Проект на МЕД и Бирдлајф

Македонските села со штркови, каде што птиците и луѓето живеат заедно (ФОТО)

Како една заспана рурална заедница стана македонската престолнина на штрковите? Ги сретнавме белите штркови, кои живеат заедно со локалното население и откривме како љубовта на една жена кон птиците инспирирала цело едно движење.

Оваа статија е дел од серијата „Хероите на природата“, која ги слави локалните жители што се на првата линија на акцијата за зачувување, вели Бирдлајф, глобално партнерство на организации за заштита на природата, чиј застапник кај нас е Македонското еколошко друштво.

Белите штркови Ciconia ciconia доаѓаат во Европа по нивната епска миграција низ африканскиот континент. Тие ги преживеале исцрпеноста, гладот и заканата од лов, а сега сè што им треба е место за населување, свивање гнездо и растење на нивните млади. Но каде можат да најдат таков рај? Има едно место каде што штрковите не само што се заштитени, туку и се славени. Добредојдовте во областа Чешиново-Облешево во Македонија, просперитетен дел од европската мрежа на „Села на штркот“.

Во овој регион, штрковите и луѓето отсекогаш имале блиска врска. Бидејќи голем дел од обработливото земјиште се оризови полиња, локалното население секојдневно има контакт со птиците, едноставно преку работата на отворено. Ова го поттикнува односот на љубов и почит, вели Ксенија Путилин, координаторка на проектот на Македонското еколошко друштво (МЕД):

„Белите штркови се симболи на среќа и радост. Нивното доаѓање е потсетник дека работата на поле треба да почне, нивниот успех во гнездењето е знак за добра година, а денот кога заминуваат е дел од верските празнувања. Луѓето не ги бркаат штрковите од своите покриви - и можеби затоа ова е една од последните колонии на штрковите во Македонија, кои главно се вгнездуваат на куќите“.

Денес, тие не само што ги слават птиците, туку и ја гарантираат нивната безбедност. Локалните жители сега пријавуваат кога некоја птица ќе свие гнездо на небезбедните електрични жици и спроведуваат годишни пописи на населението штркови. Нивната годишна прослава на Ден на штркот привлекува толпи луѓе, а нивните училишта се единствените во земјата во кои има редовно образование за миграторните птици и нивните живеалишта. Тие дури го ажурирале својот грб за на него да ги има саканите штркови. Но како оваа далечна рурална област од мала, заспана заедница стана главен град на штркот во Македонија?

Сè почна во 1994 година, кога ЕуроНатур основа движење за да го спречи и да го преобрати губењето на живеалишта за штркови низ цела Европа. Секоја година тие на друга општина ѝ го даваат статусот „Село на штркови“ - титула што ја квалификува како официјална локација на природното наследство. Кандидатите мора да имаат постојани колонии на штркови и да вложуваат време и енергија во нивно чување. Оваа иницијатива им носи корист и на луѓето и на штрковите, привлекувајќи посетители и штитејќи ги мочуришните живеалишта на штрковите.

Во Чешиново-Облешево, ништо од тоа немаше да се случи без посветеноста на еден локален амбасадор, Виолета Јанева. Како локален владин службеник, таа шест години неуморно работеше со МЕД за да ја прослави областа како одличен пример за природа и луѓе што живеат во хармонија. Едно од најголемите подобрувања што таа ги направи е што соработуваше со локалните енергетски компании за да ги ремоделира опасните електрични жици, кои го носат ризикот птиците да бидат убиени од струја.

„Енергетските компании отсекогаш ја знаеја својата одговорност кон штрковите. Денес тие се поревносни. Јанева ги охрабрува локалните жители да пријавуваат проблеми со електричните инсталации што можат да им наштетат на штрковите и бараат да се преземат активности“, вели Ксенија Путилин.

Јанева, исто така, била клучниот контакт што му помогнал на МЕД да ги вклучи штрковите во наставната програма. Денес децата можат да уживаат во презентации од биолози, во активности на терен и многубројни натпревари за цртање, поезија и фотографија поврзани со штркот. Секое лето децата ги претставуваат своите песни, претстави и танцови на годишниот Ден на штркот, радосна прослава на локалната култура и кујна.

 

Но не е сè само забава и игри. Јанева поминала и низ многу премрежија. За време на турбулентниот политички период во Македонија, кога промената во власта ги прекина сите државни активности, таа сепак успеала да продолжи со проектот и да организира нови соработки. Па зошто таа е толку мотивирана, дури и кога не добива поддршка од горе?

„Тоа е навистина посебно чувство знаејќи дека не стоите со скрстени раце, додека насекаде околу нас природата дава знаци на предупредување“, вели таа. „Јас пораснав со штрк на покривот на мојата куќа, секоја пролет надевајќи се дека ќе биде во лет кога ќе го видам првпат - што традиционално ќе ми донесе среќа за цела година“.

„Во свет што се соочува со загуба на биодиверзитетот и во кој птиците се борат да преживеат, ние треба да го заштитиме она што веќе го имаме“, вели таа.

Денес иднината изгледа светла: штркот села навистина го прослави Чешиново-Облешево. Локалците сега се познати низ целата земја како чувари на штрковите, а сега и други села бараат да учествуваат. МЕД во моментов подготвува проект за добредојде на овие нови кандидати во мрежата на „Село на штркот“.

И тоа не е сè: Јанева тукушто обезбеди тригодишно финансирање за одржлив екотуризам во областа, со што ќе се зголемат приходите и средствата за живот на начин што не го уништува прекрасното живеалиште на штрковите. Сакате да го посетите? Знаеме дека сакате, вели Бирдлајф.

Објавено

Петок, Април 19, 2019 - 13:56

(Текстот е одговор на колумната „Сите нации се модерни конструкти" од д-р Љубица Спасковска објавена на МКД.мк, 1 август)

повеќе

На мојот пријател, овчарот Митко му реков: „Дојде време ти, јас, сите граѓани на Македонија да си го вратиме суверенитетот на оваа наша држава".

повеќе

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

повеќе