основното јавно обвинителство и МВР вели дека никој не пријавил сомнеж за кражба на струја и дека за настанот во Градскиот трговски центар нема сомнеж за кривично дело. И Обвинителството вчера ни одговори дека чека сопствениците на дуќаните во Градскиот трговски центар да пријават дека се оштетени во висината на сметките за струја, за да може обвинителите да постапуваат.

Редакцијата на МКД.мк претходно објави дека последната сметка за струја која сопствениците на дуќани во Градскиот трговски центар во Скопје ја добиле претставува пријатно изненадување за нив затоа што е помала за најмалку 40 отсто. Тие се пријатно изненадени од управата на АД ГТЦ која незаконски им ја препродава струјата, па наеднаш треба да плаќаат помалку.

„Ве информираме дека од причини што не е добиена пријава за кражба на електрична енергија од дистрибутерот на истата ниту од АД Градски Трговски Центар, на лице место на настанот, ниту по извршените разговори со засегантите страни, не е утврдено постоење на кривично дело, како и од причини што дејствијата на копање на крипто валути не претставуваат дејствија кои се вбројуваат во кривични дела или прекршоци, не постои основ за преземање на дополнителни активности од страна на полицијата, ниту постапување по член 282 до Законот за кривична постапка кој вели дека полицијата го известува јавниот обвинител по прием на кривична пријава или добиено сознание за постоење основи на сомневање дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност", стои во одговорот од МВР за МКД.мк.

Од 16 ноември во подрумите на ГТЦ не се веќе Елвис и Габриел Бајрам кои најверојатно со години тука „копале" биткоини користејќи струја која очигледно ја плаќале сите, освен копачите.

Од Обвинителството за МКД.мк велат дека никој од сопствениците не пријавил дека има сомнеж за нерегуларни сметки за струја, па поради тие причини рацете на обвинителите се врзани и не можат да постапуваат. Само со пријава ќе може да се отвори предистражна постапка и ќе може да се направи вештачење со кое ќе се утврди дали има поврзаност на броилата, каква поврзаност, дали висината на сметките за струја е поради трето лице кое трошело струја од подрумите на ГТЦ...

Додека нема пријава и покрај тоа што во јавноста се знае за овој случај, Обвинителството не може да постапува.

Од таму појаснуваат дека за ова кривично дело по допрен глас не се постапува, туку морало да има пријава од барем еден потенцијално оштетен граѓанин.

Во врска копањето на биткоини од Обвинителството велат дека тука нема простор за постапување, бидејќи тоа не е кривично дело, но треба оној кој што се занимава тоа да си ја плати сметката за струја.

„За да се утврди евентуална кражба на електрична енергија, потребно е потенцијалните оштетени да ги пријават своите сомненија до надлежен орган и да приложат докази за своите тврдења. До овој момент до Основното јавно обвинителство Скопје не е поднесена кривична пријава од оштетено физичко или правно лице, ниту известување за настанот за кој покажувате интерес", велат од Обвинителството.

Во „бизнисот" со биткоините, освен набавката на голем број на компјутерски машини, т.н. „ригови" најголемата ставка е дневната потрошувачка на струја. Бајрам, со голема помош на раководството на АД ГТЦ, тоа со години го правел во подрумите на ГТЦ, плаќајки струја колку за осветлување и ништо повеќе, а енормната потрошувачка на струја била најверојатно „солидарно" делена со сите сопственици на дуќани.

Кога тоа се дознало, на 16 ноември полицијата најпрво влегла во подрумите, но очигледно по нечија интервенција, полицајците потоа само го обезбедувале просторот за безбедно изнесување на скапата опрема, по што и официјално било соопштено дека тука нема грабеж на струја. Има струјомери, ние не сме надлежни, гласеше во кратки црти соопштението на МВР по нивната акција и брзото повлекување од магацинските простори на ГТЦ на 16 ноември.

И покрај снимките и покрај сведочењата, и покрај очигледната скапа вентилација монтирана низ подрумите на ГТЦ, ниту една надлежна државна институција не реагираше на овие основани сомневања дека се работи за голем грабеж на струја од страна на советниците на СДСМ, во Скопје и Шуто Оризари, Елвис и Габриел Бајрам. Случајот брзо беше затворен.

Само Регулаторна комисија за енергетика официјално кажа дека АД ГТЦ нема лиценца за трговија и дистрибуција на струја, вода и топлинска енергија, а тие тоа со години го прават.

Но, само еден месец подоцна стигна уште еден доказ во корист на сомневањата – сметките за струја на дуќанџиите. Освен тоа, наеднаш, АД ГТЦ за 2022 распиша тендер за купување на струја за многу помали количини од она што било купено за годинава и за 2020.

И во одговорот од канцеларијата на ЕУ во Скопје до Здружението на дуќани ГТЦ се вели дека тие внимателно го мониторираат развојот во областа на владеење на правото во Северна Македонија и во 2021 како дел од преговарачкиот пакет за членство.

Здружението на сопственици на дуќани ГТЦ 1973 Скопје се упорни во докажувањето на бројните неправилности за тоа како стопанисува со овој трговски центар раководството на АД ГТЦ.

Тие и официјално до АД ГТЦ испратиле барање да се пријави кражба на електрична енергија од напојувањето на ГТЦ, бараат податок каде се мери потрошената електрична енергија. Сакаат да знаат колава е фактурата за струја за корисникот на магацинските простори и колку време тој бил корисник. Прашуваат кој и кога им издал одобрение за уривање и преправање на магацинскиот простор со сите тие додатни инсталации што се монтирани.

Ова тие го бараат затоа што забележале големи разлики во сметките за потрошена електрична енергија кој им е фактурирана на приватните сопственици на деловните простории. Се сомневаат дека се оштетени и затоа бараат информации. Се разбира АД ГТЦ не одговара на такви прашања, како што не ни одговори и нас на прашањата за набавките на електричната енергија во последните три години.

А.Д.

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе