На црниот пазар во Македонија

И маст од гуска се продава како лек за ковид-19!?

Цената на гуските на македонскиот пазар се зголеми откако се прошири глас дека гускината маст помага во лекување од коронавирусот. Луѓе бараат контакт со производители на оваа маст. На црниот пазар циркулираат многубројни „природни лекови", но лекарите предупредуваат без совет од лекар да не се зема што било, а особено да не се слушаат совети од лаици.

Низ Скопје молскавично се шират гласови дека има лек што помага против коронавирусот, не во аптеките и во болниците, туку кај луѓе кои со медицината немаат допирна точка.

Така деновиве се разменуваат телефонски броеви од луѓе кои прават мешавини од разни билки, се тврди дека чајот приготвен од нив дури и лекува воспаление на белите дробови предизвикано од ковид-19. Други продаваат разни намирници приготвени дома кои наводно ја намалуваат телесната температура, помагаат во искашлување, ја јакнат крвта, го засилуваат имунитетот. Мед со ореви, мед со ѓумбир, со сусам, смеси од бадеми со ореви, лешници, потоа разни додатоци за супи и манџи...

Последниот „хит" е маст (лој) од гуска. Многу е здрава оваа маст, велат меѓу себе луѓето кои бараат да купат, дури и помагала во лекувањето од коронавирусот, си кажуваат едни на други.

Во Македонија ретки се луѓето кои одгледуваат гуски. Уште поретки тие кои продаваат производи направени од гуска. Уште помалкубројни се тие кои имаат маст за продавање.

Се јавивме на телефонски број кој го добивме од пријател. Човекот е од Скопје.  Вели дека одамна чува гуски и дека одамна прави маст од нив. И во семејството оваа маст ја користат при настинки или грип. А редовно каснуваат по една - две лажички на ден како превентива.

„Тоа е природен лек уште од нашите баби. Ако гускината маст помага за грип, зошто не би помогнала за корона? Ги омекнува градите, дишните патишта, помага за искашлување и побрзо оздравување. Секоја животинска маст има позитивни ефекти, ама гускината е лидер", вели тој.

Рецептот е да се јадат две до три лажички на ден, а при кашлица со неа да се мачкаат градите. Цената е околу 600 денари за 100 - 120 грама маст.

Како и во секоја криза има поединци кои бараат начин да заработат. Некому тоа му поаѓа од рака зашто неговото производство се совпаднало со побарувачката. Други почнуваат нов бизнис за да заработат на брзина. Но не е мал бројот ниту на измамници кои се обидуваат да заработат од туѓа неволја, мамејќи дека го имаат лекот.

Некои пак, почнуваат со  шверцување на лекови кои ги нема во македонските аптеки. Таков е случајот со некои антивирусни лекови за ковид-19, кои на црниот пазар достигнуваат цена и повисока од сто евра за пакување од 20-30 апчиња.

Лекар со кого разговаравме на тема природни лекови вели дека природата самата по себе е лек.

„Пред сѐ, рецептот е здрав начин на живот - чист воздух, движење, рекреација, умерено јадење зашто дебелеењето е првата врата кон разни болести. Храната треба да биде разновидна и да содржи здрави состојки, витамини и минерали. 

Не многу тестенини, потребни се супите, треба да се јаде овошје, зеленчук, јаткасти производи, месо и почесто риба. Така ќе се внесе и витаминот Д како и омега киселините, а преку зеленчукот, овошјето и јаткастите производи и Ц витаминот како и цинкот, а и другите витамини, минерали и други состојки кои се потребни за имунитетот“, вели лекарот.

Кога во прашање е гускината маст, и други производи базирани на природата, лекарот предупредува:

„Болните и лицата со симптоми што укажуваат на коронавирусот мора да го слушаат лекарот. Болеста е непредвидлива. Секоја терапија на своја рака може да биде фатална. Таа маст има добри состојки и е позната по тоа одамна. Но што доколку земете таква маст или нешто друго препорачано од пријател, а сте алергични? Или доколку предизвика проблеми во стомакот? Или ако тој производ не е хигиенски? Ќе треба ли лекарите потоа да се борат со нови компликации или нови вируси или бактерии, покрај со ковид-19? Што ако е произведен во несоодветни услови, во садови што испуштаат отрови? Ако производот е лажен? Многу прашања има поради кои треба да се биде внимателен и без одговор од лекар да не се прифаќаат совети од лаици“, вели лекарот.

Неговиот совет е домашниот шпајз и фрижидер да бидат снабдени со здрава храна, купена од регистрирани производители. Да има и мед, лук, ѓумбир, чаеви, зачини. Бидејќи во зима нема доволно свежо овошје и зеленчук, потребно е да се земаат и витамини како дополнување на храната. Но, вели, ако трнете да купите сѐ што се рекламира, нема да ви остане ниту денар во џебот. Има, вели, во аптеките, евтини витамини од домашните фармацевтски куќи.

„Консултирајте се со вашиот лекар, не купувајте напамет“, повторува нашиот соговорник.

П.Џ.

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе

Западен Балкан оди во насока на целосна контрола на државните институции во служба на политичките елити. Не е чудо што граѓаните имаат ниска доверба во овие институции.

повеќе