MEД: Осогово на чекор до заштитен предел

Македонско еколошко друштво ја поздравува одлуката на Владата за прифатливост на иницијативата за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје во категорија V – „заштитен предел“.

Според законските процедури следуваат уште два чекори пред конечното прогласување на овој предел за заштитен. Во следните месеци треба да се спроведат јавни расправи за предлогот со локалното население и со другите засегнати страни. По усогласувањето на мислењата и забелешките, од страна на МЖСПП треба да биде изготвен конечен предлог за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитен предел. По неговото усвојување од страна на Владата конечно ќе имаме ново заштитено подрачје во земјата, прво од категоријата „заштитен предел“.

Во 2006 година Македонското еколошко друштво и Бугарската фондација за биодиверзитет, партнерски, секој од својата страна на Осоговските Планини, со поддршка на Франкфуртското зоолошко друштво, а подоцна и фондацијата Про-натура од Швајцарија започнаа процес за валоризирање на природните вредности на Осоговските Планини. Овој регион Министерствата за животна средина од двете држави го имаа идентификувано како приоритетно подрачје за прекугранична заштита многу порано, за што веќе беше склучен и соодветен договор (Софија, 2000).

Во рамки на проектот за заштита на Осоговските Планини, во 2012 година МЕД изработи „Студија за валоризација со предлог за формирање на заштитен предел на Осоговските Планини“ и беа организирани и две јавни расправи во февруари 2013. Процесот тука застана, генерално заради немање на политичка волја истиот да се спроведе и заради економските приоритети на државата.

Нашите заложби за заштита на Осогово беа препознаени од Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координирана од Фармахем од Скопје. Програмата има поширока цел да ѝ помогне на државата во зачувување на големата биолошка разбноводност и природните екосистеми преку промоција и преку  нивно одржливо користење и управување, а со посебен фокус кон брегалничкиот слив. Осоговските Планини беа едно од идентификуваните подрачја со приоритет за зачувување заради подобрување на состојбата со природата и обезбедување на социо-економски бенефит за локалното население.

Во рамки на оваа Програма се направи анализата на состојбата со природните вредности во Источниот плански регион, која покажа дека на негова територија има мал број на заштитени подрачја (околу 70 ha, односно само 0,03 % од територијата на земјата), а од друга страна резултатите од истражувањата покажаа значајни природни вредности.

Улогата на Македонско еколошко друштво во овој процес беше не само од аспект на експертиза во однос на биолошката разновидност и дефинирање на предлог-границите на подрачјето, туку и од аспект на јакнење на капацитети, размена на искуства на стручни лица и институции за дефинирање и управување со заштитени подрачја и информирање на сите засегнати страни, клучен процес за надминување на потенцијални конфликти во однос на идното управување на подрачјето.

„Несомнено е дека во годините што претстојат управувањето на подрачјето ќе се соочи со многу предизвици, но исто така сме убедени и дека локалното население ќе има и директни и индиректни придобивки од заштитата, преку брендирање на нивните локални производи (како боровинки, печурки, производи од земјоделството и сточарството) и алтернативна туристичка понуда (рекреација и спорт во природа). На долг план, очекуваме унапредување во користењето и управувањето на шумите и дивечот, зголемување на површините на значајните живеалишта и бројноста на значајните диви видови животни и растенија, намалување на криволовот, рибокрадството и дрвокрадството. Се разбира, очекуваме и зачувување на толку карактеристичниот „Осоговски предел“, настанат како уникатен спој на природата со луѓето, кој може да опстои единствено со опстанокот на традиционалните практики на користење на просторот“, велат од МЕД.

За нив ова е историски напредок за заштита на Осоговските Планини, простор признаен на меѓународната карта на значајни подрачја како Значајно подрачје за растенија, Значајно подрачје за птици, Емералд подрачје и дел од Европскиот зелен појас. Неговата заштита претставува и европски чекор кон зачувување на нашето заедничкото богатство.

Стариот систем е неодржлив затоа што вродува со богатење на поединци наместо на општеството и граѓаните.

повеќе

Секој може да биде менаџер во „добри денови", но најчесто менаџерската работа не е за „добрите денови" туку постојан баланс помеѓу проблемите и можностите за оптимизирано управување на компанијата.

повеќе

Нека се соберат во Дојран, нека се договорат и нека нѐ известат. Сите други пак нека се спремаат за вистински избори во постпандемискиот период.

повеќе