Глобален медиумски форум на Дојче веле

Лажните вести ги креираат политичките партии, а не новинарите

Околу 2.500 луѓе од 140 земји во светот се собраа во Бон на дводневниот 12. Глобален медиумски форум во организација на Дојче веле. Темата на годинашниот собир е „Пренесување на моќта”.

Собирот во Бон беше симболично отворен со настапот на индогерманските перкусионисти Масафад, чие име во превод од јазикот урду значи „патување”, а учесниците ги поздрави генералниот директор на Дојче веле, Питер Лимбург, кој потстети дека „ситуацијата со слободата на медиумите е тешка низ целиот свет“.

Вовед во дебатата на темата „Кој ја има моќта во медиумите денес” беше краткиот разговор на домаќинот со извршниот директор на Алекс Шпрингер, Матијас Дорфнер. Тој кажа дека новинарството денеска се соочува со три предизвици.

„Во прашање се технологијата, бизнис моделот и слободата на медиумите. Мораме да најдеме начин како правилно да ја искористиме фантастичната технологија што ја имаме на располагање, да престанеме да го идеализираме минатото. Мислам дека новинарството денеска е многу поквалитетно отколку што беше пред 100 години, од сите аспекти.

Што се однесува до бизнис моделот, главниот проблем е што меноетизацијата оди низ големи платформи, па малку им останува на креаторите на содржината. Слободата на медиумите опаѓа со години и тоа е проблем на сите, не само на земјите во развој или во транзиција”, рече Дорфнер.

Матијас Дорфнер

Тој смета дека лажните вести не постојат само заради социјалните мрежи и граѓанското новинарство.

„Професионалните новинари исто така секојдневно грешат и мора да преземат одговорност. Дигиталните форми претставуваат нова можност, а новинарството треба да биде кредибилен и веродостоен извор на информации. Довербата на луѓето е клучот за сè. Кога публиката ќе ја загуби довербата, со нашата работа е завршено, готов. Новинарите се одговорни за вистината“, заклучи Дорфнер.

Во разговорот со Дорфнер се приклучија и Џеспер Даб од Фејсбук, одговорен за медиумските партнерства во Европа и на Блискиот Исток, и главниот и одговорен уредник на Индија тудеј, Арон Пјури.

„Фејсбук и Гугл се издавачи, а не само платформи. Тие мораат да прифатат одговорност за содржината”, порача Пјури.

Тој додаде дека тоа не се социјални сервиси.

„Нив ги интересира профитот и ќе направат сè за да дојдат до него. Во прашање е дистрибуција на содржини, а таа значи моќ. Околу 70 отсто од луѓето во Индија вестите ги дознаваат и ги читаат преку Фејсбук и Гугл, а ако имате читатели, имате и моќ. Но моќта секогаш имала и добро раскажана приказна“, вели Пјури, кој смета дека најголемиот број лажни вести ги креираат политичките партии, а не новинарите.

Даб од Фејсбук возврати дека алгоритмите во заднината на Фејсбук „само ги сортираат и предлагаат постовите што би можеле да бидат интересни од перспектива на корисниците”.

Дорфнер, пак, го истакна значењето на идната „копирајт” реформа, којашто ќе ја спроведе Брисел, а која треба да биде основа на новиот бизнис модел во браншата и ја нагласи важноста на лесната и јасна идентификација на изворот на вести.

„Не смеат да постојат лажни идентитети на авторите, мора да се знае кој што почитува и објавува. Ако не се маскираме кога ќе излеземе на улични протести, не гледам зошто би се криеле на интернет”, рече Дорфнер.

Според него, дигиталното новинарство е „телевизија на иднината” и занемарувањето на интернетот од страна на традиционалните медиуми би било „голема грешка”.

„Страшен превид беше доживувањето на интернетот како чиста маркетиншка алатка за старите добри весници. Но во аналогниот свет новинарството беше достапно за публиката само ако плати за него. Дигиталното, од друга страна, значи дека многу работи се достапни бесплатно. Тврдењето дека светот е слободен само ако пристапот до информации е бесплатен е пропаганда што, порано или подоцна, мора да пропадне”, заклучи тој.

Сите говорници на денешниот панел се согласија дека новинарите во својата работа мора да се фокусираат на факти и „производство” на оригинални содржини, а помалку на пренесување туѓи објави и заклучија дека „најдобрите новинари секогаш имале моќ, па ја имаат и ден денес”.

Жана П. Божиновска

од Бон

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе