Комуналните претпријатија на истокот недоволно транспарентни

Новиот електронски начин на комуникација со граѓаните, но и само преку еден клик од мобилниот телефон или компјутер да се биде поблизок до нив не им е најаката страна на јавните комунални претпријатија. Најновите теренски истражувања и мерења на невладината ИНИ- Виница покажуваат поразителни бројки и факти кои одат на адреса на трансапретноста и отчетноста на јавните претпријатија во Источно планскиот регион.

Тодор Цонев од невладината ИНИ Виница за МИА вели дека во истражувањата биле опфатени 15 јавни претпријатија, а просечното ниво на транспарентност и отчетност на овие јавни претпријатијата од Источно-планскиот регион, односно исполнувањето на законските обврски и добрите стандарди изнесува само 20 од можни 100 отсто. Додека пак просечното ниво на транспарентност и отчетност на 12-те претпријатија кои објавувале податоци на своите или веб страниците на нивниот основач, односно општините е само 25 отсто.

„Транспарентноста и отчетноста се многу значајни во интегритетот на 15 јавни претпријатија во Источниот плански регион, а како мерка за намалување на корупцијата во претпријатијата и бизнис секторот. Во минатата година ние извршивме мерења на транспаретноста и отчетноста на 15 јавни претпријатија и просекот изнесува 20 отсто. Тоа е многу малку, со чест на исклучоци како што е ЈП Хидросистем „Злетовица", кое има солидно ниво на транспарентност, со исполнетост на параметрите од 75 отсто и ЈП „Водовод"-Кочани, кое има исполнетост на параметрите над 50. Пет јавни претпријатија имаат помало ниво на транспарентнот помеѓу 20 до 40  отсто, три јавни претпријатија не објавуваат воопшто никакви податоци во однос на транспарентноста и отчетност“, вели Цонев.

Мерењето го извршиле со употреба на 30 параметри, меѓу кои транспарентност, интегритет, пристап до информации од јавен карактер и отчетност. Забележува дека ова се загрижувачки податоци за јавните претпријатија на истокот со исклучок на ХС „Злетовица" и ЈП „Водовод" од Кочани.

-Пет јавни претпријатија ги оценивме со минимално ниво и тоа се : КЈП „Водна Кула" – Зрновци, ЈКП „Никола Карев" –Пробиштип, ЈП „Камена Река" – М.Каменица, ЈПКР „Услуга" – Берово и ЈП „Исар"- Штип. На дното со оскудно ниво се вкупно пет општини, додека пак ЈКП „Комуналец" – Пехчево, ЈП „Плачковица" – Карбинци и ЈКП „Солидарност" – Виница не објавуваат податоци за нивното работење. Ова покажува сериозна затвореност на институциите и тоа дека многу поважен им е формалниот дел, а задолжителноста на објавување информации да се сведе на оскудност, додека пак некои јавни претпријатија не покажуваат воопшто никаква обврска да ги задоволат љубопитните граѓани. Ова укажува на сериозни индиции за можни корумптивни зделки на сметка на транспарентноста и конкурентноста, вели Цонев.

Три комунални претпријатија на истокот немаат веб страници

Неажурирани веб страници, застарени информации за граѓаните, необјавени финансиски извештаи за работењето,оскудни информации кој раководи, немање податоци кои се членовите на управните и надзорните одбори, ниту пак електронски систем за наплата. Вака изгледаат веб страниците на јавните претпријатија и тоа на  оние неколкуте, коишто имаат. Додека жителите и печалбарите од Виница, Карбинци и Пехчево воопшто не можат да се информираат за работењето на комуналните претпријатија, ниту пак да си ги платат сметките по електронски пат. Комуналните претпријатија во овие три општини немаат веб страници, современа алатка за комуникација со граѓаните.

Директорот на ЈКП „Солидарност"-Виница, Александар Трајков потврдува дека немаат веб страница, но по укажувањето на невладината ИНИ Виница порачале да се изработи.

„Извешатите за 2019 година, она што е како наша законска обврска, нашите квартални и годишни финансиски извештаи ги доставуваме до општината, како наш коосновач и до Државниот завод за статистика. Тоа го работиме, порачавме веб страна кај „Мега софт" од Битола, тоа е наш соработник за евиденција на датотека на нашите корисници. Таа е во фаза на изработка и ќе биде изработена во текот на овој месец.Откако ќе биде изработена сите овие извештаи ќе бидат прикачени на нашата веб страница, а со тоа сметаме дека ќе ја подобреме транспарентноста“, вели Трајков.

Во ова јавно претпријатие вработени се 102 лица, а повремено се ангажираат од 10 до 15 работници. Но, финансиската состојба на  претпријатието не е добра,   вели дека и коронакризата им прави дополнителни трошоци. Освен услугите испорачување  вода, чистење на улици, собирање смет, одржување паркови и зеленило, од март месец на нивен грб, трошок  е и дополнителна услуга, а тоа е дезинфекцијата на јавните површини, но и на институциите.

Според анализата на ИНИ Виница пет јавни претпријатија го имаат објавено финансискиот извештај за 2019 година, а само две јавни претпријатија ги имаат објавено сите четири квартални извештаи.

Исполнети се услови за разрешување на пет директори на јавни претпријатија поради необјавување извештаи од работењето. Цонев посочува дека ова е последица на непочитување на Законот за јавни претпријатија за ненавремено објавување на тримесечните извештаи за финансиското  работење на претпријатието на веб страницата на јавното претпријатие или на општината. Ваква пракса имаат следните јавни претпријатија: ЈКП „Комуналец" Пехчево, ЈПКД „Брегалница" Делчево, ЈКП „Солидарност" Виница, ЈКП „Облешево" Чешиново-Облешево и ЈП „Плачковица"  Карбинци. Овие јавни претпријатија немаат објавено ниту еден квартален и оперативен извештај за 2019-та година и исто така го немаат објавено годишниот финансиски извештај за 2019-та година, освен ЈПКД „Брегалница" – Делчево, а нема објавено ниту еден квартален извештај.

Комуналните претпријатија сакаат ли да скријат нешто или само затаиле

Цонев кој долги години работи на вакви анализи вели дека истражувањата водат до заклучок оти недоволната транспарентност дава добра основа за разни шпекулации помеѓу граѓаните дека јавните претпријатија се гнездо за сместување на партиските кадри, нерационално се трошат парите на даночните обврзници и без потреба се трупаат загуби и долгови.

На веб страниците на комуналните претпријатија не може да се види кои се членовите на управните и надзорните одбори, кои се избираат со гласање  од страна на советниците во советите на општините, а со секое менување на власта се менуваат и нивните имиња. Но, директорите на комуналните претпријатија во Штип, Кочани и Виница велат дека во овие управувачки органи сменето е тоа што сега се бираат членови со високо образование, доминираат правници, економисти, а имаат и по некој инжињер.

Директорот на кочанското претпријатие „Водовод", Андреј Киров вели дека сепак се подобрува транспарентноста и отчетноста на претпријатијата, кои во секој случај треба да бидат сервиси на граѓаните. Задоволен е што претпријатието со кое раководи е меѓу првите во земјава по основ на транспарентност и отчетност

„Отчетноста секогаш треба да биде подобрувана и мислам дека самите јавни комунални претпријатија фаќаат некој чекор за покачување на процентот на транспарентноста. Сметам дека во таа насока ќе се движеме и овде никој не прави отпор во таа насока, но дали е од небрежност или некои моменти кои треба да ги доловуваме на граѓаните едноставно затајат. Мислам дека не оти се скриени, туку едноставно не сме посветиле доволно внимание“, вели Киров.

Забележува дека јавните комунални претпријатие мора да бидат отчетни, а ефикасноста колку улиците се чисти, дали сметот им е собран, се испорачува ли квалитетна вода за пиење, санација на старите водоводни и канализациски мрежи зависи од ефикасноста на вработените. Голем проблем е тоа што теренските работници се повозрасни лица.

Директорот на најголемото комунално претпријатие во источниот регион ЈП „Исар"-Штип, Живко Тасев е дециден дека не е задоволен од оценката 40  отсто транспарентност и отченост. Анализите и истражувањата ги добил од невладината ИНИ Виница и веднаш, како што вели на службите им дал за задача веднаш да направат се и да ги исполнат законските обврски.

„На службите им дадов насока, а досега на веб страницата објавуваме документи, како што се Програмата за работа, Извештајот за работа, Финансиските и тоа квартални и годишен. На нашата веб страница има и годишен план за набавка, ги имаме објавено и имињата на раководителите и телефонските броеви. Најново што е објавено е и цената на водата“, вели Тасев.

Покрај тоа што јавните претпријатија фаќаат пополека  чекор со новите електронски алатки за комуникација, истиот впечаток  е и за  граѓаните. Само 10  отсто од штипските домаќинства сметките ги плаќаат по електронски пат.

Заклучоците на ИНИ Виница од ова истражување говорат дека потребно е во најкраток можен рок, јавните претпријатија да ги спроведуваат препораките за транспарентност и отчетност, и да ги објавуваат податоците за своето работење, од причина што истите не се формирани за вработените, тука за корисниците на услуги пред кои треба да бидат отчетни.

Анализата на ИНИ Виница  е изработена со поддршка од Европската Унија преку проектот „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во јавниот и приватниот бизнис сектор" што го спроведуваат  Центарот за граѓански комуникации, Здружението Конект и Здружението за даночни советници, а во рамки на проектот „Интегритет наспроти корупција" спроведуван од Здружението „Иницијатива на невработени интелектуалци" Виница. 

МИА

Релевантните институции покажуваат неподготвеност да го спроведат долгоочекуваниот попис.

повеќе

Економската стратегија има за цел да се реализираат можностите на дигиталната трансформација, да се зајакне соработката во областа на климатските промени, енергетскиот сектор, човечкиот развој и безбедноста на храната.

повеќе

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе