Минарето на Алипашината џамија ни покажа зошто Охрид го „губи“ статусот во УНЕСКО

Токму нашироко образложуваното конзервирање и реставрирање на Алипашината џамија во чаршијата во срцето на Охрид покажа пластично зошто Охрид и регионот се под закана да бидат ставени на листата на УНЕСКО како загрозени културни и природни реткости.

Тој пример е прототип на се она што му се случува на градот последните три денцении. Институциите задолжени за спроведување на законите и за контрола на начинот на кој се гради во градот во најмала рака премолчуваат при среќавање со дивоградби. Тука премолчувањето е најмалиот грев, како најниска категорија недозволени активности, споредбено со поголемиот грев кога други институции „шуруваат“ со оние што градат на диво, давајќи им одредени дозволи, но никогаш целосна документација, на тој начин обидувајќи се да се покријат со некакви изговори дека се е според законите.

Како пример, одредена институција дава одобрение за некаква градежна интервенција, но не дава дозвола за градење, што треба да ја даде друг субјект. Трета институција задолжена за постапување при неправилности премолчува или во крајна линија не може да најде решение за да урива затоа што и двете институции што претходно се изјасниле по оспоруваниот објект се донакаде во право. Кога тука ќе се вмеша и политиката тука спас нема, освен да се решаваат проблемите откако ќе е веќе предоцна, преку разговор што би се рекло и со договор на сите страни.

Така и бидна и со Алипашината џамија, проект што доби уредна дозвола за конзервација и реставрација, но не и за градење. Додека институциите се пренемагаа по медиумите и пред јавноста дали и за што се надлежни, која од нив треба да постапува, што да се прави, минарето секојдневно одеше се поблиску до Алах. Испадна според „јавната тајна“ оти е испазарено минарето да не се доградува до најавените 32 метри ниту да се урива, туку да се изгради до 25 метри височина. Така и најверојатно ќе биде оттаму што веќе на него се поставува горната купола.

Да се потсетиме дека и изградбата на оспоруваниот хотел во Лагадин е запрена, но откако доби на габарит и е веќе над пет ката. И сега стои објектот како карабина, на него не се работи, така што најверојатно ќе мора да биде најдено соломонско решение, да не се урива целосно, туку да се даде некоја помала висина. А и доколку биде урнат, сопственикот веројатно ќе треба да биде обештетен затоа што тој имаше потребна документација за градење. Да не се заборави дека за тој објект да ја добие неопходната документација беше сменет Урбанистичкиот план со Општ акт, како документ од пониска инстанца, само за да се задоволат нечии интереси. Потоа се испадна како што испадна, виновен си остана самиот сопственик, кој сега е во небрано само затоа што заборавил во определениот рок да ги извести надлежните за почеток на градење. Другото се остана дека е по закон.

Универзитетскиот комплекс на „Плаошник“, исто така беше проект што далеку по габарит ги надминуваше дозволените висини во Старото градско јадро. За потсетување, токму поради тој објект беше свикана и комисија на УНЕСКО која излезе на терен и по нивна интервенција габаритот на објектите во рамки на комплексот мораа да бидат во голема мера намалени, на ова што сега постои и, според многумина, и како такво е преголемо за тој простор.

За потпокривите во Стариот дел на Охрид веќе е излишно да се зборува затоа што со години наназад никој не реагираше додека секојдневно се менуваше препознатливата Стара градска архитектура.

Посочените примери, и ред други за кои јавноста воопшто не дознала затоа што не биле медиумски третирани, a што им се добро познати на охриѓани, се причините зошто УНЕСКО предлага Охридскиот регион да биде ставен на листата загрозени природни и културни реткости.

MИА

Од една страна, Уставот му доделува бројни функции, а од друга страна, скржаво ги определува средствата за нивно остварување на практичен план.

повеќе

Напредокот и оптимизмот што ги обележаа децениите по 2. Светска војна се гледаа во создавањето на средната класа, составена од луѓе што, иако родени во куќи со земјени подови, завршија со факултетски дипломи и добри работни места во големите градови. Поседуваа автомобили и викендички, летуваа на море и патуваа во странство без визи.

повеќе

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе