Случај „Насилството во Кочанско Трајаново Трло“

Меѓаши смета дека е неопходен притвор за тепачите на детето, МВР поднело пријава, Обвинителство вели не ја добило

За случајот со снимката на која се гледа тринаесетгодишното дете што беше жртва на брутално физичко насилство од страна на жители на кочанската населба Трајаново Трло, редакцијата на МКД.мк побара став од детската амбасада „Меѓаши", каде што насилството врз деца, во сите негови облици и појави, е во центарот на работата, во сите нивни активности, вклучително и кампањи. Од таму се категорични во ставот дека насилството секогаш се одвива во круг, што вклучува вршител на насилството, жртва и сведоци.

Сѐ додека не се прекине тој круг, тој постојано ќе се повторува, но тоа зависи од сите чинители.

За овој случај има кривични пријави против три лица, а во полициска станица беше извршен разговор со 20 од присутните на настанот. Според нашите информации, на снимката како вршители на насилството биле идентификувани тројца и против нив има кривични пријави за насилство врз дете.

За овие пријави МВР официјално ни потврди дека се однесени и примени во ОЈО Кочани пред неколку часа. За разлика од МВР, од Обвинителството велат дека пријави за овој настан до нив не се стигнати, па без кривичните пријави обвинителот не можел да постапува, ниту да бара притвор за осомничените за овој настан.

Од Меѓаши се категорични дека за оние што го тепале детето е неопходна мерката притвор, а реагираат и дека и непостапувањето на лицата што биле присутни на настанот, односно не го спречиле тепањето на детето е исто така сериозна пречка во градењето на безбедна средина.

„Непостапувањето е сериозна пречка во градењето безбедна средина. Непостапувањето значи непреземање одговорност, ниту лична, ниту институционална. Тоа води до чувство на несигурност кај граѓаните и води кон недоверба во институциите, во другите луѓе, во добронамерноста општо на луѓето. Насилството секогаш се одвива во круг, што вклучува вршител на насилството, жртва и сведоци. Сѐ додека не се прекине тој круг, тој постојано ќе се повторува. Но како ќе се прекине кругот зависи од сите чинители. Во врска со притворот, зборуваме за категорија деца и овде неопходна е мерка притвор заради заштита на детето за понатамошно заплашување и стравување за својата безбедност која дополнително може да го загрози неговиот психофизички развој", велат во одговорот за МКД.мк од Меѓаши.

За тоа каков е ставот на детската амбасада во врска со настанот со тепаното дете, од Меѓаши додаваат дека континуирано работат на превенција и интервенција во случаи на насилство.

„Континуирано работиме на превенција и интервенција во случаи на насилство, најчесто преку соработка со училишта – основни и средни, јакнеjќи ги нивните капацитети преку обуки и семинари, подготовка на прирачници, брошури и слично. Така што ставот на Меѓаши во однос на кој било облик на насилство ни се чини дека е широко познат во јавноста. Меѓаши низ годините има соработувано и со медиумите, организирајќи обуки за новинари во врска со известувањето за прашања поврзани со децата. Секое известување во коешто се изнесуваат какви било податоци за дете, слики, други информации што може да го откријат идентитетот на детето го сметаме за несоодветно зашто тоа претставува дополнително виктимизирање или жигосување на детето што е во незавидна состојба и во никој случај не е од помош за детето. Кога реагираме во јавноста или до надлежните институции, апелираме на постапки, процеси и (не)спроведување соодветни мерки. Нашата внатрешна политика за заштита на децата јасно посочува дека во ниту еден јавен апел или појавување не смее да се посочува ниту едно конкретно дете или случај зашто на тој начин се загрозува безбедноста на детето дополнително", појаснуваат од Меѓаши.

Од детската амбасада потсетуваат за резултатите од нивното истражување за состојбата со правата на децата во текот на јуни и јули минатата 2020 година на примерок од околу 1.110 деца на возраст од 12 до 17 години, на ниво на Македонија. Дел од истражувањето беа и прашања поврзани со насилството.

„Децата имаа наведено бројни случаи кога правата на децата не се почитуваат, вклучително кога децата се предмет на дискриминација и насилство. - 10% од децата наведуваат дека некогаш биле жртва на насилство, додека 21.85% познаваат некој кој бил жртва на насилство. - Речиси 1/4 од децата наведуваат дека познаваат врсник/врсничка чии податоци, фотографија или видео биле споделени на интернет без негова/нејзина согласност, додека на речиси 8% тоа лично им се случило. Целосната анализа од истражувањето можете да ја најдете тука. Меѓу препораките на децата што го напишаа Алтернативниот извештај за состојбата со правата на децата во Македонија и којшто беше поднесен до Комитетот за правата на детето и на почетокот на оваа година презентиран пред членовите на Комитетот од самите деца автори, тие го препорачуваат следново:

- Дел од образованието да биде посветено на антибулингот и како да се справиме со него.

- Да има вработени луѓе кои ќе си имаат одредена област (училишта, улици итн.) каде ќе шетаат и ќе внимаваат никакво насилство да не се случи, доколку дојде до тоа, на насилникот да му биде обезбеден квалитетен психолог (да се вработат квалитетни психолози) каде ќе оди на сеанси, сè додека не се исчисти секоја траума која предизвикува да извршува насилство.

- Да има работилници/обуки каде ќе се предава за љубов и емпатија помеѓу себе.

Повеќе за Алтернативниот извештај и препораките на децата може да погледнете на овој линк", велат од детската амбасада.

За тоа каков е нивниот впечаток, односно дали го делат впечатокот дека треба да се случи нешто некому, конкретно на дете, за да се реагира, ни одговорија дека одговорноста за тоа што ни се случува во општеството треба да се бара на повеќе нивоа, вклучително и на лично ниво, на секој поединец и во каква и да е улога, на родител, на професионалец и која било друга улога во животот.

„Промената што сакаме да ја видиме мора да почне од поединецот. Сѐ додека бараме одговорност кај другиот, без притоа да размислиме дали и како ние како поединци во секоја наша улога придонесуваме или не за определена состојба, нема да имаме промена и секогаш ќе реагираме кога ќе се случи нешто навистина сериозно. Минатата недела, на 6 април, почна кампањата „Поттикни мир", којашто тековно тече и ќе продолжи во текот на еден месец, главно на социјалните мрежи, како најсоодветен канал во сегашнава состојба. Преку оваа кампања сакаме да поттикнеме размислување токму на прашањето за личната одговорност - што може секој од нас да стори за да го спречи насилството, кои се нашите лични сили и постапки преку кои можеме да поттикнеме мир, ненасилство. Освен личната одговорност во кампањата главен акцент се става и на некои од клучните вредности за кои се залага Мировно образование како што е емпатијата, социјалната правда, активизмот, родовата еднаквост итн", објаснуваат од Меѓаши и додаваат дека сите заинтересирани може да ја следат кампањата преку социјалните мрежи.

Меѓаши е граѓанска организација и како таква има мисија да работи и на подигнување на свеста на јавноста за сите прашања поврзани со заштитата на децата и нивните права. Велат дека како граѓанска организација секогаш упатуваат и директни апели до надлежните институции за определен случај, и тоа задолжително како дел од процесот на постапување доколку некој случај е директно пријавен кај нас, но и за случаи што се објавени во јавноста. Многу често соработуваат и со други граѓански организации заради посоодветно и поефикасно помагање или решавање некој проблем, со заеднички акции или интервенции.

На настанот со тепаното дете му претходеа и протести на кои жителите бараа од надлежните да ги решат кражбите, кои во овој дел биле секојдневие. На овие протести во првите редови и со транспаренти во рацете стоеја деца. Од Детската амбасада велат дека се строго против вклучување на децата во јавни настани, собири, политички кампањи...

„Меѓаши има цврст став по прашањето за вклучување малолетни лица во какви било јавни кампањи и настани водени од возрасните во политички или партиски цели. Пред сѐ, тргнуваме од прашањето на безбедноста и сигурноста на децата во ваквите настани, во коишто може многу лесно детето да стане жртва. Децата немаат изградени механизми, искуство за справување со ситуации креирани од возрасните и затоа сме строго против нивно вклучување на јавни настани, масивни собири, политички кампањи и слично", додаваат од Меѓаши.

Настанот со тепаното дете се случил на 11 април, околу 20 часот, а видеото за ова беше споделено по социјалните мрежи. Детето буквално ги моли да го однесат кај мајка му, кажувајќи каде се наоѓа таа, но наместо тоа добива ќотек, клоци и тупаници. На видеото се слуша плач и врескање од детето.

К. Додевска

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе