Како им одговори Конески на Бугарите во '48 (4)

Кој удира по македонскиот јазик просто и јасно удира против македонската нација

Тој удира по македонскиот јазик како по еден елемент на македонската нација, што значи просто и јасно дека тој удира против македонската нација како таква. Неговото личи како да му речеш на некој човек: не ти е десната рака најважен дел на телото, и без неа можеш да живееш, да бидеш пак ти, дај да ти ја ампутираме, вели Блаже Конески во книгата од 1948 „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, одговарајќи му на Г. Чанков, тогашен бугарски политичар што вели дека македонскиот јазик е создаден по диктат од Ѓилас, а не „по волја на народот“, и дека една нација може да постои без свој сопствен јазик.

Најголемото име на македонскиот јазик и литература му одговара со непобитни аргументи, а во оваа ера на повторни напади од Бугарите, МКД објавува извадоци од овој манифест за јазикот и националното достоинство што ни го остави Конески.

Зад тврдењето како македонскиот литературен јазик бил создаден „не по неговата волја (на македонскиот народ, Б.К.), ами по диктат на Ѓиласа“, можеме да се досеќаме дека се крие уште еден зајак, а имено дека се мисли за наводната србизација на нашиот литературен јазик. Од таа пусија се испраќаа веќе поодамна куршуми против македонскиот литературен јазик од страна на великобугарите и ванчомихаиловците. „Дозволен е еден местен дијалект како писмен јазик за Македонија... самиот тој дијалект државата не го признава за бугарски. Со јавна тенденција се против бугарштината, се внесуваат во него множество српски зборови и изрази“ - вели еден од последните (Македоникус, „Сталин и македонското прашање“, Индијанополис, САД, 1947, стр. 56). А еден негов собрат од Бугарија се јавува дека во Македонијатреба да се учи 'македонскиот јазик', составен од куп чисто српски зборови и некои ретки македонски провинцијализами“ (в.Знаме“, 29 октомври 1945 година). Но добро е познато дека и порано наоѓаше ова тврдење за србизација на македонскиот јазик одглас кај бугарските комунисти, кои и денеска еве стануваат дури и бајрактари во походот против македонскиот литературен јазик.

На тоа укажа во својот реферат на 11 конгрес на фронтот, во мај 1948 година, другарот Лазо Колишевски, говорејќи како некои луѓе од ОФ се искажувале во оваа смисла на пример против употребата на зборот ОДБОР во македонскиот јазик, затоа што бил српски.

Пуштајќи ја паролата како македонскиот јазик се наоѓал пред опасноста да се посрби, великобугарите сакаат со тоа да разбудуваат недоверба меѓу бугарскиот и српскиот народ, сакаат да ги намамуваат на таа јадица лековерните луѓе, искористувајќи ги спомените од минатото, како би го раслабиле братството и единството на македонскиот и српскиот народ. Во исто време, и во многу поголема мерка, тие гледаат со тоа да го збунуваат братскиот бугарски народ, настојавајќи да ја раздуваат омразата спрема Србите, кои ете пак во Македонија се наместуваат, според нив, на чисто бугарска мушија. Таква е смислата на викотницата како македонскиот литературен јазик бил посрбен. И ако на истото тоа гледиште застануваат и некои бугарски комунисти, тврдејќи дека нашиот јазик бил создаден по диктат од Белград, тогаш е јасно на чија воденица тие налеваат вода, и дали со тоа го спомагаат зацврснувањето на братството меѓу јужнославјанските народи, толку потребно за сите нив, или пак сосем наопаку - сакале или нејќеле, објективно им помагаат на оние што го рушат тоа братство, и што во таа разрушувачка дејност гледаат еден од основните предуслови за своето поновно враќање на власт. Не ли се сеќаваат таквите бугарски комунисти дека со тоа ја сечат гранката на која што самите седат?

Оставајќи го сега ова јасно прашање настрана ние ќе треба сепак да се запреме на тоа доколку е оправдана викотницата за србизација на нашиот јазик. Се однесува тука за земањето на некои српски зборови во него. Затоа прашањето треба да го поставиме во поширок размер: доколку е таквото заемање од еден јазик во друг работа природна; што ни покажува во тој однос опитот од другите литературни јазици; доколку по сето тоа постои кај нас тенденција, диктирана од Белград, да се србизира нашиот јазик.

Општо позната работа е дека меѓу јазиците не може да се постави остра и непроодна граница. Напротив, еден јазик се проникнува со друг, еден се влијае со друг, и дава и позајмува, одразувајќи ги со тоа живите економски и културно-политички врски меѓу народите. Ниту нашиот македонски јазик можел во својата историја ниту пак денеска може, да се откине од таа поврзаност, да се развива во некаков херметички затворен простор, каде никаков туѓ збор не може да проникне. Нека споменеме само колку грчки и турски зборови се наоѓаат во нашиот јазик. Тие можат да се набројат со илјадници и сепак нашиот јазик, слава богу, не се грцизирал ниту се турцизирал. Можеме ли ние денеска да ги исфрлиме од нашата употреба сите тие зборови? Ниту можеме ниту пак тоа е потребно. Ние можеме само до извесна степен да ја ограничиме нивната употреба во литературниот јазик, форсирајќи за нивна сметка зборови од славјански корен. Но ако би сме застанале на гледиштето дека нив треба да ги снема од нашиот литературен јазик, тогаш би требало наново да измислуваме зборови на пример за ОРТОМА, СТОМНА итн. (затоа што се по своето потекло грчки зборови), или за ТУТУН, ЈОРГАН итн. (затоа што тоа се зборови дојдени од турскиот јазик). Кој од нас дури и сонува, ако не е специјално упатен во работата, оти СТОМНА бил грчки збор? Тој наполно се одомаќил во нашиот речник и денеска го сеќаваме како свој. Нека се свртиме сега кон србизмите. Попусто се зафаќаат некои да докажуваат оти еве - дошло време македонскиот јазик да се србизира. Врските меѓу македонскиот и српскиот народ не се вчерашни, ами тие одат далеку во историјата. Познато е дека во Средниот век Македонија потпаѓала извесно време под власта на српската феудална држава и дека северниот нејзин дел уште долго време во турското ропство се наоѓал под ведомството на Пеќската патријаршија. Сосем природно дека во резултат на тие вековни непрекинати врски се јавувало и заемно јазично влијание.

Отаде ќе најдеме во македонскиот јазик зборови, па и форми, што се дојдени од српскиот јазик. Ќе се најде ли некој паметен да ги исфрла зборовите КУЌА, РУЧЕК, СУДИЈА и уште толку други само затоа што тоа се зборови дојдени од српскиот јазик? И дали македонскиот јазик се посрбил од тоа што ги примил тие зборови? Гледаме - не. Па споменавме веќе оти и во бугарскиот литературен јазик наоѓаме одразено српско влијание.

Како може да го обогатува својот речник еден литературен јазик? Јасно е дека пред сѐ тука иде предвид сето она што може да се искористи од речничкото богатство на народните говори. Но во народниот јазик ние нема да најдеме ниту далеку сѐ што ни треба за ознака на оние поими што литературниот јазик треба да ги изразува. Тогаш останува двоен пат: или ќе се заемаат потребните зборови од туѓите јазици што ги имаат, или пак тие наново ќе се коват во духот на дадениот јазик.

И едниот и другиот пат е во основата природен и оправдан. Тука нема дури по принцип разлика ниту меѓу литературниот и народниот јазик - зашто и последниот се служи како со заемање така и со новотворење. Во бугарскиот литературен јазик се набројуваат денеска, како што тврдат, околу 2000 руски збора, и тоа многу употребителни, исто како што во него наоѓаме и ред зборови наново создадени во духот на јазикот. И нашиот литературен јазик врви денеска по таков пат. Ние и оживотворуваме за нова употреба ред зборови, не дотолку познати, од нашите народни говори, и твориме наново (не преминувајќи во бесмислен пуризам), и заемаме. Ако се направи сметка од каде заемаме, оставајќи ги настрана општо познатите интернационални зборови, ние ќе кажеме дека заемаме во прв ред од понапреднатите славјански јазици: српскиот, бугарскиот и рускиот, објаснува Конески.

Ние не сме правеле досега сметка колку зборови сме зеле од српскиот, колку од бугарскиот, а колку од некој друг јазик. Уште е рано да се прават кај нас такви студии, зашто треба да помине извесно време додека наполно ќе улегне речникот на нашиот литературен јазик. Меѓутоа нам ни се чини дека можеме со сигурност да тврдиме оти за ова време од бугарскиот јазик не сме зеле помалку одошто од српскиот. Се разбира, дека е тоа наша внатрешна македонска работа што и како ќе заемаме во нашиот јазик, и во тој поглед не ни се нам потребни никакви тутори пред кои што ќе полагаме сметка, иако има ете и такви луѓе што од некаде си го припишуваат тоа право да се претставуваат поголеми доброжелатели на нашиот јазик отколку што сме ние самите. Но ние го изнесуваме тоа, за да се покаже дека нивната безочност оди дотаму што претендираат да турат монопол на македонскиот јазик.

Меѓутоа, барањето да се постави некаква бариера меѓу нашиот и српскиот јазик, барањето секаков српски збор да се изгонува од нашиот литературен јазик, а да се примаат само бугарски - не е ништо друго освен шовинизам од чиста проба. До каде може да оди слепата задртост во оваа смисла, се гледа макар од оној пример што го споменавме погоре - како за србизацијата на нашиот јазик се посочувал зборот ОДБОР. Самиот овој пример доста сведочи за тесната националистичка душица на самонаречените интернационалисти“. Пред сѐ зборот одбор го наоѓаме во ред славјански јазици, па и во македонскиот и бугарскиот (одбор дружина, одбор јунаци), вели Конески.

Во секој збор е одразен дел од животот. Кој што сака да ја забранува размената на зборови меѓу југословенските јазици, тој сака да ја забрани размената на животен опит меѓу југословенските народи, тој сака да ги раздели еден од друг, тој оди против нивното единство, тој е сеач на омраза. Никаква опасност нема кај нас дека јазикот ќе ни се посрбел, ако ние усвоиме во нашиот литературен јазик и некои српски зборови, како што никаква опасност нема дека нашиот јазик ќе се побугари, ако земеме во него и некои бугарски зборови.

Се разбира, дека заемањето треба да се регулира, а не да се врши безразборно. Така насекаде се прави. Треба пред сѐ да го издигаме нашето, самобитното, па потоа и да земаме назаим.

Одејќи понатаму, треба да се запреме уште на третата „теза“ од Чанков, т. е. дека наместо „сегашниот официјален македонски јазик“ - „македонскиот народ сам по својата сопствена волја ќе оформи наполно свој конечен македонски јазик“. И така, нашиот современ литературен јазик, од Рацина, В. Марковски, К. Неделковски - па до денеска, со сета литература создадена на него, во „Работническо дело“ се претставува како нешто привремено, исто како што се претставува како нешто измислено. Останува допрва да се оформи некаков „конечен македонски јазик“. Се негира, значи, нашиот досегашен литературен и општо културен развиток, кој што е најтесно сврзан со една од најславните епохи во историјата на нашиот народ, со Народноослободителната борба, и се кажува дека тоа што ќе стане, допрва ќе стане. Како си го претставува Чанков тоа создавање на „конечниот“ литературен македонски јазик „по волјата“ на македонскиот народ? Дали изразувањето на таа народна волја ќе стане со некакво гласоподавање, како кога се вршат избори за конституанта? Доколку ни е нам познато, досега никаде во светот не станувало такво нешто и ниеден литературен јазик не е оформен по тој начин. Доколку ни е нам познато, литературниот јазик се создава преку литературата, а литературата ја создаваат писателите, што значи дека тие го творат и литературниот јазик. Истото важи и за македонскиот литературен јазик.

Македонската литература е една реалност и јазикот на таа литература е оној јазик што се вика македонски, а тоа значи дека ништо друго освен гола демагогија не можат да бидат зборовите како дури во иднината требало да се создава некаков „конечен“ македонски јазик „по волјата“ на народот. Како се замислува пак тој „конечен“ јазик, можеме да бидеме начисто ако ги сумираме двете познати премиси од статијата во „Работническо дело“: не е јазикот единствен и најважен елемент на нацијата (доказ: земете ги Швајцарците) + повеќето Македонци зборуваат на бугарски јазик = зошто им е тогаш на Македонците да оформуваат некаков свој литературен јазик, кога го имаат на расположение совршениот бугарски јазик: и нацијата им нација и јазикот им јазик. (Добро е на ова место да си спомнеме каков широк простор им откриваше на македонските писатели Јордан Бадев, викајќи ги да пишуваат на бугарски).

Ние порано си го запазивме правото да кажеме неколку збора за тоа доколку негирањето на нашиот литературен јазик не значи во истото време негирање на нашата нација. „Работническо дело“ би сакало да се прикрие зад тоа што има во светот различни нации што се служат со еден јазик: „Во Соединетите Амерички Држави каде што се говори на англиски јазик американскиот народ пак е одделна нација“. Тоа е така и тоа си има сигурно свои историски причини зошто во конкретниот случај да биде така.

Но познато е дека е многу почесто, и речиси редовно, една нација да си има и свој одделен јазик. И тука сигурно си има за секој конкретен случај историски причини зошто да биде така. Па може ли сега тоа што имало примери на две нации со ист јазик, да се апсолутизира до некаков принцип и да се применува насекаде на светов, во однос на која било нација, независно од конкретната историска стварност? Како ќе беше, на пример, ако Русите им речеа по Великата Октомвриска револуција на Украинците и Белорусите зошто ви се вам сега одделни јазици, кога го имате совршениот руски јазик, земете го просто него, и инаку јазикот не е единствен и најважен елемент на нацијата, ете ви го - ако не верувате - примерот на Американците и Англичаните. А токму тоа го прави во однос на македонскиот јазик Георги Чанков. Никакво псевдомарксистичко жонглирање не може да ја прикрие вистината дека тој удира по македонскиот јазик имено како по еден елемент на македонската нација, што значи просто и јасно дека тој удира против македонската нација како таква. Неговото личи, како да му речеш на некој човек: не ти е десната рака најважен дел на телото, и без неа можеш да живееш, да бидеш пак ти, дај да ти ја ампутираме. 

 

Како им одговори Конески на Бугарите во '48:

На тие што од високо би сакале да погледаат на нашиот јазик, можеме да им речеме само: ваша работа!

Будењето на македонскиот народ за нив беше опасност да им се ислизне од рацете пленот околу кој долго време си ги вадеа очите

Бугарите сакаат да го ревидираат и повторно да го решаваат тоа што веќе историјата го решила неповратно

Дали „Бели мугри“ и „Ленка“ се пишувани на вештачки јазик создаден по диктат од Белград? Не, не е така!

Не беше одамна времето кога се бранеше бугарскиот литературен јазик, а сега се наоѓаат луѓе што на тој јазик срамотат други јазици

Нивните поруги за нашиот јазик им се враќаат на глава, нема нас во нешто да нѐ поколебаат

Структурното насилство кон трансродовите и родово небинарните луѓе е препрека во нивното реализирање како полноправни членови на општеството.

повеќе

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе