Светски ден на водата

Македонија има водни ресурси, потребно е рационално управување со нив

Деведесет и седум отсто изнесува пристапот до безбедна вода за пиење во Mакедонија, при што овој процент во градовите изнесува сто отсто. Во руралните населби, 78 отсто од населението има исправна вода за пиење, а остатокот е изложен на повремен ризик од бактериолошко загадување на водата за пиење.

Ова ги покажува Извештајот за индикатори за животна средина на Министерството за животна средина и просторно планирање, за 2020 година, во делот вода, во кој се содржани податоци за период од 2001 до 2019 година.

Според индикаторот, при водоснабдувањето со здравствено исправна вода за пиење во руралните населени места, во континуитет се провлекуваат пропустите од типот на недефинирани санитарни заштитни зони околу извориштата на водата за пиење, непостоење на соодветна опрема за пречистување и дезинфекција на водата за пиење, како и несоодветно стручно одржување.

Денеска е 22 март – Светски ден на водата. Додека светот се соочува со предизвици околу климатските промени, Македонија се соочува со дефицит од елементарни подзаконски акти за регулирање на управувањето со вода, како и континуирано непочитување на веќепостоечките.

Единаесет проценти од вкупниот број на домаќинства кај нас немаат пристап до вода за пиење. Малите хидроцентрали ги заробуваат реките, бунарите се копаат „на диво“, отпадните води се испуштаат непрочистени, а песокот од речните сливови се ископува за комерцијални цели. Сето ова безмилосно ја деградира животната средина и го оневозможува правото на вода.

 Во истражувањето на Институтот за комуникациски студии, во рамките на проектот „Разбистри сè“, се вели дека во некои општини, поради недостиг на вода за пиење, постојат заостанати или новоиздупчени бунари што се користат за пиење, посебно во зоните на неурбанизирани и стари населби. Овие води, велат, не се контролирани и нема податоци за безбедноста и критериумите за квалитет. Ваквиот податок, според нив, укажува дека 11,1 процент од вкупниот број на индивидуални домаќинства немаат пристап до вода за пиење.

Од проектот за заштита и имплементација на правото на вода и санитација како основно човеково право, “Water4changes“, се надоврзуваат дека најчесто, во тие региони, но и во деловите од населените места каде што живеат ранливи категории на граѓани, не е изградена водоводна и санитарна мрежа, па затоа, доаѓа до проблем во остварувањето на ова човеково право. Историски гледано, како што велат, источниот дел од државата, поради нееднаквата дистрибуција на водните талози, е поизложена на недостиг на квалитетна вода за пиење.

Во 21 век сè уште постојат домаќинства на кои им е оневозможено правото на вода

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права велат дека минатата година бил пријавен случај каде што имало основи за сомневање дека е сторена директна дискриминација врз основа на етничка припадност и боја на кожа, како и повредa на правото на еднаквост и заштитата од нееднаков третман во пристапот до чиста и здрава вода за пиење.

„Станува збор за две семејства во Куманово од ромска етничка припадност кои немаат пристап до чиста и здрава вода за пиење и одржување на личната хигиена, и тоа се единствените две куќи на таа улица, што не се снабдени со вода и не се приклучени на водоводната мрежа од страна на ЈП Водовод“, велат од Хелсиншки.

Во врска со ова од Хелсиншки додаваат дека водата во ниту еден случај не смее да се ограничи, па затоа и изговорите на Водовод дека семејствата немаат документи за куќите се неоправдани. Јавното претпријатие и Општината Куманово, според нив, имаат должност да работат заедно и да изнајдат соодветно решение за приклучување на водоводна мрежа на сите куќи кои немаат пристап до вода.

Од “Water4changes“, исто така, сметаат дека правната заштита на правото на вода и санитација како основно човеково право во нашата легислатива е недоволна. Според нив, спротивно на законот, институциите носат одлуки за употреба на водата за други намени, во ситуација кога расположливите водни ресурси се недоволно истражени и заштитени.

Низа горливи проблеми непрестано ја деградираат животната средина наштетувајќи ѝ особено на водата

Останатите горливи проблеми со кои што се соочува водата кај нас, од ИКС ги нотираат во тоа што нема планови за управување со подрачја на речен слив, со тоа што не се проценува кумулативното влијание на повеќе мали хидроелектрани врз ист водотек.

„На една река, ако направите една хидроелектрана, ќе извадите документи дека не ја загрозува реката, меѓутоа, кога на реката ќе се направат три хидроелектрани, тоа значително влијае. Секој проект засебно има дозвола, дека сè е во ред, но, кумулативно, тоа не се проценува и води до деградирање на животната средина“, велат од ИКС.

Злоупотребата од ископувањето на песок од реките за комерцијални причини а не за одржување на речните корита и злоупотреба на водата за наводнување го наведуваат како чест пример кај нас.

„Во рамки на ниво на речен слив се формирани хидромелиоративни системи, тие системи треба да служат за наводнување на земјоделските површини, меѓутоа, тие се запуштени, руинирани, изградени од стариот систем, не се реновирани и земјоделските производители, бидејќи не можат да ги користат, копаат бунари кои што не ги пријавуваат, за да не плаќаат такса на стопанството“, посочуваат од ИКС.

Тука потсетуваат на примерот со Преспанското Езеро, каде што поради големите насади на јаболка и праски, постојано, „на диво“, се копаат бунари за наводнување, со што водите што се слеваат од планините, прво ги полнат бунарите, па дури потоа одат до езерото, и тоа е еден од проблемите за повлекувањето на езерото.

 Од “Water4changes“, како главен извор на загадување на водите го нотираат недостатокот од собирање и третман на отпадните води. При што велат дека иако 80 отсто од населението е поврзано со канализацискиот систем, од собраните отпадни води само 10 отсто се третирани, додека остатокот е директно испуштен во речните корита и езерата или завршуваат во подземните води. Дополнително, според нив, рудничкиот, комунален и индустриски отпад е несоодветно третиран а влегува во водните системи и влијае на квалитетот на водата.

Дополнуваат дека е неопходно воспоставување на систем на заштита на изворите кои се користат за водоснабдување, нивно детално истражување и мониторинг на тие тела, инвестиции во застарената инфраструктура, и, според нив најважно, подигнување на свеста на граѓаните за зачувување на овој значаен ресурс и начинот на неговата употреба.

Отсуството на подзаконски акти – застој во целисходното управување со водата

Од Институтот за комуникациски студии за МИА велат дека има отсуство на подзаконски акти за имплементација на законот за водите, па така, од вкупно 106 правни основи во Законот за води, за донесување подзаконски акти со кои треба да се обезбеди имплементација на Законот и постигнување на неговите цели, за 52 не се донесени подзаконски акти. Со тоа, како што велат, правата и обврските предвидени со Законот за води не можат соодветно да се имплементираат.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање, пак, за МИА велат дека законските измени се предвидени за септември. Со што, како што велат, ќе се утврдат дополнителни одреби со кои ќе се дефинираат основи за донесување или спојување на подзаконските акти кои се веќе утврдени. На тој начин, според нив, се очекува подробно регулирање на управувањето со водните ресурси.

Најголемиот проблем од ИКС го лоцираат во тоа што Водостопанската основа, која е донесена во 1972 година, нема правна важност, но сѐ уште, како што велат, се користи како референтен документ при планирањето на политиките во МЖСПП.

„Ова значи дека нема јасна основа за идните потреби за вода, за техничките и економските решенија за рационално искористување на водите, за заштита на водите од загадување и заштитата од штетно дејство врз водите во согласност со принципите на одржлив развој, како и според долгорочни цели за животната средина и програма на мерки за нивна реализација“, велат од ИКС.

Од МЖСПП најавуваат дека прво ќе се почекаат измените на Законот за води а потоа ќе се пристапи кон правилниците.

„Она што може да се најави е дека е во план е изработката на методологијата за мерење и мониторинг на квалитетот и квантитетот на водни тела, што произлегува од Законот за водите, како и изработката на правилник/уредба за висина и начин на плаќање на надоместокот за испуштање во води, односно начин на пресметување на единица на штетност“, велат од Министерството.

Од “Water4changes“ во насока на легислативата велат дека децентрализираните ингеренции за управувањето со водата ја усложнуваат моменталната поставеност на надлежните институции.

„Читајќи ја законската регулатива не може целосно да се утврди односот помеѓу некои закони, како и помеѓу самите институции. Потребно е централизирање на надлежностите во управувањето со водите во посебна институција или агенција за води, како и промена на законската регулатива, за да се обезбеди заштита на јавниот интерес, а тоа е правото на вода и санитација, како основно човеково право“, посочуваат оттаму.

Уживање на човековото право на вода е неопходно за водење достоинствен живот

Околу два проценти од територијата на Македонија се под водна површина. Има околу 35 реки и 53 природни и вештачки езера. Според количините на вода, РСМ спаѓа во подрачје со задоволителни водни ресурси, но, како што можеме да забележиме од изнесените примери, истата има доста голема нерамномерна распределба и нерационална употреба. За тоа, одговорен е секој еден од нас, со начинот на кој ја (зло)употребуваме истата, како и нефункционалната законска рамка и имплементација.

Пристапот до вода е услов без кој не може да се исполни правото на живот, адекватен животен стандард и здравје. Затоа, обезбедувањето пристап до вода за сите луѓе, треба да биде приоритет на законодавството, а имплементацијата да биде институционално функционална. Притоа, обезбедениот пристап до истото рационално и одговорно да го користиме сите.

МИА

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе