Дома

Ќе се води битка за зоните на националниот парк „Шар Планина“ (ВИДЕО)

Неизвесност и информативен мрак го мачи населението што живее во пазувите на Шар Планина, за којашто е во тек постапката за прогласување за национален парк. Тоа го покажа теренското истражување на екипата на Институтот за комуникациски студии, спроведено со цел да ги детектира проблемите на жителите од селата коишто лежат на падините од македонската и од косовската страна на Шара. За да го „осветлиме“ овој процес, разговаравме и со научници, со претставници на невладини организации, на Владата, со туристички работници и со инвеститори. Нашите наоди покажуваат дека постои опасност границите на идниот национален парк предложени од научната фела да се менуваат за да се задоволат нечии бизнис-интереси.

Поради промената на традиционалниот начин на живеење во регионот и, воопшто, растечката сиромаштија и политичката нестабилност, природните вредности на Шар Планина се под силно влијание на човечкиот фактор. Тоа предизвикува појава на многубројни закани што можат да доведат до деградација и уништување на сите природни вредности. Меѓу нив превладуваат нерегулираната урбанизација и инфраструктура (отворање патишта, викенд-куќи, угостителски објекти итн.), илегалната сеча, непромисленото искористување на водните ресурси (особено за добивање електрична енергија), прекумерното искористување на одделни медицински и ароматични растенија и неконтролираниот лов.

Во Студијата за валоризација на Шар Планина се предлага да бидат стопирани сите постапки за изградба на мали хидроелектрани, со цел да се зачува природното богатство на идниот национален парк.

Исто така, се препорачува сите МХЕ кои ќе продолжат да функционираат да се преиспита влијанието врз заштитеното подрачје и доколку се оцени дека тие имаат значително влијание со последици по основните природни карактеристики на заштитеното подрачје, да не се продолжува договорот за концесија.

За оваа проблематика, од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги побаравме одговори на прашањата колку вкупно хидроцентрали има на подрачјето на Шара, колку од нив се на ЕВН, а колку се на други приватни компании и колкава е нивната моќност.

„Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги не располага со конкретни податоци коишто се потребни за Вашето истражување од причина што не води таква евиденција. Во оваа прилика Ве упатуваме да се обратите до операторот на електродистрибутивниот систем, „Електродистрибуција“ ДООЕЛ Скопје, со оглед дека хидроелектроцентралите за коишто станува збор се приклучени на електродистрибутивниот систем којшто го управува „Електродистрибуција“ ДООЕЛ Скопје. Поради овој факт, операторот на електродистрибутивниот систем има информации кои корисници во кои точки од електродистрибутивната мрежа се приклучени, колкава е нивната моќност, а во овој случај и колку произведуваат електрична енергија“, велат од РКЕ.

Од ЕВН не одговорија на поставените прашања.

Инаку, населението од ова подрачје веќе покажа дека е подготвено со жив штит да ги брани водните ресурси. Од друга страна, состојбата на косовскиот дел од Шара, којшто одамна е прогласен за национален парк, е доказ дека узурпцијата на реките продолжува без оглед на таканаречената заштита. 

Камбаните бијат за уништувањето на Шара

Националниот парк не го заштити косовскиот дел од Шара

Пропуштените можности доведуваат до иселување

Опфатот на идното заштитено подрачје – Национален парк „Шар Планина“ зафаќа 7 општини од Полошкиот плански регион, и тоа: Боговиње, Врапчиште, Гостивар, Јегуновце, Теарце, Тетово и Маврово-Ростуше. Населението во овој регион се занимава со одгледување разновидни земјоделски, градинарски, житни и други култури. За жал, главна карактеристика е дека младите се иселуваат, а населението старее. Жителите сега не знаат какви промени ќе донесе националниот парк и дали ќе имаат бенефит од тоа.

Резултатите и анализите за економските активности во предложеното подрачје за заштита на Шар Планина како национален парк покажуваат дека таа поседува голем потенцијал за развој не само на ниво на подрачјето, туку и потенцијал да влијае врз регионалниот и националниот развој. Голем дел од природните вредности на Шар Планина не се искористени или, пак, се искористуваат на неправилен и несоодветен начин, притоа уништувајќи ја биолошката и пределската разновидност и квалитетот на живот кај локалното население.

Голем удел во развојот на економијата имаат и туристичките можности што ги нуди Шар Планина, посебно во зимски услови. Присуството на скијачки терени, неколку хотели и приватни вили, во голем дел застапени на Попова Шапка, која се смета за туристички центар на Шар Планина, овозможуваат развој на туризмот и економски развој на регионот. Во однос на руралниот туризам, во рамките на истражувањата за пределите, шарпланинскиот предел е вреднуван со особено висок индекс на визуелен квалитет поради зачуваниот рурален изглед, поради што, пак, има висок потенцијал за развој на рурален туризам.

Македонија не знае да ги искористи природните убавини за да го развие туризмот, а најдобар пример за тоа е слабата посетеност на Шар Планина. Таа има огромен потенцијал за скијачки спортови, планинарење, еко-туризам, органско производство... Засега ваквите можности ги гледаат само поединци и ентузијасти кои самоиницијативно вложуваат во развој и промоција на оваа „убавица“. Тоа би можело да се смени со прогласувањето на планината за национален парк.

Национален парк Шара - нов туристички бренд на Македонија

Шар Планина во себе крие голем туристички потенцијал. Со нејзиното прогласување за национален парк ќе се создаде нов национален туристички бренд што дополнително ќе ја промовира оваа планина на домашниот, но и странскиот туристички пазар. Сепак, на Шара недостасува потребната туристичка инфраструктура како и слухот на државата да ги имплемтира предлозите за развој на туризмот наведени во стратегиите и туризмолошките анализи. Кога Шара ќе стане национален парк ќе се отворат нови можности за екотуризам, но ќе се ограничат веќе постоечките туристички гранки како ловниот и риболовниот туризам.

Интервју со проф. Арта Кадриу, околу туристичкиот потенцијал на идниот национален парк Шара.

Со вистински рецепт Шара може да стане Швајцарија за младите генерации

Иселувањето на младите и стареењето на населението ги празнат селата и општините на Шар Планина, за која во тек е постапка за прогласување за национален парк. Жителите не се доволно информирани за промените што ги носи овој процес и за придобивките од заштитата на природата што може да придонесат за задржување на младите во родниот крај.


Информацијата дека коронавирусот може да се пренесe преку допир со готовина, дополнително ги мотивираше луѓето да се ослободат од банкнотите. 

повеќе

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе