Очекувањата на граѓаните на светот за 2021 година

Македонците се пооптимисти за 2021 во однос на светот

Ако 2020 ќе биде запаметена како година на пандемија и карантин, светската популација е дефинитивно пооптимистична за 2021 година. На прашањето дали сметата дека 2021 година ќе биде подобра, полоша или иста со 2020 година, повеќе од двајца од пет анкетирани на глобално ниво (43%) одговориле дека следните дванаесет месеци ќе бидат подобри од претходните, 24% сметаат дека ќе биде полошо и 26% дека ќе остане исто. Глобалниот индекс на надеж изнесува +19%. Индексот на надеж во Македонија е над светскиот просек и изнесува +24%.

Во земјава речиси двојно повеќе анкетирани очекуваат дека 2021 година ќе биде подобра (50%) во однос на оние кои очекуваат дека ќе биде полоша (26%), 22% сметаат дека ќе биде иста и 3% не знаат.

Оваа година, студијата на Галуп интернешнл беше спроведена во повеќе од 40 земји при што беа анкетирани повеќе од 38.000 граѓани во светот. Македонија беше дел од ова истражување спроведено од страна на истражувачката агенција БРИМА, членка на Галуп интернешнл.

На второто прашање – „Во споредба со оваа година, според вас, дали следната година ќе биде година на економски просперитет, економски потешкотии или ќе остане иста за нашата земја”? - на глобално ниво скоро половината анкетирани граѓани очекуваат дека 2021 година ќе биде година со економски потешкотии (46%), 25% очекуваат дека ќе биде година на економски просперитет и близу на тоа сметаат дека ќе биде иста како и претходната (24%). Сликата за економскиот просперитет на глобално ниво е под силно влијание на одговорите на граѓаните од ЕУ кај кој изразито доминира песимизмот. Ваквите одговори се должат на фактот дека пандемијата во многу земји на ЕУ не покажува знаци дека е под контрола и 63% сметаат дека следната година ќе биде година на економски потешкотии.

Во Македонија повеќе од половина анкетирани сметаат дека 2021 година ќе биде година на економски потешкотии (52%), наспроти 28% кои сметаат дека ќе биде година на економски просперитет и 18% очекуваат дека ќе биде иста како и претходната.

„Општо земено, дали вие лично се чувствувате многу среќно, среќно, ниту среќно ниту несреќно, несреќно или многу несреќно во животот?”. На глобално ниво сепак, и покрај економскиот песимизам, се чини дека среќата успева да блеска; 54% од светската популација се опишува себеси како среќни (многу среќни 13% + среќни 41%), a 14% дека се несреќни (несреќни 10% + многу несреќни 4%). На светско ниво индексот на среќа изнесува +40%.

Во Македонија во однос на прашањето како лично испитаниците се чувствуваат добивме процентуално слични бројки, односно 29% одговорија дека се чувствуваат среќно, 38% ниту среќно ниту несреќно и 32% од испитаниците се чувстуваат несреќно. Индексот на среќа изнесува -3%.

„Во ваков редок случај кога имаме вистинско глобално јавно мислење, светот како целина го задржува својот оптимизам за следната година, но песимистичките ставови се доминантни во повеќе земји од вообичаеното. Додека луѓето очекуваат претстојната 2021 година да донесе крај на пандемијата, нема илузии дека економските потешкотии ќе бидат надминати во краток рок. Со сигурност, дискусијата за рамнотежата помеѓу здравствената заштита и просперитетот ќе биде во фокусот на глобалното внимание во следните години”, вели Канчо Стојчев, претседател на ГИА.

Истражувањето на крајот на годината (EoY) на Галуп интернешнл (Gallup International) е годишна традиција иницирана и дизајнирана под претседателство на д-р Џорџ Галуп во 1977 година. Од тогаш се спроведува секоја година. Оваа година таа беше спроведена во 41 земји низ светот. Вкупно 38.709 лица биле интервјуирани на глобално ниво. Во секоја земја репрезентативен примерок од 500 до 1.500 анкетирани. Во поголемиот број земји примерокот е околу 1.000 мажи и жени интервјуирани во текот на октомври-декември 2020 година по пат на теренска анкета лице в лице, преку телефон или преку интернет. Маргината на грешка за истражувањето е помеѓу +/- 3-5% на 95% ниво на доверба.

Анкетата во Македонија ја спроведе БРИМА на национално репрезентативен примерок во кој беа опфатени 504 граѓани на возраст 18+ години во периодот од 1 до 9 декември 2020 година. Маргина на грешката изнесува +/- 4.4% на 95% ниво на доверба. Истражувањето беше спроведено со метод на телефонска анкета (CATI –Computer Assisted Telephone Interview).

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе