„Од најавените реформи во безбедносниот сектор добивме партиска надградба и франкештајнизација на истиот.
Трагедија е за една држава која претендира да биде демократска, да дозволи самоволието, неспособноста и сомневањата за криминализираност на директорот на Агенцијата, Виктор Димовски да бидат фактори од кои ќе зависи националната безбедност, но и меѓународниот углед на државата.
Последниот скандал со изработка на позитивна проверка за лице за добивање државјанство, а кое било барано со потерница и е ставено на црна листа на стратешкиот сојузник - САД, само потврдува дека АНБ е во целосен нокаут и дека криминалот е длабоко навлезен во структурите.
Очигледно е дека кога се пари во прашање, за раководството во АНБ не постои Закон и процедура која не може да ја заобиколи, притоа не водејќи сметка за штетата на меѓународниот углед кој ѝ го нанесува на најмладата НАТО членка.
Не само што не се способни цели 2 недели да откријат лажен дојавувач за бомби во училиштата, не само што рекордно во рок од 2-3 дена прават безбедносни проверки за лица кои се вработуваат по партиски клуч (случај Бесмира Ејупи), туку целиот свој фокус го имаат ставено на електронско и физичко следење и документирање на опозицијата, а сѐ со цел опстојување на власт на најкорумпираната и неспособна власт во историјата на независна Македонија.
После скандалите што се случија во Агенцијата за национална безбедност којашто ја предводи партискиот кадар Виктор Димовски и кого МНР го предложи за амбасадор во Франција, мора да има преиспитување на оваа одлука и истата да биде повлечена.
Мора да се стави крај на наградувањето на структурите кои работат исклучиво за партиски и криминални потреби, а на штета на националниот углед и интереси.
Доколку МНР не ја повлече одлуката за номинирање на сѐ уште актуелниот директор на АНБ за амбасадор во Франција, на потег ќе биде претседателот Пендаровски.
Барем еднаш нека се одважи и нека не биде партиски извршител, односно нека не го потпишува Указот за лице кое ѝ нанесува срам на Македонија.
Ова дополнително и поради фактот што истото лице беше споменато во Викиликс дека е 'во џебот' на една соседна држава што не е членка на НАТО“, рече Ковачки.