Не игнорирај! Реагирај!

Климатските промени го земаат својот данок и во земјоделството

Климатските промени како еден од најголемите предизвици со кои денес се соочува човештвото не го „одминуваат" ниту земјоделството – факт кој серизоно загрижува бидејќи овој сектор е од исклучително значење.

Пристапот до безбедна и квалитетна храна е неоспорен за опстанок на човештвото, а земјоделството придонесува и кон БДП-то и учествува во намалувањето на невработеноста со значителен процент на ангажирана работна сила. Но, за жал, последиците кои ги чувствува нашата планета предизвикани од климатските промени впрочем се истите тие фактори кои ги уништуваат земјиштето, воздухот и водата кои нѐ хранат нас, но треба да продолжат тоа да го прават и за идните генерации.

Први на удар се културите кои не се наводнуваат?

Временските неприлики во 2015/2016 година веќе доведоа до значителни загуби на производството во тој период, а штетите се бројат во милиони евра.

Многумина експертски мислења се совпаѓаат дека нашата земја ќе биде меѓу првите кои ќе ја почувствуваат штетата од негрижата кон животната средина. На ова укажува и Влатко Ристовски, советник во Агенцијата за потикнување на развој на земјоделството, дипломиран земјоделски инженер.

„Според истражувањата на експертите Република Македонија ќе биде меѓу првите земји што ќе има потопли лета со помалку врнежи, но од друга страна врнежите ќе бидат поинтензивни, пропратени со град, а ќе се јавуваат и подолготрајни топлотни бранови и поизразени суши и поплави“, вели Ристовски.

Ристовски појаснува дека како последица на растот на содржината на гасовите кои создаваат ефект на стаклена градина во атмосферата се очекува зголемување на температурите на глобално ниво. Покачената температура и нејзиното влијание, од една страна сама по себе не мора да значи дека ќе се одрази негативно кај сите земјоделски култури, но сепак влијанието кое го има врз покачувањето на испарувањето на вода ќе создаде дополнителна потреба на земјоделските култури за вода.

„Поради ваквото влијание на климатските промени, во нашата земја може да се очекува намалување на приносите кај земјоделските култури посебно кај оние кои се одгледуваат без наводнување. Според експерите тоа намалување на приносите кај нас би можело да се движи од 10% до 2025 година до преку 40% во 2100-та година, во зависност од културата и условите на одгледување.  Она што  дополнително треба да се земе во предвид е трендот на намалување на наводнуваните површини кај нас“, потеницира Ристовски.

На терен загрижувачки искуства

Младиот земјоделец Никола Јакимовски кој веќе една деценија се занимава со земјоделство, а има студирано на Факултетот за земјоделство, вели дека климатските промени се катастрофална закана за во идина, но дека како поединец не може многу да стори за да ги запре природните промени бидејќи нивниот тек е непредвидлив.

Тој се труди да користи природни ѓубрива, но кога станува збор за климатските промени тоа е глобално прашање за кое сите треба да се преиспитаат, и земјоделците, и надлежните и крајните потрошувачи.

„Последните години штетите се големи од климатските промени. Свеста кај земјоделците е на многу високо ниво, но сепак надлежните институции треба да интервенираат за правилно одгледување на земјоделските култури, на пример да ги стимулираат земјоделците за прскање на дрвцата во ран цвет, правилна обработка на почвата...

Сѐ што треба всушност да направи државата кога станува збор за последиците од климатските промени е да набави напредни системи за навремено следење и паралелно известување на земјоделците за временските прилики или неприлики. И се разбира државата треба да им даде стимул за работа која ќе е благонаклонета кон природата“, смета Јакимовски.

Неопходни се мерки за спас на земјоделството

„Со цел да се намали или барем да се ублажи негативното влијание од сѐ поприсутните климатски промени, неопходно е да се почне со примена на мерки за адаптација кои би биле ефикасни на краток или среден рок, а сепак лесни за имплементација како во практична, така и во економска смисла“, смета Ристовски.

Постојат голем број на фактори кои го ограничуваат капацитетот за адаптација на целиот сектор што го опфаќа земјоделствотo. На пример како ограничувања може да се смета и големината на земјоделските стопанства, кои во најголем дел кај нас се сведуваат во категоријата семејни земјоделски стопанства (индивидуални земјоделци), кои имаат претежно ниски приходи, а парцелите кои ги обработуваат се претежно мали, но и на различни локации.

Меѓу факторите кои го ограничуваат капацитетот за адаптација во земјоделството е и недостиг на модерни производствени технологии и практики, ниска свест кај земјоделците и недоволната финансиска поддршка од државата за да излезат на крај со негативните влијанија на климатските промени, сметаат експертите.

Климатските промени ќе влијаат врз сите аспекти на безбедноста на храната како што се стабилноста на снабдувањето со храна, цените и пристапот до храна. Исто така треба да се земат предвид и индиректните влијанија од климатските промени врз појавата на штетници и болести кај растенијата. Оваа ситуација ќе води до поголема употреба на хемиски средства за заштита на растенијата од болести, што пак влијае врз профитабилноста на производството. Затоа час поскоро сите инволвирани со овој „невидлив“ проблем треба да ги мобилизираат ресурсите за намалување на последиците од промените кои климата ги возвраќа за нашата негрижа кон животната средина. Во име на здравата храна која ни ја обезбедуваат вредните раце на земјоделците, а која живот значи!

Христина Николовска

(Со овој прилог, МКД.мк се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје)

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе