Во наредните пет години

МЕД во балкански проект за спречување на нелегалното труење на дивите животни

Македонско еколошко друштво (МЕД) во соработка со седум организации од Европа започна да го спроведува проектот „Балкан Детокс LIFE“, финансиран од ЕУ, со кој ќе се подигнува свеста во однос на труењето на диви животни, ќе се зајакнуваат националните капацитети за борбата против труење на дивите животни што претставува една од најголемите причини за смртност и пад на популациите за бројни загрозени диви видови, особено мршојадците.

„Нелегалното труење веќе предизвика целосно истребување на црниот и брадестиот мршојадец од нашата држава во последните неколку децении. Во моментов, отровните мамки претставуваат најголема закана за преостанатите два вида мршојадци кои живеат во нашата земја: египетскиот и белоглавиот мршојадец. Ние сме среќни што ќе започнеме да го решаваме проблемот на институционално и локално ниво, и да бидеме вклучени во меѓународна мрежа на партнери. Очекуваме нашите напори да придонесат кон закрепнување на популациите на диви животински видови кои се засегнати од оваа штетна пракса”, вели Ненад Петровски, раководител на проектот од МЕД.

Преку проектот „Балкан Детокс LIFE“, како што информираат од МЕД, организациите ќе работат заедно со разни национални и меѓународни чинители, почнувајќи од владини органи до ловци и сточари, за да се минимизира заканата и да се постигнат резултати во седум балкански земји.

„Нелегалното труење на дивиот свет е еколошки криминал и потребно е соодветно вклучување на властите при регистрација, истрага и казнување на овие активности. Овој проект ќе соработува заедно со владините органи за да го постигнеме токму тоа“, вели Јован Андевски, менаџер на Програмите за заштита во Фондацијата за заштита на мршојадци од Шпанија. 

Најчестиот начин на труење на диви животни на Балканот е намерното поставување на отровни мамки за убивање на диви предатори или други диви и домашни животни кои можат да нанесат штета на добиток или видови дивеч. Покрај животните кои се таргетирани, страдаат и други ранливи видови, бидејќи станува збор за неселективен начин на истребување животни. Мршојадците кои се исхрануваат исклучиво со мртви животни честопати стануваат жртви на труење - со директно конзумирање на отровна мамка или со хранење на телата на затруени животни. Честите и континуираните инциденти со труење на Балканот резултираа со 465 случаи на затруени мршојадци во текот на изминатите 20 години. Студија спроведена од Фондацијата за заштита на мршојадци проценува дека најмалку 115 мршојадци годишно умираат од труење на Балканот бидејќи само 20% од ваквите инциденти се откриени и документирани.

Мршојадците, исто така познати како екипата за чистење на природата, отстрануваат трули тела на мртви животни од дивината, помагајќи да се одржат здрави екосистемите, бидејќи тие дејствуваат како природни рециклирачи и обезбедуваат бесплатни  услуги за екосистемите, дивиот свет и општеството како целина.

 Проектот „Балкан Детокс LIFE“ кој ќе се проведува 5 години, доби средства од Програмата LIFE на ЕУ,  и е кофинансиран од Фондацијата за заштита на мршојадци , фондацијата МАВА и Еуронатур, како и од Витли Фонд за заштита на природата, и Фондот за животна средина и снергетска сфикасност за специфични активности. Тој ќе се спроведува низ Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Северна Македонија и Србија. Водечки партнер на проектот е Фондацијата за заштита на мршојадците, додека како национални партнери се јавуваат Македонско еколошко друштво, Албанското орнитолошко друштво, Здружението БИОМ, Друштво за заштита и истражување на птици на Србија, Фонд за дива флора и фауна, Грчко орнитолошко друштво, Орнитолошко друштво НАШЕ Птице и Здружение за заштита на природата во Албанија. Понатаму, овој проект се заснова на доброто искуство на шпанските власти, и добиена е поддршка од Хунта де Андалусија и Министерството за еколошка транзиција и демографски предизвик.

 

 

Дали и Грција треба да престане да ја смета бугарската фашистичка окупација за време на Втората светска војна како вистинска окупација?, прашува поранешниот грчки министер за надворешни работи – потписник на Преспанскиот договор со Македонија, во колумна за Балканеу. Колумната ја пренесуваме во целост и со автентичните фрази.

повеќе

Каракачанов: На Бугаринот паметот му доаѓа следниот ден...

повеќе

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе