Здружение В'мбел Егеј

Лукровски: Oпштествените движења не одат во прилог на Македонија, Македонците и македонизмот

Ќе соработуваме со сите меѓународни организации за човекови права кои може да ни помогнат во создавање услови за постепено враќање на нашите огништа, враќање на одземените права на владеење со имотот и правото на државјанство, вели Сотир Лукровски од македонско-патриотското здружение В'мбел Егеј.

Ова здружение се основа како дел од потребата за здружување и обединување на Македонците со егејско/беломорско потекло, вели Лукровски.

Господине Лукровски, Патриотското Здружение „В'мбел“ се појавува како рефлексија од потребата за здружување и обединување на Македонците со егејско/беломорско потекло. Зошто токму сега и кои се параметрите кои ја одредуваат вашата визија за влијанието кое Здружението треба да го воспостави во нашево општество?

 

- Што се однесува до моментот на раѓањето на нашето Здружение, не би рекол дека идејата е родена токму сега. Едноставно, таа живее во една поинаква форма повеќе од 10 години. Токму овој период го означува времето кога работевме, најнапред на зачувување на споменот и традициите на селото од кое што и јас потекнувам, а тоа е селото В'мбел, Костурска oколија од Егејскиот дел на Македонија. Како што веќе споменав, во изминатиот период од 10 години ги возобновиме средбите меѓу луѓето кои потекнуваат од В'мбел. Организиравме три видувања во селото, а четири во Скопје.

Понатаму, снимивме документарен филм за нашето село, песната „Киниса да ода о В'мбел на гости“ доби свое студиско издание. Во тој контекст, станува збор за песна во изведба на групата Молика, која е наша неофицијална химна. 
Охрабрени од она што го сработивме сиве овие години, но и водени од идејата за широко соединување на Македонците од Беломорието во едно ново, модерно здружување без никакви хипотеки, здружување кое нема претензии да се користи за личен профит и себе-промоција, ами со кое ќе се идентификува и гордее секој Македонец, го формиравме нашето Македонско-Патриотско Здружение В'мбел Егеј.
Се надевам дека ќе успееме да влијаеме во зголемувањето на националната свест пред сѐ кај младите Македонки и Македонци.

Кои се сегашните и идните активности на Здружението, и кои би биле резултатите кои ги очекувате од нивното остварување?

- За жал, имајќи ја на ум светската ситуација сопандемијата, сметаме дека е неблагодарно да зборуваме за некаков план на активности. На почетокот од март го одржавме нашето основачко собрание во навистина отежнати услови. Планиравме да направиме промоција со мноштво од нашите следбеници и бројни гости, но условите сѐ уште не ни дозволуваат таков тип на собир. Динамиката ни наметнува да успееме да организираме неколку средби во Скопје преку една година, па така, последната беше во 2018, овогодинешната, се надевам дека ќе успееме да ја реализираме во октомври. 
Сепак, носиме спомени од исклучително убава, бројна и емотивна посета на селото, или подобро кажано посета на гробовите на нашите предци и остатоците од нашите некогашни огништа.

Во меѓувреме додека трае оваа ситуација, единствено што ни преостанува е да работиме на медиумска присутност на нашето здружение и идеја. Исто така, во периодот што следи ќе ги почнеме и подготовките за реиздавање на монографијата за селото В'мбел од Сократ Пановски, за која има огромен интерес и во дијаспората. Ова дело е сведок за нашето постоење.

Какви општествени промени треба да претпостави постоењето и дејствувањето на Здружението „В'мбел“?

- За жал, мораме да констатираме дека општествените движења од година во година не одат во прилог на Македонија, Македонците и македонизмот. Па така, ова што ни се случува, едноставно кажано е општествена ерозија во секој сегмент од живеењето.
Ги загубивме основните параметри на културолошко живеење и битисување, а најтажното е да ги гледаме младите, кои ги растеме и воспитуваме да живеат согласно целосно погрешни постулати. Одеднаш, сѐ стана поважно од Македонија и македонштината. Да не заборавиме дека не така одамна нашите семејства лутаа и по 20 години разделени по светот, но не ги напушти желбата да се соберат еден ден во својата матична држава, зачувувајќи го, за цело време, својот идентитет и националната свест.

Мојот татко и неговите двајца браќа за првпат го виделе и запознале својот татко, мојот дедо, на 15, 12 и девет годишна возраст. Нашите деца кои растат во помалку или повеќе комфорни услови, мора да бидат свесни за страдањата и борбата на своите предци, предизвикани од оние кои посегнале по нивните домови.

Се надевам дека со нашите активности барем малку ќе придонесеме за некакви општествени промени и движења кои ќе го разбудат Македонецот во сите нас.

Дали планирате соработка со домашни и меѓународни организации?

- Секако, отворени сме за соработка со сите домашни и странски организации кои ќе можат да ни помогнат во остварување на нашите цели и програма.
Интересни за соработка се сите здруженија и организации на Македонците, кои се со сличен карактер и заложби во нашата држава, соседните земји и дијаспората.
Соработка со сите меѓународни организации за човекови права кои може да ни помогнат во создавање услови за постепено враќање на нашите огништа, враќање на одземените права на владеење со имотот и правото на државјанство.

Господине Лукровски, како е организирано Здружението?

 - Здружението ќе биде организирано согласно своите органи, како што се: претседател, кој го претставува и застапува здружението, собрание кое е воедно и претставува највисок орган на здружението, извршен одбор, надзорен одбор, како и секретар кој ќе се занимава со техничките работи на здружението.
Сите овие тела и позиции ќе се формираат во наредниов период.
Покрај органите на здружението, во скоро време ќе организираме и работни комисии како што се: научно-образовна, меѓународна, фолклорна и правна комисија.

Кој сѐ може да биде дел од вашето Здружение?

- Сите оние кои се пронаоѓаат и се поистоветуваат со зборовите верба, надеж, љубов, семејство, работа, традиција, патриотизам, религија, нација, татковина, македонштина, Македонија.

Како би можеле заинтересираните граѓани да стапат во контакт со вас, да се информираат  за сето она на кое што работите, и да се зачленат во вашето здружение?

- Сите заинтересирани за нашето здружение можат да нѐ исконтактираат на нашата електронска адреса vmbelegej@gmail.com, понатаму преку нашата фејсбук страница и лично преку контакт-телефоните. Се надевам во скоро време и во просториите на нашето здружение.

 

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе