Проглас на Македонско народно студентско друштво од 1925 (2)

„Касапница во Македонија под тројната тиранија на Белград, Атина и Софија“

И ние, синовите на измачениот македонски народ, со овој реферат се обраќаме кон сите фактори и ги молиме, секој на свој начин, да го кренат гласот за одбрана на нашите несреќни браќа, да извршат притисок за да се подобри нивната положба и да се запрат убиствата и теророт врз невиното македонско население. А тоа ќе се случи кога ќе му се даде слобода и независност на македонскиот народ, рамноправен член на слободна балканска федерација, бараа во 1925 година македонските студенти во Виена.

„Доброволно“ изелување од Егејска Македонија

Од 1922 до 1924 година биле формирани македонски студентски друштва во неколку европски центри (Лајпциг, Минхен, Брисел, Виена, Париз, Рим...). Во јануари 1925 година во Лајпциг бил одржан основачки конгрес на „Сојузот на македонските друштва во странство“. Тие друштва биле под силно влијание на Иван Михајлов и автономистичката ВМРО.

Македонското народно студентско друштво од Виена не влегло во Сојузот, туку дејствувало посебно. За разлика од Сојузот, друштвото од Виена било под силно влијание на Македонската федеративна организација и на ВМРО (обединета), односно на Павел Шатев, Димитар Влахов, Методија Шаторов Шарло, Панко Брашнаров.

Овој проглас го има во Централниот државен архив во Софија (фонд 1932 - Национално освободителни организации на македонските блгари след Берлинскиот договор 1878). Дел од тој фонд (во копии) е донесен и во Државниот архив на Македонија.

 

Еве што пишува во прогласот на Македонското народно студентско друштво во Виена од 1925 година, насловен како Македонско прашање.

„Европската војна направи од Македонија нова касапница. Во трите крвави години македонските полиња беа посеани со безбројни гробови; расцветаните градови беа претворени во пепелишта; безбројни ризници безумно се расфрлуваа; илјадници вдовици, сираци и инвалиди останаа да го оплакуваат своето црно постоење и повеќе од триста илјади бегалци талкаат во сиромаштија и во очај по туѓите земји...

Резултатите од војната се познати: Нејскиот договор ја одобри поделбата на Македонија и го потврди ропството на македонскиот народ под тројната тиранија на Белград, Атина и на Софија. Стариот режим на угнетување и денационализација продолжи со невидена жестокост. И денес уште беснее кошмарот на смртта.

Српската власт уште во првите денови на окупацијата ги разузда своите темни сили за да беснеат вдолж и попреку. Разни одговорни и неодговорни фактори тргнаа да го ограбуваат, апсат и убиваат невиното македонско население [...] На народот му се одземени сите права: сите училишта, цркви, читалишта, библиотеки и др. културни установи се затворени... насекаде во Македонија се отворени само српски училишта и др. културни институции и македонските деца и возрасни се должни да учат на српски јазик... Економската положба во земјата е жална... Згора на тоа, месното население се брка и наместо него се населуваат Срби... Во последните две години таму се појавија разбојнички банди издржувани од српската државна каса и предводени од Ст. Мишев, Каламатиев, Пандурски и др. декласирани типови, кои вршат невидени малтретирања на месното население.

Грчките управители, во својот стремеж да го обезбедат своето владеење во заробениот дел на Македонија, освен теророт и убиствата, измислија и едно ново средство: под маската на „доброволно“ иселување и според некаква конвенција склучена без согласност на македонскиот народ, тие го потераа целото негрчко население и го бркаат зад граница. Ова е придружено со страшни жестокости: се палат куќите, се тепаат масовно луѓе... се ограбуваат имотите и сл. Никакви културни, јазични и верски „права на малцинствата“ не постојат. Економската положба исто така е жална, иако македонскиот дел под Грција е најбогат – таму имаме пристаништа како што се Солун и Кавала, плодни полиња како што се Солунското, Серското, Драмското и др. Даноците и долговите го мачат македонскиот народ; тој протестира и се бунтува, бара повеќе леб и слобода, а грчките управители не обрнуваат внимание и му праќаат бајонети и куршуми.

Македонците под Бугарија, заедно со целиот бугарски народ, плаќаат за злосторствата на старите шпекуланти. Репарации, долгови, внатрешни банкротирања, шпекулации – сето тоа ја прави неподнослива положбата на целиот народ. Навистина, во првите години по војната политичката атмосфера во бугарска Македонија беше поподнослива. Тоа се должеше на исчезнувањето на шовинистичката треска и на истерувањето или апсењето на старите учесници во теророт.

Но тоа траеше кратко. Набргу темните сили на реакцијата почнаа да се креваат и во 1923 година наполно триумфираа за ужас и несреќа на бугарскиот и на македонскиот народ. Оттогаш во тој крај почнаа црните денови. Ужасите на генералската влада, на која ѝ служеа бандите на „автономистите“, се нижеа еден по друг и покосија безбројни жртви. По 9 јуни во Македонија под Бугарија настана вистински пекол, беа отепани стотици граѓани само затоа што не ја одобруваа противнародната и злосторничка политика на предавниците. Никаква политичка слобода, никакви организации на сиромашниот народ – мрак, мизерија, терор и убиства владееја во несреќниот Петрички крај. И денес никој не знае до каде стигна смртниот кошмар над нашите поробени браќа зашто цензурата и теророт ревносно го прикриваа тоа.

Ова е во општи црти денешната положба на угнетениот македонски народ.

Што се случи со македонското револуционерно движење по европската војна?

Тоа се карактеризира со неколку фази, меѓу кои доминира противнародната организација на Александров и на Протогеров.

Јане Сандански и Димо Хаџи Димов

За време на мировните преговори месното и бегалското население под Бугарија, и покрај уморот и очајот од војната, се раздвижи и го подигна својот глас во заштита на своите права. Во Софија беше формирано Привременото претставништво на бившата ВМРО на чело со Г. Петров, Димо Х. Димов, П. Христов, М. Герџиков и др. околу кое се групира огромното мнозинство од Македонците што живееја во Бугарија. Со еден опширен меморандум Претставништвото се обрати до конференцијата и бараше автономна Македонија. Во истото време старите политиканти Т. Александров, Ал. Протогеров, Каранџулов и др. се обидоа да ја продолжат својата погубна улога; тие го формираа таканаречениот Исполнителен комитет на македонските благотворителни братства, чии членови се броеја на прсти. Овој Комитет побара од конференцијата присоединување на Македонија кон Бугарија. Како што е познато, конференцијата не ги послуша ниту едните ниту другите. Потоа, Привременото претставништво се распадна и од неговата средина изникна Привремената комисија на македонската емиграција, која подоцна се оформи во Македонска федеративна организација и Македонска комунистичка група. Емигрантската организација по легални патишта работеше за осамостојување на Македонија. Плод на нејзината дејност беше создавањето на Обласниот комитет на македонската емиграција со претставници од разните македонски националности. Александров и Протогеров, од друга страна, не престануваа да кројат нови авантури. Веднаш по нивното бегање од затворот, каде што биле затворени како едни од виновниците за војната и катастрофата, тие ги собраа околу себе своите стари другари Ст. Мишев, Гр. Циклев, Славе Иванов и др. и почнаа да ја „обновуваат“ старата ВМРО. Тоа обновување го почнаа со еден таен поход за истребување на сите чесни и видни луѓе од македонските средини, за на тој начин тие да останат единствени „водачи“ на македонскиот народ. Имаше многу жртви на овие злосторнички интриги и по цената на нивната крв тие можеа да ги соберат врховистичките бандити и со нив да ја формираат таканаречената „автономистичка“ организација...

Во 1924 година имаше еден момент кога можеше да се помисли дека во главите на старите организатори на масакрите настанал пресврт и дека тие сакаат да ѝ се посветат на вистинска народна служба. Тоа беа деновите на преговорите со другите балкански револуционерни групи, чиј резултат беше познатиот Мајски манифест од 6 мај таа година. Идеите на тој Манифест, блиски до срцата на сите угнетени Македонци, можеа да ги обединат сите народни сили. За жал, и тоа не доведе до посакуваното обединување за почеток на заедничка борба..., „автономистите“ се откажаа од своите потписи во Манифестот. Како одмазда за убиството на нивниот водач Александров, организираа стотици атентати на учесници на македонското револуционерно движење...

Револуционерното ослободително движење во другите делови на Македонија засега е слабо. Тамошните услови, како и настаните во бугарска Македонија, не дозволуваат една поактивна борба. Меѓутоа, народот е бодар; тој ги чува своите борбени сили и е готов секој момент да се пушти во активна борба. Тој момент не е далеку. И тогаш, српските власти и разбојничките банди на Матковиќ и др., грчките жандарми и разните доксаковци, бугарската фашистичка диктатура и главорезите на Протогеров, Ив. Михајлов и др., и, најпосле, бессовесната и злосторничка империјалистичка дипломатија на големите европски држави – сите тие темни сили на општата реакција, коишто играат јудинско (од Јуда) оро врз ранетата снага на робот и со неговата крв ја ситат бескрајната жед на својата садистичка природа, не ќе можат да го задржат борбениот притисок на поробените.

Македонскиот народ ги чувствува и болките на своите угнетени браќа од целиот Балкан и тој е готов да им ја подаде раката за заедничка борба за извојување на слободата и независноста на сите балкански народи и за нивно обединување во едно заедничко семејство.

Ние сме должни да кажеме дека во таа борба македонскиот народ смета пред сѐ на себеси и на своите поробени браќа од целиот Балкан; тој се надева на поддршка од сите угнетени народи во цела Европа: на крај, тој смета на сите слободољубиви и прогресивни правци во светот и на сите пријатели на угнетените.

И ние, синовите на измачениот македонски народ, со овој реферат се обраќаме кон сите фактори и ги молиме, секој на свој начин, да го кренат гласот за одбрана на нашите несреќни браќа, да извршат притисок за да се подобри нивната положба и да се запрат убиствата и теророт врз невиното македонско население. А тоа ќе се случи кога ќе му се даде слобода и независност на македонскиот народ, рамноправен член на слободна балканска федерација.

   Мај 1925, Македонско народно студентско друштво во Виена



„Македонскиот народ на чело со ВМРО долго се бореше против софиските лажни патриоти и против тие од Белград и од Атина"

Релевантните институции покажуваат неподготвеност да го спроведат долгоочекуваниот попис.

повеќе

Економската стратегија има за цел да се реализираат можностите на дигиталната трансформација, да се зајакне соработката во областа на климатските промени, енергетскиот сектор, човечкиот развој и безбедноста на храната.

повеќе

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе