Проглас на Македонско народно студентско друштво од 1925 (1)

„Македонскиот народ на чело со ВМРО долго се бореше против софиските лажни патриоти и против тие од Белград и од Атина“

„Ова дело на врховистичките агенти во ВМРО уште повеќе ги освести вистинските македонски синови и тие почнаа уште посилна борба против погубната политика на Софија.“ Вака македонски студенти од Виена во прогласот од 1925 година ја опишуваат ситуацијата во Македонија, разочарани од молкот на Европа за борбата на македонскиот народ за автономна Македонија и од „бессовесната и злосторничка империјалистичка дипломатија на големите европски држави“.

Од 1922 до 1924 година биле формирани македонски студентски друштва во неколку европски центри (Лајпциг, Минхен, Брисел, Виена, Париз, Рим...). Во јануари 1925 година во Лајпциг бил одржан основачки конгрес на „Сојузот на македонските друштва во странство“. Тие друштва биле под силно влијание на Иван Михајлов и автономистичката ВМРО.

Македонското народно студентско друштво од Виена не влегло во Сојузот, туку дејствувало посебно. За разлика од Сојузот, друштвото од Виена било под силно влијание на Македонската федеративна организација и на ВМРО (обединета), односно на Павел Шатев, Димитар Влахов, Методија Шаторов Шарло, Панко Брашнаров.

Овој проглас го има во Централниот државен архив во Софија (фонд 1932 - Национално освободителни организации на македонските блгари след Берлинскиот договор 1878). Дел од тој фонд (во копии) е донесен и во Државниот архив на Македонија.

 

Еве што пишува во прогласот на Македонското народно студентско друштво во Виена од 1925 година, насловен како Македонско прашање.

„Македонија, сместена во центарот на Балканот и населена со разни националности – Бугари, Турци, Албанци, Власи, Грци и др. – од кои ниедна не претставуваше апсолутно мнозинство, која крие во себе многу природни богатства и стопанско-економски придобивки, уште од дамнешни времиња беше раскрсница на многу туѓи – балкански и европски интереси. Нејзиното население беше предмет на постојани стремежи на алчни освојувачи.

Режимот на турскиот апсолутизам го стави македонскиот народ во неподносливи услови на живот. Турските паши, бегови и жандарми вдолж и попреку ги вршеа своите самоволија – грабежи, убиства, обесчестувања – без да бидат спречувани од ниедна сила. За страдањата на угнетените маси беа глуви и европските дипломати.

Македонскиот народ требаше сам да побара излез од својата неподнослива положба. И бидејќи секоја можност за легална борба беше исклучена, тој го избра револуционерниот пат: во 1893 г. беше основана Внатрешната македонска револуционерна организација. Нејзини принципи беа: автономна Македонија, земјата за селаните, слобода и социјална правда за сите Македонци, без разлика на вера и народност. Во борбата за овие принципи, истакнати од борци како што беа Дамјан Груев, Гоце Делчев, Пере Тошев и др., набргу се вклучи целиот македонски народ и почна жесток отпор, при што поробените маси пројавија невиден ентузијазам и јунаштво.

Меѓутоа, балканските влади, инспирирани од империјалистичките стремежи на своите монарси и на владејачките слоеви, не можеа мирно да гледаат на овој општ подем на македонскиот народ, подем што им се закануваше на освојувачките стремежи на Софија, Белград и на Атина. За да го спречат тоа, балканските влади презедоа низа акции со цел да го компромитираат новосоздаденото македонско револуционерно движење и да создадат почва за своите освојувачки авантури.

Овие скриени намери доведоа до појава во 1894 година на Врховниот македонски комитет во Софија, кој имаше цел да предизвика распаѓање на ВМРО, да го скршне македонското револуционерно движење од неговиот вистински пат и да го впрегне кон амбициите на Фердинанд за присоединување на Македонија кон Бугарија.

Подоцна слични комитети со истите намери и цели беа формирани и во Белград и Атина. Како последица од вкрстувањето на интересите на трите освојувачки политики, почна еден луд натпревар и борба меѓу агентите на балканските престолнини. Се формираа чети што се праќаа во внатрешноста на Македонија за да го тероризираат населението и да ги пропагираат „ослободителните“ идеи на балканските монархии; се расфрлаа огромни суми за плати, поткупи и за агитации; се користеа црквите, училиштата и др. – воопшто, балканските влади ги употребија сите средства за да ги постигнат своите империјалистички цели. Уште повеќе, меѓу четите што беа праќани од трите балкански престолнини почна една меѓусебна истребителна борба, во која полека беше вовлечен и дел од месното население. Сето тоа внесе расипаност и деморализација во некои средини од македонскиот народ.

Најголем дел од одговорноста за оваа жална состојба, како и за подоцнежните и сегашните тажни настани, има софискиот Врховен македонски комитет, составен главно од немакедонци – офицери и интелектуалци – слепо оружје на фаталниот Фердинанд. Злосторничките безумства на овој Комитет беа невидени, провокациите – ненадминати, а последиците од тоа катастрофални не само за македонскиот, туку и за бугарскиот народ. Македонскиот народ на чело со ВМРО долго се бореше како против акциите на софиските лажни патриоти, така и против тие од Белград и од Атина. И во таа борба се потрошија многу сили и средства; многумина од најдобрите македонски борци загинаа од куршумот или од предавството на туѓите агенти. Оваа меѓусебна истребителна борба беше во интерес на турската власт и таа ја поттикнуваше и ја заоструваше, заштитувајќи се на тој начин од ударите на незадоволниот народ.

Ѓорче Петров, Никола Малешевски и Гоце Делчев

Откако софискиот Врховен комитет виде дека однадвор не ќе може да го уништи и да го преземе ВМРО, се обиде да го направи тоа однатре. Тој ги пушти своите агенти да навлезат во редовите на Организацијата, да ги заземат раководните места и потоа да прават што сакаат. И, за жал, овој план на врховизмот успеа: Сарафов, претседател на Врховниот македонски комитет, и Гарванов успеаја да се вовлечат во Централниот комитет на ВМРО и по долги махинации, и покрај противењето на Делчев, Сандански и на сите познавачи на положбата на Организацијата, го кренаа Илинденското востание во 1903 година со цел да предизвикаат интервенција од страна на Бугарија за присоединување на Македонија кон неа. Македонскиот народ, без да ги знае тајните намери на сарафовци, како виор се втурна во борбата и создаде една величествена епопеја наречена „Илинден“, но востанието мораше да пропадне зашто тоа ниту беше внатрешно подготвено (немаше доволно оружје и муниција), ниту беше избран надворешниот политички момент за негово прокламирање. Резултат на тоа беа 2.000 убиени, неколку десетици илјади останати без покрив, други уапсени, села и градови уништени и сл.

Ова дело на врховистичките агенти во ВМРО уште повеќе ги освести вистинските македонски синови и тие почнаа уште посилна борба против погубната политика на Софија. Таа борба ја водеше главно левицата на ВМРО, таканаречените санданисти, и нејзиниот центар беше Серскиот револуционерен округ, каде што дејствуваа Јане Сандански, Димо Х. Димов, Христо Чернопеев, Чудомир Кантарџиев, Тодор Паница, Алекс. Бујнов и др. Револуционерниот суд на Серскиот округ ги осуди на смрт двајцата провокатори Сарафов и Гарванов. На Тодор Паница му беше наложено исполнувањето на пресудата. И во 1907 година тој ја исполни, застрелувајќи ги осудените во моментот кога тие го наговараа да се откаже од своите другари и од своето убедување и да ги убие Сандански и други видни серчани.

Санданисти

Меѓутоа врховизмот, верен носител на идејата за велика Бугарија, ја продолжи борбата со уште поголема жестокост.

Во времето на уставниот режим во Турција – хуриетот од 1908 г., кога се создадоа извесни услови за легална борба, левицата во ВМРО ја основа Македонската народна федеративна партија, која го обединуваше во себе огромното мнозинство од македонското население и се стремеше кон создавање сестрани услови за поднослив политички, економски и социјален живот за сите Македонци. Врховистите ги формираа таканаречените „конституциони клубови“, кои ги опфаќаа само платените и конзервативните елементи од бугарскиот дел на македонското население и тајно ги исполнуваа интригите на Кобург.

Во 1912 година балканските империјалисти посакаа да му стават крај на стремежот на македонскиот народ кон слобода и самостојност. Балканскиот сојуз, поделбата на Македонија меѓу Бугарија, Србија и Грција, војната со Турција, меѓусојузничката војна – тоа беа настани што се натрупаа еден по друг врз главата на македонскиот народ и што коренито ја изменија положбата на Балканот. По крвопролевањата и опустошувањата на војните беше склучен познатиот Букурешки мир, кој ја распарчи Македонија на три дела и ја фрли во уште потешко ропство отколку што беше тоа на турските султани. Од делот на Македонија што остана под српска власт беа истерани сите посвесни и поинтелигентни Македонци, а тие што останаа беа подложени на страшен терор и денационализација. Грчките управители ја применија истата мерка спрема негрчкото население. А и бугарската влада не остана поназад. Стотици илјади Македонци ги напуштија своите огништа, имоти и средства за егзистенција за да талкаат во сиромаштија низ туѓите земји. Тоа не е сѐ.

Српските чети на чело со Бабунски и др., под изговор дека ги гонат бугарските комити, вршеа невидени малтретирања врз македонскиот народ. Тие се стремеа, во унисон со целата внатрешна политика на српската власт во Македонија, за посрбување на целото население, за на тој начин да им се обезбеди на белградските освојувачи поголемиот плен од војната.

Грчките андарти беа задолжени за истата „мисија“ и тие сесрдно ја извршуваа наложената задача убивајќи, ограбувајќи, палејќи, малтретирајќи сѐ што не е грчко.

Бугарските врховисти околу Тодор Александров и Ал. Протогеров, најблиските и доверливи лица на Фердинанд, подготвуваа нови авантури и крвопролевања: организираа чети и ги праќаа зад граница, влошувајќи ја уште повеќе положбата на поробените Македонци. Најодвратна беше нивната афера со валандовскиот напад, инспириран од германски пари. Против безумствата на тие фатални луѓе уште од почеток се создаде меѓу свесните Македонци негодување, кое главно го искажуваа серчани. Поради тоа серчани го изгубија својот прв претставник – Јане Сандански, убиен од дувлото Т. Александров – Ал. Протогеров – Стојан Мишев – Славе Иванов – Ст. Филипов по инсистирање на Фердинанд.“

Мај 1925, Македонско народно студентско друштво во Виена

 

(Продолжува)

„Касапница во Македонија под тројната тиранија на Белград, Атина и Софија"

Како што тргнало, на крај, кога ќе го оствариме сонот и конечно ќе влеземе во ЕУ, ќе бидеме нација X, со јазик Y, со националност Z? Кој ќе се радува на тоа?

повеќе

Зошто да не му веруваме на лидерот кој е на чело на колоната запатена кон ЕУ?

повеќе

Логиката е кога веќе се успеа со Преспанскиот договор, кога веќе отстапката е потпишана, зошто да не се направи тоа и со Бугарија.

повеќе