МЕД ќе ги пребројува пеликаните од Преспанското Езеро на Светскиот ден на биодиверзитетот, 22

Македонско еколошко друштво во соработка со Општина Ресен и Националниот парк „Галичица“, Меѓународниот ден на биолошката разновидност - 22 мај оваа година ќе го одбележи со пребројување на пеликаните од Преспанското Езеро. Досега на овој ден во целиот свет институциите и организациите што работат на заштита на биодиверзитетот организираа масовни настани и едукации со цел подигнување на јавната свест за значењето на биолошката разновидност, но поради пандемијата со ковид-19 годинава овие средби остануваат во виртуелниот свет.

Фото: МЕД

„Со цел доближување на природните убавини во нашата земја МЕД одлучи на 22 мај (петок) на своите социјални мрежи преку целиот ден да споделува слики и видеа од теренската активност за пребројување на пеликаните во Преспа. Затоа во петок следете нѐ на фејсбук и инстаграм и уживајте во глетките од Преспанското Езеро“, соопштија од МЕД.

Според Друштвото, пребројувањето на пеликаните е прекугранична активност што ги вклучува и нашите партнерски организации од Грција и Албанија - Друштвото за заштита на Преспа (SPP) и Друштвото за заштита на животната средина во Албанија (PPNEA).

Броењето на пеликаните МЕД го спроведува од 2013 година. Пеликаните кои секојдневно доаѓаат да се хранат во македонскиот и албанскиот дел од Големото Преспанско Езеро припаѓаат на најголемата гнездечка популација на овој вид во светот, која се наоѓа на Малото Преспанско Езеро. Во Македонија со нашата трилатерална активност за броење на пеликаните на Преспанското Езеро, уште еднаш се нагласува неопходноста од заедничка соработка во напорите за зачувување на биолошката разновидност.

По повод овој значаен ден, МЕД испрати порака до Секретаријатот на Конвенцијата за биолошка разновидност:

„2020 требаше да биде година во која ќе анализираме големи глобални достигнувања за зачувување на природата за кои секоја земја и секој од нас има свој удел; година на можности и споделување на решенија за чекорите во новата ‘декада насочена кон ревитализација на екосистемите‘. Предизвиците кои нѐ спречија да се собереме и заеднички да го прославиме нашиот напредок треба да не направат посилни. Сега е правото време ние како еколози да потсетиме дека секој предизвик е поттик за нова адаптација, а адаптациите се извор на просперитет и поголема сила. Новите вештини кои ги стекнавме, новите начини на работење, соработката која ја воспоставивме, новиот фокус на нашиот живот како дел од природата нѐ носат поблиску до решенијата за подобра иднина кои ги нуди природата“, изјави извршната директорка на МЕД, Робертина Брајаноска.    

Темата на годинешното прославување на Меѓународниот ден на биолошка разновидност е „Природата нуди решенија“.

За одбележување на овој значаен ден Секретаријатот на Конвенцијата секоја година развива заеднички концепт за прославување со различна тема. Бидејќи глобалната заедница е повикана да го преиспита односот со природата, едно е сигурно: и покрај сите наши технолошки достигнувања, ние сме целосно зависни од здрави и функционални екосистеми за да обезбедиме вода, храна, лекови, облека, гориво, засолниште и енергија и уште многу други екосистемски услуги кои ни се потребни. Овогодинешната тема „Природата нуди решенија“ ја истакнува потребата, надежта, солидарноста и значењето на заедничката соработка на сите нивоа за да градиме нашата иднина во хармонија со природата. Слоганот повикува на акција која треба да биде насочена кон решенија засновани врз потребите на екосистемот за истовремено решавање на загубата на биодиверзитетот, климатските промени и деградацијата на земјиштето, како и вградување на биодиверзитетот во економските сектори.

Обединетите Нации го прогласија 22 мај за Меѓународниот ден на биолошка разновидност со цел да се зголеми разбирањето и свеста за значењето на биолошката разновидност и потребата од нејзино зачувување. Традиционално, овој ден се одбележува од 2000 година до денес во сите земји кои се членки на Конвенцијата за биолошка разновидност (вкупно 193,) вклучително и Македонија.

Легенда под Главна слика

Фото: МЕД

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе